Трамп и Ким имаа историско ракување и едночасовен разговор во демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи
Доналд Трамп стана првиот американски претседател што зачекорил на територијата на Северна Кореја, по историската средба со нејзиниот лидер Ким Јонг-ун во демилитаризираната зона (ДМЗ). Откако се ракуваа пред камерите, Трамп разговараше со Ким околу еден час во ДМЗ, тензичната зона што го дели полуостровот од крајот на Корејската војна, во 1953 година. Двајцата се согласија да формираат тимови за да продолжат со нуклеарните разговори.
Нивниот последен самит пропадна во февруари, без напредок во иницијативата за денуклеаризација во Северна Кореја. Ова е трета средба меѓу Трамп и Ким.
Голем број претходни американски претседатели ја посетиле линијата на примирје, главно за да ја покажат американска поддршка за Јужна Кореја. Но Трамп реши да ја смени оптиката на посетата и двогледот и униформата ги замени со костум. Средбата наводно била договорена откако Трамп го покани Ким на Твитер во саботата. Тие се ракуваа преку демаркациската линија, а потоа Трамп симболично накратко зачекори на севернокорејска територија.
– Добро е да ве видам повторно. Никогаш не очекував да ве сретнам на ова место – му порача преку преведувач насмеаниот Ким на Трамп на средбата што се емитуваше во живо на телевизиите во светот.
Трамп одговори дека тоа било „голем момент“ и „огромен напредок“. Ким, кој изгледаше опуштено, потоа симболично зачекори на територијата на Јужна Кореја и во придружба на Трамп изјави: „Верувам дека ова е израз на неговата подготвеност да го елиминира несреќното минато и да отвори нова иднина“. Двајцата потоа заминаа во зградата позната како Дом на слободата на јужнокорејска страна, каде што одржаа разговори зад затворени врати. Говорејќи заедно со Трамп во ретка изјава за медиумите, Ким рече дека сето ова е симбол на нивната „одлична“ врска. Нарекувајќи го нивното пријателство „особено големо“, Трамп рече дека тоа е „одличен ден за светот“ и дека тој е „горд“ што ја преминал линијата меѓу двете Кореи. Подоцна Трамп рече дека го поканил Ким да ги посети САД.
Дописничката на Би-би-си од Сеул, Лора Бикер, вели дека на новинарите им било кажано да очекуваат двеминутно ракување и кратка средба, но двајцата лидери останале повеќе од еден час. Според Бикер, Трамп испишал историја, среќавајќи се со Ким во ДМЗ. Но, како што нагласува таа, наспроти добрите лични односи меѓу Трамп и Ким, сето тоа не значи дека тие се блиску до постигнување договор. Трамп го поканил Ким во Белата куќа, а Ким му одговорил дека „кога ќе дојде вистинското време“ и тој би сакал Трамп да го посети Пјонгјанг. Според Бикер, поканите за посета треба да ѝ покажат на јавноста дека нешто се случува меѓу двајцата водачи, но ако нема согласност околу деталите од договорот, прашање е каква ќе биде позицијата на двајцата по една или две години.
Целта на преговорите со Северна Кореја е да се убеди Ким да се откаже од контроверзната нуклеарна програма. Тие го достигнаа врвот лани, кога Трамп и Ким имаа историска прва средба во Сингапур. Двајцата се обврзаа за „целосна денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров, но не разјаснија што точно значи тоа. Во меѓувреме се зголемија надежите дека нивниот втор состанок во февруари во Ханој ќе даде конкретен договор за откажувањето на Северна Кореја од нуклеарната програма во замена за олеснување на жестоките санкции. Меѓутоа тие разговори завршија без договор, бидејќи двете страни не успеаја да се договорат околу темпото на олеснување на санкциите. Оттогаш преговорите запреа, иако Ким и Трамп неодамна си разменија писма.