Критичарите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху долго време го споредуваа со нелибералните националисти како Доналд Трамп и Жаир Болсонаро, и со политичарите кои ја консолидираа нивната моќ за да останат на власт како Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган. Но, за да се разбере способноста на Нетанјаху да ги преживее сите политички притисоци, во момент кога се соочува со обвиненија за корупција и неможност да формира влада, има подобра споредба. Станува збор за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, анализираат од „Форин полиси“.
И Нетанјаху и Вучиќ се лидери на држави кои имаат нерешен територијален конфликт во нивнатите држави. И двајцата ја започнаа политичката кариера како пропагандисти кои научија да ги прикажуваат нивните земји како жртви пред светот. Подоцна, и двајцата ги искористија своите политички способности да го стават политичкиот акцент врз себе, прикажувајќи се истовремено и како жртви и како спасители.
Сепак, вистинската политичка брилијантност на двајцата лидери се состои во нивната способност да го манифестираат наративот на жртва и спасител во нивната лична приказна. Кога Вучиќ ја врати својата политичка важност во Србија, тој брзо излезе со тврдења дека имало луѓе кои сакале да го убијат. Важно е да се каже дека овој став не е целосно неточен, бидејќи Балканот има долга традиција на политички атентати која продолжува и денес.
По преземањето на премиерското столче во 2014 година, Вучуќ започна да го зголемува влијанието врз медумите, кои се почесто пренесуваа дека против него се коваат различни планови и заговори. Таблоидите под неговото директно влијание пренесуваа дека политичките сили се обидуваат да го урнат од власт, убијци го чекаат во заседа и атентатори се подготвуваат да го разнесат со базука.
Слично на неговиот колега од Србија, медиумскиот имиџ на Нетанјаху не е многу поразличен. На 28 февруари, израелскиот јавен обвинител објави серија на обвиненија за корупција против Нетанјаху. Тој брзо одговори дека „ловот на вештерки против него не застанува и дека неговите противници продолжуваат да пролеваат крв против него и неговата сопруга“.
Најуспешните наративни на лидерите како Нетанјаху и Вучиќ е нивната способност да се прикажат самите себеси како политичари кои се прогонувани само поради нивната посветеност кон нивниот народ и желбата за обдрана на нивната нација. Обвиненијата за корупција, непотизам, авторитаризам, во нивните очи, се само алатки користени од нивните непријатели.
Нетанјаху ја користи истата тактика за да го одбие и притисокот од странство. Кога владата на САД изрази разочарување поради тоа што не сакаше да започне преговори со Палестина во 2014, тој рече дека „анонимни лица ме напаѓаат само поради тоа што сакам да ја заштитам безбедноста на Израел“. Неговата лична борба е прашање на национална безбедност, сметаат од „Форин полиси“.
Двајцата лидери можат се фалат со достигнувања на полиња каде популистите се истакнуваат: позитивни макроекономски индикатори, подобрена интеграција во глобалната економија, дипломатски успеси и големи инфрастуктурни проекти. Но, во минатото и двајцата ги користеа своите позиции за да ги еродираат демократските и либералните институции. Тие напаѓаат, притискаат или ги контролираат медиумите за да ги делегитимизираат критичарите, се со цел да ја консолидираат моќта.
Сега Александар Вучиќ и Бенјамин Нетанјаху би можеле да се соочат со пресвртна точка. Кога нападите на институциите веќе не изгледаат како лично жртвување, туку како лична промоција и кога дојде до разотркивање дека работат во лична корист, а не за државата, фасада на жртва и спасител брзо се урива. Овој наратив му овозможи на Вучиќ брзо подем до врвот на српската политика, а му помогна на Нетанјаху долги години да остане на власт во Израел. Но, глумењето жртва нема вечно да ги спасува, завршуваат од „Форин полиси“.