Кон крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години на минатиот век во земјава се доселиле неколку унгарски музички и балетски имиња, кои тука ја продолжиле кариерата
„Унгарските музички уметници на македонската културна сцена“ е насловот на истражувањето спроведено во изминатиов период во Македонија, кое според најавите во текот на септември треба да биде објавено во соодветна публикација. Податоците до кои дојдоа истражувачите: Елени Новаковска, Александар Трајковски, Соња Здравкова Џепаровска, Јулијана Папазова и Весна Малјановска (автори на стручни трудови од областа на музиката, балетот и телевизискиот медиум), веќе беа презентирани на Универзитетот за аудио визуелни уметности ЕФТА-Скопје, а истите тие нудат впечатлива слика за повеќедецениската застапеност на унгарските уметници и унгарската музика во земјава. Проектот го поддржа унгарската амбасада во земјава, а идејата за него, како што посочува Весна Малјановска, претставува надоврзување на соработката помеѓу Македонската телевизија и Унгарската заедница во Македонија од која произлегле и неколку документарни емисии. Последната емисија се однесува на Унгарците во Македонија и е поделена со три наслови: ,,Универзален гениј“, посветен на пијанистот Ладислав Палфи, „Белиот лебед“, на балетскиот солист Јован Пашти и „Безвремениот корепетитор“, дел посветен на диригентот Ладислав Перлдик.
– Во таа емисијата имаше и податоци за други унгарски уметници кои во 50-тите години од минатиот век се доселиле и работеле на територијата на Македонија, а тоа беше доволна појдовна точка оваа тема да се обработи и да се види колкава е нивната застапеност и кои унгарски уметници се претставиле во концертните програми на македонските институции и на фестивалите – укажа Малјановска. Тимот добро соработувал, но пристапот до недигитализираните податоци во институциите им претставувал проблем во брзината на нивното собирање. Елени Новаковска укажува дека соодветен проблем при истражувањето претставувало и пронаоѓањето на податоците за концертите во кои учествувале унгарските уметници, особено во раните години на формирањето на државава бидејќи во тогашните весници немало рубрики од областа на културата, а уште помалку и професионален кадар, кој би можел да ги рецензира одржаните концерти. Монографските податоци за одредени институции биле без прецизни библиографски единици.
Податоците говорат дека кон крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години на минатиот век во Македонија се доселиле неколку музички и балетски имиња, кои во неа ја продолжиле кариерата, и тоа во период на формирање на музичко-балетските институции. Целокупното истражување ќе биде објавено во наредниот период со податоци и анализи за застапеноста на музичките и балетски унгарски уметници. Станува збор за уметници што се доселиле и ја граделе својата кариера во Македонија како Палфи, Перлдик и Пашти и уметници што учествувале на македонската концертна сцена по покана од организаторите.
– Ладислав Перлдик е првиот Унгарец што се јавува како диригент на македонската оперска сцена. Тој во 1953 година ја поставува и диригира со премиерата на операта „Еро од оној свет“, а покрај неа, диригира и со други опери од тековниот репертоар. Она што е особено важно и треба да се истакне е дека Перлдик на сцената на Националната опера не настапува како гостин, туку тој овде во континуитет дејствува долги години, давајќи голем придонес во изградбата и развојот на македонската оперска сцена и како хор мајстор, но и како корепетитор, исто како и Ладислав Палфи, чие име се поврзува како корепетитор уште на првите поставени опери во 1948 година, како „Палјачи“, „Тоска“, „Травијата“ итн. – истакна Александар Трајковски.
Што се однесува до гостувањето на унгарските оперски уметници на сцената на истата оперска куќа, Трајковски истакнува дека во текот на 70-годишниот историски развој, таа била домаќин на многу од нив, развивајќи ја и негувајќи ја културната соработка помеѓу Македонија и Унгарија. Сепак, според него, највпечатливата соработка може да се забележи во рамките на „Мајските оперски вечери“, каде што гостуваат како што и напоменува, извонредни оперски уметници, како што се: Каталин Селегери, Жужа Мисура, Иштван Андрејчик, Каталин Месеј и др. Во некои од овие изданија се случувало оперите да бидат изведувани со комплетна солистичка екипа од оперските куќи на Будимпешта и Сегедин, како на пример во 1982, 1987, 1998 година итн.
Истражувањето содржи и податоци за присуство и за настапи на унгарски танчари во Балетот, гостувања на танцови групи, унгарска музика на репертоарот. Меѓу нив е и Јован Јанош Пашти. Запрашана за неговото влијание, но и за влијанието воопшто на унгарскиот танц врз развојот на танцот во земјава, Соња Здравкова Џепаровска истакна дека Пашти е еден од носителите на целиот репертоар во годините на конституирањето на македонскиот балет, што само по себе значи огромна одговорност.
– Пашти како носител на насловните улоги го моделираше естетскиот ракурс на изведба во првите години на Балетот. Тој беше прв изведувач и сите подоцнежни компарации со други исполнители беа споредба со неговите креации. Публиката го виде во најреферентните класични дела: во улогата на Франц во „Копелија“, Дезире во „Заспаната убавица“, Алберт во „Жизел“, Зигфрид во „Лебедово езеро“. Но тој бил еднакво сугестивен во својата изведба во националниот балет „Охридска легенда“ како Марко, но и како Франц во „Унгарска рапсодија“, кој го изведувал со особен емоционален набој и изразен стил. Освен тоа, судејќи според критиките публикувани во дневниот печат, Пашти бил извонреден партнер, кој поставил високи стандарди од самиот почеток и во овој дел од изведбата. Емоционален, маркантен тој оставил силна трага во македонската балетска историја. Аналогно на тоа влијанието на унгарската култура претставена преку делот на Пашти е особено значителна во овој прв период – вели Здравкова Џепаровска.
Во врска со застапеноста на унгарските уметници и на унгарската музика во музичката и документарната програма на Македонската телевизија (МТВ), Весна Малјановска посочува на податоците од архивата во овој прв телевизиски медиум во земјава и на фактот дека во првото поцелосно програмско остварување со наслов ,,Балетски концерт“ од 13 мај 1961 година емитувано во живо од белградското студио, учествувале балетските солисти Јован Пашти и Елпида Паковска.
– Во првите години на своето постоење МТВ во своите студија снимала програма како со домашни, македонски уметници така и со гости од страна. Еден од најзастапените уметници во тоа време бил пијанистот Ладислав Палфи, кој покрај тоа што работел како солист многу често ги придружувал и тогашните музички уметници како обоистот Киро Давидовски и оперските пејачи Милка Ефтимова, Гога Трајанов, Георги Божиков… Од овој период постојат неколку емисии со наслов „Минијатури“, кои се снимени во почетокот на 70-тите години од минатиот век. За жал, поради неисправноста на дел од компјутерскиот систем не бевме во можност ни да ги видиме, а ниту да ги анализираме податоците од емисиите. Единствен податок засега се податоците од картотеката на Редакцијата за класична музика. Се надеваме дека во иднина ќе се преземат мерки овој материјал да биде дигитализиран, а со тоа да стане достапен и за гледачите и за оние што сакаат нешто повеќе да знаат за телевизијата и музиката на телевизијата. Го анализиравме и учеството на унгарските уметници во емисиите на МТВ. Најчесто станува збор за емисии што се преземени од фестивалските изданија како „Охридско лето“, „Скопско лето“, фестивалот „Синтезис“, потоа емисии од концертите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет. Овие емисии потврдуваат дека унгарските уметници што досега се снимени за МТВ нудат квалитет што засекогаш ќе остане во нив и евидентиран – вели Малјановска.