Потребно е да се стимулираат малите семејни бизниси од иновативен карактер, кои традиционално ги имаме во различни региони, преку производство на различни продукти, препознатливи само за тоа поднебје, како мед, грозје, тутун, разни алкохолни или безалкохолни пијалаци, маџун, мармалад, чаеви, мелем, зачини, сушено овошје, сирење…
Земјоделскиот сектор константно го следат разни проблеми, а во медиумите честопати се пишува за тешкотиите и за незадоволството на земјоделците од откупните цени. Упатените објаснуваат дека проблемите најчесто произлегуваат од тешкотиите што домашните извозници ги имаат при воспоставување контакт и соработка со некој од големите трговски синџири за откуп и продажба на свежо овошје и зеленчук, зашто тие обично целат кон големи пазари и потребни им се големи количества. Бидејќи Македонија не може да биде конкурентна на странските пазари со стабилни големи количества земјоделски производи, упатените велат дека наша предност се ексклузивниот вкус, изглед и хемиски состав на производот, кои може да бидат валоризирани.
– Во таа насока, потребно е да се стимулираат малите семејни бизниси од иновативен карактер, кои традиционално ги имаме во различни региони, преку производство на различни продукти, препознатливи само за тоа поднебје. Посебно продукти како мед, грозје, тутун, разни алкохолни или безалкохолни пијалаци, маџун, мармалад, чаеви, мелем, зачини, сушено овошје, сирење – вели Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.
Една од главните причини за ниско и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделските стопанства и фрагментацијата на парцелите, појаснува Ристовски. Поголемиот дел од производителите се во сопственост на голем број мали земјоделски стопанства, кои не се способни да генерираат доволен приход за пристоен стандард на живеење и инвестиции во развојот на производството.
– Една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика, чија основна цел е да се консолидира и да се регулира земјоделското земјиште. Се наметнува потребата да се поттикне консолидацијата и да се пушти во употреба запуштено приватно и државно земјоделско земјиште, кое не е во функција на земјоделско производство. Само на тој начин ќе се создадат предуслови за одржување на земјоделското производство и задржување на луѓето, особено помладата популација во руралните средини – велат од Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ додаваат дека е неопходно подобрувањето на комуникацијата на земјоделските производители со пазарот како предуслов за зголемување на конкурентноста. Проблемот во Македонија е меѓусебната неповрзаност на производителите, како и недостигот од организација на нивниот заеднички настап на пазарот.
– Неопходна е подобра комуникација меѓу граѓаните и производителите, а со подобра инфраструктура ќе се овозможи поголема комуникација меѓу двете страни. Потоа формирање структури, кои би се занимавале со организација на маркетингот и организација на производителите за полесно складирање, пакување и пласман на производи кај големите трговци, кои бараат големи количества земјоделски производи со воедначен квалитет. Исто така и прехранбената индустрија треба да се приспособи на зголемените очекувања на потрошувачите во однос на квалитетот и здравствената безбедност и да изгради производи што ќе бидат препознатливи на пазарот со разни меѓународно признаени системи за етикетирање производи, како што се географско потекло, бренд, еколошки производи итн. – појаснува Ристовски
Од комората предлагаат да спроведуваат промотивни кампањи при ставање нови или редизајнирање на постојните производи, но и промоција на оригинални македонски производи. За да се подобри пласманот на домашната прехранбена индустрија, неопходно е да се спроведат информативни кампањи за домашните и меѓународно прифатените стандарди и системи за контрола на квалитетот и производи за здравствена заштита и да се зајакнат започнатите процеси на реструктурирање со посилна промоција на производите преку туристички понуди.
– Важноста на заштитата и регистрирањето на името на земјоделски или прехранбен производ како заштитена ознака за потекло, заштитена географска ознака или загарантиран традиционален специјалитет, во Македонија сè уште не е доволно признаена и препознаена од потрошувачите или од производителите. Несомнено заштитените производи имаат додадена вредност. Притоа, треба да се истакне дека на пазарот постојат потрошувачи што се подготвени да платат поголем износ за заштитени производи, но сепак, постои недоволно познавање на ознаките на производите и нивното значење. Производителите на заштитените производи главно ги продаваат своите производи на специјализирани саеми, во помали специјализирани продавници или директно „на прагот“ како причина за ниското ниво на познавање на производите – објаснуваат од комората.
Активности во насока на унапредување на заштитените производи и нивното значење се клучните фактори за зголемување на побарувачката на заштитениот производ, а со тоа ќе се генерира поголем интерес кај домашните производители да произведуваат вакви производи.
Покрај тоа, производителите што учествуваат во постапките за оцена на сообразност на производите со спецификацијата на производот и на пазарот на производи чие име е заштитено како заштитена ознака на потекло, заштитени географски ознаки и традиционални обележја, сѐ уште не се доволно запознаени со обврските што произлегуваат од учеството во системот.