По убедливата победа на Нова демократија (НД) и нивниот лидер Кирјакос Мицотакис на изборите кај јужниот сосед, голем број на експерти и познавачи на политичките состојби и во Македонија, Грција и во регионот, го отвораат прашањето за иднината на Преспанскиот договор.
Според пишувањата на „Њу Јуроп“, несомнено е дека на новата влада на НД ќе и биде потребно време да се организира во однос на надворешната политика, особено поради чувствителното прашање со Македонија.
Се претпоставува дека владата во доаѓање нема да се согласи со Вашингтон за бенефитите од Преспанскиот договор, тврдења со кои НД постојано не се согласуваше. Очекувано е тензијата околу ова прашање да биде зголемена, особено ако грчката страна ги спроведе ветувањата на Мицотакис од минатата година и се обиде да ги добие отстапките од Скопје кои која било друга грчка влада, освен онаа на Алексис Ципрас, би ги побарала. Треба да се очекуваат и дополнителни тензии со Вашингтон, доколку новата грчка влада привремено ги замрзне билатералните односи со Скопје и побара ревизија на Преспанскиот договор, пишуваат од „Њу Јуроп“.
Во февруари од Кожани, сега новиот премиер Мицотакис порача дека ќе го искористи правото на вето на патот на нашата земја кон Европската Унија, ќе се бори да ги заштити грчките македонски производи и ќе предложи силен развоен план за северна Грција. Еден месец подоцна, лидерот на НД на панел-дискусија на економскиот форум во Делфи, сосема спротивно, посочи дека ќе го почитува меѓународниот договор од Преспа, иако тој воопшто не му се допаѓа.
– Јас правам се што можам за да ја објаснам мојата позиција, сметам дека е многу важно да сфатиме дека постојат суштински чувствителности во северна Грција. Јасно велам дека мојата главна одговорност, исто колку што ме интересира што се случува на Балканот, не реков дека не сакам договор, но мојата главна одговорност, нема да дозволам овој договор да ја дестабилизира Грција, бидејќи ние сакаме да се стабилизира регионот. И постои голема опасност да се случи такво нешто, посебно поради чувствата кои преовладуваат во северна Грција. Тоа е во јадрото на идентитетскиот проблем – потенцираше тогаш Мицотакис.
Голем дел дел од познавачите на состојбите очекуваат искусниот поранешен европски пратеник Јоргос Кумуцакос да го преземе Министерството за надворешни работи, кој во минатото често пати го критикуваше договорот од Преспа, а ветуваше и нови преговори со Македонија и потпишување на нов договор, кој според него, ќе биде ослободен од секаков елемент што го одржува и храни историски неточниот иредентизам на Скопје и опасниот национализам на различни екстремни кругови.
Од македонска страна, допрва треба да се види каков однос ќе има владата на Зоран Заев со новата грчка Влада, имајќи ја предвид соработката на македонскиот премиер со Алексис Ципрас. П.С.