Глигор Стефанов, скулптор
Гледам дека светот не е многу заинтересиран за Балканот и за Македонија, туѓо му е сето тоа, има докази и на политички и на културен план, но во секој случај имав желба да го изнесам она што е наше, традиционално, локално, вели скулпторот Глигор Стефанов, автор на изложбата „Грабење во просторот“ отворена во МСУ
Што беше иницијално за да работите со материјали од природата (тутун, слама, памук, гранки од лозница) во 1980-тите години, кои и сега ги користевте при оформувањето на ретроспективната изложба „Грабење во просторот“ во Музејот на современата уметност?
– Би рекол дека беше алтернативно, авангардно во тој период користењето на таквите материјали, но јас за тутунот бев заинтересиран како студент, односно уште во детството. Ме интересираше принципот на негово денчење, што овде и го покажав, односно начинот на кој се врзува во денки или бали, како што ги нарекуваме. И самите низи со тутун ми дејствуваа многу инспиративно, тука изложив и една од последните работи што ги создадов како студент од материјали што ги наоѓав, односно од денките и јута со кои развивав нешто околу низите. Мојот прв циклус што го развивав тогаш беше „Низи“, а на градскиот плоштад во Кавадарци во 1981 година изнесов три објекти, скелиња тутун, создадени всушност под инспирација од него. Четвртиот требаше да биде со вистински тутун, а требаше да се одржи и перформанс со нижење тутун, но тогашните општински власти не го дозволија тоа, затоа што сметаа дека ќе биде „премногу“.
Какви беа реакциите?
– Најлоши што може да бидат. Општината до некаде даде дозвола, но потоа видоа дека реакциите беа лоши, но не само тие, и најдобрите мои колеги, пријатели, луѓето што ми помагаа, сите се повлекоа кога видоа како се реагираше на делото. Овде има и една приказна. Делото беше поставено на плоштадот на 1 август 1981 година, а јас дипломирав на 27 јуни истата година, на Академијата за ликовни уметности, отсек вајарство, во Белград. Еден од професорите при поздравувањето ми рече дека ќе се видиме за десет години, јас во тој момент не го разбрав, но враќајќи се со воз во Кавадарци, размислувајќи, сфатив дека тоа значеше дека кога ќе се вратам дома, каде што бев долги години отсутен, ќе ми треба толку време за да направам ателје, да создадам триесетина дела и по десет години најверојатно да направам изложба во Белград. Си реков дека нема да биде така и кога стигнав во Ниш одлучив што ќе правам. Се симнав во Неготино, отидов кај еден грнчар и побарав да ми каже каде ги фрла скршените бардаци што не му требаат. Зедов такви бардаци од една нива, најдов јута и други работи и ја направив инсталацијата на градскиот плоштад. Не сакав да изложувам во галерија, туку на место каде што се собираат сите. Цело Кавадарци беше со скелиња тутун на улиците, но кога го изнесов тоа на плоштадот како да им ставив огледало на луѓето, гледајќи се себеси тие не сакаа да се видат такви. Реагираа на нашата традиција, не можеа да го примат тоа до тој степен, што на пример татко ми цел месец не поминуваше низ плоштадот за да оди на пазар. Сите се одрекоа, но имав среќа тоа да го прифати Музејот на современата уметност во Скопје, а позитивно реагираа и тогашните загрепски и белградски весници, меѓу кои и весникот НИН, кои објавија и фотографии од инсталацијата. Реакцијата беше локално многу негативна, а од друга страна многу позитивна.
Тоа ви беше знак дека сте на вистинскиот пат?
– Да, дури ми беше жал што инсталацијата не можев да ја реализирам во Белград или во Загреб. Целата моја студентска генерација беше наклонета кон некои нови струења, а јас на крајот на студиите не ни сакав веќе да работам фигури, туку да се занимавам со низите. На ретроспективата во МСУ сега меѓу другите е и триптихот „Линеарна интервенција“, кој беше изложен и награден во домот „25 Мај“ во Скопје, а беше и на изложба и во Загреб и Белград, во тие два града каде што иако немаше многу уметници што се занимаваа со простор и со материјали како мене, имаше подобра подлога за прифаќање на моите дела.
Раниот спој со природата, со енергиите од земјата и од небото, го има и во вашата втора творечка фаза поврзана со христијанството, но не ве загрижува ли трајноста на материјалите што ги користите, тие не се како мермерот?
– Во детството имав среќа да растам, од една страна во занаетчиско, а од друга во земјоделско семејство, а токму од тој период најмногу и се црпи енергија. Сфатив дека детството е непресушен извор, би сакал да бидам како дете креативен, но не можам да го достигнам тоа ниво, секогаш имам чувство дека се однесувам тинејџерски кон работите. Се впуштам понекогаш многу љубопитно и премногу емотивно и не се жалам себеси, одам со тинејџерски ентузијазам. Од друга страна, сакам да работам експресивно и дела во големи формати, но не и дела во камен или бронза, тој процес ми е бавен. Сакам брзо, експресивно, веднаш да го видам резултатот. Од почетокот на претставувањето на моето творештво во оваа галерија имав став дека тука ќе го покажам она што можам да го направам и ќе им оставам место на другите. Не сакам да имаме илјадници споменици наоколу и да го задушиме просторот и да не оставиме место за другите. Привремениот карактер ми е еден од моите ставови кон скулптурата, но и што е перманентно на крајот на краиштата? На оваа изложба има скулптури од слама што се зачувани по триесетина години без никаква конзервација, во најнормални услови. Моите акции, интервенциите секогаш ми го изразувале моменталното расположение, мојата емотивност. А трајноста повеќе е поврзана со комерцијалниот карактер.
Живеете во Виндзор во Канада, имате ли таму изложено ваши дела во јавни простори или во галерии?
– Не, по учеството на Венециското биенале во 1993 година, каде што ја претставувавме Македонија со Петре Николовски, на некој начин и официјално се повлеков, се пензионирав, занимавајќи се со сосема друга активност, со иконописање. Меѓутоа, до 2005-2006 година, повремено имав до три изложби годишно, каде што спаѓа и палењето скулптури на локалниот фестивал „Фаренхајт“ во Виндзор. Правев и неколку интервенции на дрвјата, гнезда, од кои две-три имам во Америка, неколку во Канада, но тоа повеќе инцидентно, активно не се занимавав со уметност. „Грабење во просторот“ е ретроспективен поглед на она што го работев во 1980-тите. Изложено е меѓу другото и ново летало од слама, со нов облик, но комплетно е задржана поетиката од тие години. Секогаш се трудам просторот каде што изложувам да не го разубавам, туку да му дадам нов живот, како и на материјалите од кои се изработени делата.
Ве нарекуваат и енвироменталистички уметник, денес тоа не е ништо невообичаено, но имате ли чувство дека кога се појавивте сте биле пред времето на овие простори во разбирањето на врската меѓу уметноста и природата?
– Кога се зборува за уметност, најчесто се мисли на некое разубавување, но кога ќе се видат денките, јутата во моите дела, гледам дека можеме да зборуваме за поетиката на грдото, а не на убавото. И беше тогаш тоа одредена храброст. Кога ја имав инсталацијата во центарот на Кавадарци бев единствениот дипломиран скулптор во градот и кога поднесов молба во училиштата да бидам наставник, секретарот ми ја фрли и ми рече: „Сакаш да ги учиш децата да кршат бардачиња овде?“ Со таков негативен набој, тоа што правев и беше храбро. Никогаш не бев член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, конкурирав, а ме одбија, слушнав дека скулптурите ми ги шутирале по подот. Тоа тогаш беше еден затворен круг, пред мене беше уметникот Драган Петковиќ, кому на оваа ретроспектива му посветив слика како и на други мои починати колеги. Петковиќ беше неколку години пред мене, а тој имаше и поголеми проблеми од мене. Ние сакавме да кажеме нешто, да направиме, имавме чувство дека правиме некоја локална револуција, но не само во ликовната уметност туку такво расположение постоеше и во музиката, во драмата со „Леб и сол“, со Горан Стефановски… Мене, а мислам и на многумина други ни беше дојдено прекуглава од тоа дека сѐ во земјава се случуваше со задоцнување од две-три години, особено во ликовната уметност. Се случуваше многу уметници да одат на специјализација во Лондон, во Париз, година-две, па потоа да ни ја донесат нивната изложба овде. Јас бев многу возбуден од тоа дека ние од овде треба нешто да изнесеме, да му покажеме на светот. Сега, со искуство од триесет години, гледам дека светот не е многу заинтересиран за Балканот и за Македонија, туѓо му е сето тоа, има докази и на политички и на културен план, но во секој случај имав желба да го изнесам она што е наше, традиционалното, локалното. Кога зборуваме за слама, памук, за мене е исто како да зборуваме и за фолклорната музика. Едноставно, многу ме интересираа и денес ме интересираат менталитетот и сензибилитетот на ова поднебје, на нашиот народ. Но не мислам само политички за овие две-три години, ме интересира ако можам илјадници години наназад да видам што е вистината на ова поднебје.
Тешка ли е борбата во Канада да се работи иконопис, да се слика во црквите, имате ли конкуренција?
– Да, многу потешка од тука. Морам многу да се борам зашто конкуренцијата е многу голема. Во Северна Америка секој сака да добие работа, и Украинци, и Руси, и луѓе од целиот Балкан, православни, дури честопати конкуренција ми се и Кинезите. Конкуренцијата е голема, не само со квалитет туку и со цена и со други работи. Некогаш некои цркви отворено бараат тој што иконописува да е од нивната националност, па макар тоа што ќе го направи да биде и трипати полошо. Патот е многу трнлив и несигурен. За среќа, јас десетина години секогаш имам пет-шест цркви на кои истовремено работам, а зависам исклучително од донатори.
Од кога всушност работите иконопис?
– Се заинтересирав за иконите со моето одење во Англија, каде што поминав едно време во манастир и ги обучував монасите да работат резба, а тие мене икони. Како што ми се развиваше религиозноста, ми се зголемуваше интересот за иконите. Но кога бев студент во прва година еден професор ми го сврте вниманието на иконите од Охрид, а јас тоа тогаш го гледав како уметност, бидејќи правам голема разлика што е уметност, што е иконописание и што е сликарство. Убаво е кога луѓе како Рубљов или како Михајло и Евтихиј се истовремено и уметници и добри сликари и иконописци. Меѓутоа, додека бев студент и млад уметник одев во црквите и манастирите и гледав пред сѐ сликарски композиции, убава уметност, но тогаш духовно не бев многу заинтересиран тоа да го гледам како икона што пред сѐ има своја литургиска, образовна или друга намена. Ги гледав иконите чисто како уметнички дела. А мојот однос потоа се промени, не ја гледам веќе иконата како дело пред сѐ со уметнички вредности туку сакам да го претставам светецот онака како што ние го славиме, односно да го развијам тој прототип за да поттикне кај верникот молитвено расположение, свесност, да има библиска образованост и да биде сето тоа во служба на литургиското живеење. Никогаш не сум студирал сликарство, туку скулптура, не сум вешт сликар, јас цртам со вера. Целиот процес на иконописување е молитвен и без да се живее во тој ритам и без да се моли со целото свое тело и битие, не може да се црта. Тоа е и докажано.
Колку христијанскиот начин на живот и иконописувањето како на авангарден уметник од оваа земја сега ви се нормален дел од животот?
– На почетокот тие две работи не одеа заедно, јас не можев да ги разберам и размислував дали се конфликтни. Ми требаше период духовно да созреам, да го разберам и примам тоа, и затоа не бев ни активен на ликовната сцена. Сега веќе не ми пречи, ги разликувам работите и можам паралелно да ги правам. Мислам дека во изминатите триесет години на некој начин го водев патот на мојата внатрешна борба, на духовен живот, за да дојдам до некои работи за кои сега сум свесен и не би можел да живеам на друг начин од оној што го живеам со години: со утрински и вечери молитви, со читање соодветни книги или често со духовни помошници. Јас никогаш не сум имал директно свој учител, меѓутоа сите околности што ги имав беа такви за тоа да ми стане нормално живеење. Заминав од Македонија најмногу затоа што бегав од себеси, а тука можев да избирам што да работам во тој период, но имав внатрешен револт, немир што ме наведе да одам во Англија.