Со проекција на детски анимирани филмови од програмата на Док Лајпциг и два документарни филма во селото Бучимас, сместено непосредно до Поградец на брегот на Охридското езеро од албанска страна, Патувачкото кино на МакеДокс за првпат ги премина државните граници и го направи првиот чекор кон остварувањето на повеќегодишната желба креативната документаристика да ја дисперзира на регионално ниво.
– За нас ова навистина е историски момент, бидејќи по девет години постоење на Патувачкото кино за прв пат имаме проекција во друга држава. Особено ни е драго што таа привилегија ја имаат жителите на Бучимас“, рече Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“, пред љубопитната публика во Бучимас.
Тоа што на прв поглед ни падна во очи е дека детската игра, љубопитноста, начинот на живеење и реакциите на публиката не зависат од поставеноста на државните граници, туку се исти секаде каде што Патувачкото кино досега го има кренато своето филмско платно. Така беше и на 3 јули во Бучимас, каде за радост на 100-тина деца прво имаше проекција на анимирани филмови од програмата Док Лајпциг, а потоа за повозрасната публика следуваа кратките документарни филмови „Љубовта на Кочо Топенчаров“ (1991) на Антонио Митриќески и „Совдагари“ (2018) на грузиската режисерка Тамта Габричидѕе.
Уште еден факт потврдува дека времињата се смениле и, ако на Кочо Топенчаров некогаш му требале 40 години да ја премине албанско-македонската граница, екипата на Патувачкото кино ја минуваше границата за 15-тина минути, благодарение на професионалниот и коректен однос на полицијата и царината од двете страни на границата.
Претходните денови, на 2 јули, жителите на селото Лабуништа имаа можност да присуствуваат на проекцијата на документарниот филм „Станувајќи Златан“ (2015), портрет на шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ, додека забавата за загревање за десетото Патувачко кино се одржа на 1 јули во клубот „Кингстон“ во Струга.
Следните проекции на Патувачкото кино ќе се одржат во Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули) и Пустец (7 јули). Со киното патува и библиотеката со книги собрани со донаторската акција во Скопје.
Особена радост за екипата на МакеДокс е што од 5 до 11 јули на Патувачкото кино ќе им се придружи третата генерација „Докуникулци“, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а за прв пат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години. Партнери на МакеДокс во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград.
Филмската програма на Патувачкото кино на 5, 7 и 10 јули ќе биде збогатена и со проекцијата на документарниот филм „The Way of Clave“, кој произлезе од проектот „Ширење на видици“ (Widening the Lens). „Ширење на видици“ е дел од програмите на Communities Conecting Heritageˢᵐ, кои се финансирани од Владата на САД и управувани од World Learning.
Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.