Малку мексикански икони уживале поголемо признание од сликарката Фрида Кало. Само гласот се чинеше како да ѝ е осуден на заборав, до моментот кога Националната музичка библиотека на Мексико не ја објави радиоснимката на која уметницата рецитира фрагменти од „Портрет на Диего“, текст што го напишала во 1949 година за својот сопруг, сликарот Диего Ривера. Мексиканската влада го најави откритието со претпазливост бидејќи студиите сугерираат дека на снимката е гласот на Фрида, но не се во можност да го потврдат тоа.
– Тоа е наод што има многу елементи што може да се идентификуваат како веројатен глас на Фрида Кало, но тоа не е 100 отсто сигурно – изјави министерката за култура на Мексико, Алехандра Фраусто.
Павел Гранадос, директор на националната музичка библиотека „Фонотека“, тврди дека снимката, која е пронајдена во јануари, заедно со пилот-програма на познатиот мексикански водител Алвар Галвез Фуентес, која датира од 1953 или 1954 г., непосредно пред смртта на Диего Ривера на возраст од 47 година поради гангрена и депресија.
На снимката, која трае помалку од две минути, млад, пробивно јасен глас, преполн со енергија, рецитира за Ривера: „Тој е големо дете, ненадминливо, со пријателско лице и тажен поглед. Неговите испакнати, темни, многу интелигентни и големи очи е тешко да се задржат поради отечените капаци, кои стрчат како жаба“.
Гранадос рече дека снимката им ја дал на луѓе што ја познаваат мексиканската уметница и дека резултатите биле мешани. Некои го препознале гласот на Фрида, а други биле сомничави. Истрагата ќе продолжи, а Гранадос вели: „Гласот на Фрида е голема енигма… тоа е постојана потрага од почетокот на ’Фонотеката‘“.
Фрида Кало, интригантната хероина, жена и сликарка е родена на 6 јули 1907 г. во сопствениот дом „Сината куќа“, во едно предградие на Мексико Сити. Самата Фрида тврдела дека е родена на 7 јули 1910 г., поради почетокот на Мексиканската револуција истата таа година. Сакала почетокот на нејзиниот живот да биде поврзан со почетокот на модерно Мексико. Кога имала шест години се разболела од детска парализа, што довело до трајни деформации на нејзините стапала и нозе, што како адолесцентка го прикривала со панталони, а подоцна со долгите здолништа, инспирирани од мексиканските народни носии, кои заедно со нејзините долги, споени веѓи станале нејзин заштитен знак. Лошата среќа ја следела и кога имала 18 години и доживеала една несреќа, која едвај ја преживеала. И покрај многуте операции и психичката болка, Фрида продолжила да слика. Во сликањето таа ја пронаоѓала силата да продолжи со животот, иако ги користела и дрогите и алкохолот за да ја ублажи физичката болка. При крајот на 1920-тите, го запознава Диего Ривера, мајсторот на ѕидното сликарство. По неколку години, таа им се приклучила на редовите на Комунистичката партија и се омажила за идолот од својата младост.
Бракот бил исполнет со љубов, афери, креативни инспирации, омраза, а на крајот завршил со развод во 1939, и повторен брак во 1940 година. И покрај многубројните афери, Диего ја поддржувал Фрида на многу начини, ги сакал нејзините дела и бил најголемиот обожавател на нејзината уметност. За возврат, Фрида била најверната критичарка на делата на Диего и љубовта на неговиот живот.