Градежништвото се стабилизира и во наредниот период се очекува да расте, но во делот на високоградбата и понатаму бележи пад како резултат на намалениот обем на издавање градежни дозволи, претежно поради мораториумот во дел од општините, законските прописи и обесхрабрените инвеститори од ланските лоши резултати во секторот, оценува Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.
– Лошата клима во градежништвото во 2018 година си ја зеде својата цена така што градежните компании сѐ помалку се охрабруваат да влезат во поголема инвестиција увидувајќи на колку пречки наидовме во 2018 година и од институционален и од оперативен аспект. Се надеваме дека со побрзо завршување на мораториумите би се охрабриле и општинските работници и инвеститорите повторно да влезат во циклус на инвестиции – рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.
Во сила се мораториумите на градење во општините Центар, Карпош и Охрид, а како што вели Серафимовски, многу тешко се издаваат одобренија и во Аеродром, иако состојбата се подобрила во последните три месеци.
– Остануваме на ставот како здружение дека процесот е премногу инертен и нетранспарентен и дека ова води кон сѐ поголеми штети на градежните компании. Остануваме и на тоа дека треба да се гради плански, урбано, но сепак тоа е процес што почна во 2017 година, а не е завршен во 2019 година – додаде Серафимовски.
Тој додаде дека мораториумите за градење ги изместиле и вредностите за цената на становите.
– Доколку немаше мораториум, нашата прогноза беше дека цените на добрите станови секаде ќе се зголемат. Со мораториумите за градба, особено за становите во Скопје, се изместија вредностите. Не знаеме што да очекуваме, ќе имаме прогноза кога ќе завршат мораториумите – рече Серафимовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според Регистарот на цени и закупнини, во првиот квартал се продадени 687 станови, непродадени се 5.340 стана, а во тек е градба на 11.322 објекти. Бројот на празни станови, кој се движи меѓу 5.000 и 6.000, е непроменет во последните пет години, а варира кај новоизградените.
Оптимизмот за развој на градежништвото, здружението го темели на податоците од првите два квартала споредено со истиот период од минатата година.
– Податоците нѐ охрабруваат и сметаме дека со помош на донесување добри законски прописи, со продолжување на трендот на објавување јавни набавки по применливи критериуми за градежниците, оваа година би го нормализирале градежниот пазар. Очекуваме дека лошите времиња за градежништвото се зад нас – наведе Серафимовски.
Во првите четири месеци годинава се издадени 977 одобренија за градење, за 18,3 проценти повеќе во однос на истиот период лани кога имало 826. Предвидената вредност на објектите изнесува 13,6 милиони денари и бележи пораст од 7,9 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста на објектите кај високоградбата е намалена за 29 проценти, а кај нискоградбата е зголемена за 19 проценти.
Заклучно со мај годинава се реализирани 13,74 проценти од предвидените расходи по капитални инвестиции. Преку Јавното претпријатие за државни патишта во првите шест месеци од годинава се реализирани 4,43 милијарди денари, за 38,37 проценти повеќе во однос на истиот период лани.
Од здружението исто така ги повикаа институциите при носењето на законите и промената на подзаконските акти да разговараат со засегнатите субјекти пред законот да влезе во Собранието, а не отпосле со амандмани да се кочи донесувањето на законот, бидејќи им е потребен закон што ќе ги поттикнува во работата, а не што ќе ги кочи.
Е.Р.