Партиите во 19 век траеле и до 14 часа, па прво се вовеле песочните часовници. Првиот специјализиран шаховски часовник бил употребен во 1883 година, 90 години подоцна бил измислен дигиталниот, а потоа Фишер го осмисли временскиот бонус, денес составен дел на сите турнири

Во првите години на 19 век натпреварувачкиот шах траел многу долго, партиите се одолжувале од осум до 10 часа, а шахистите често биле преисцрпени. Најдобар пример за тоа била партијата помеѓу Хауард Стаунтон и Пјер Амант во 1843 година, која наводно траела дури 14 часа. Се случувало, шахистот што имал очигледно загубена позиција да ја одолжува партијата до недоглед и да го заморува противникот. Сепак, трпението траело до еден турнир во Лондон во 1851 година, кога помошникот на судијата, ограничувајќи го бројот на потези во партијата помеѓу играчите Вилијам и Маклуис, запишал дека партијата останала недовршена, оти двајцата противници заспале.
Со време организаторите на шаховските турнири почнале да настојуваат да го намалат темпото на играње, што би било добро за шахистите и за гледачите. Па, така, прво биле користени песочни часовници, а тие што предвреме ја ќе напуштеле партијата или ќе го потрошиле своето време за размислување, а не загубиле, морале да платат парична казна.

Од 1880 година почнале да се појавуваат механички шаховски часовници. Многу модели содржеле мало знаме на часовникот, кое паѓало кога времето на играчот било изминато. Првиот специјализиран шаховски часовник го изработил британскиот инженер и љубител на шахот Томас Брајт Вилсон, а такви часовници првпат биле употребени на шаховскиот турнир во Лондон во 1883 година.

Пронаоѓањето на шаховскиот часовник, сепак, го спаси класичниот шах, испраќајќи ги дотогашните 10-часовни партии во минатото. Но шаховските часовници не се менувале многу брзо, до 1973 година, кога првиот дигитален шаховски часовник бил измислен од студентот на универзитетот „Корнел“, Брус Чејни.

Не само што дигиталните часовници беа попрецизни од аналогните, тие, исто така, можеа да бидат програмирани, додавајќи простор за креативност во играта на таблата. Во таа смисла, најпознат е часовникот патентиран во 1988 година од 12-от светски шаховски првак и, според многумина, најдобриот шахист на сите времиња, Американецот Роберт Фишер, кој додаде мало количество временски бонус на часовникот за двајцата играчи, по секој одигран потег. Фишеровиот бонус оттогаш стана составен дел од турнирите во светот, а подоцна и на шахот во живо преку интернет. Тоа значеше дека времето остана важен фактор во играта, но шахистот во чиста победничка позиција нема повеќе да ја губи партијата само затоа што нема време за физички да го оствари планираниот потег.

Денес токму дигиталните часовници им овозможија на шахистите да играат цели партии за неколку минути, односно т.н. партии со забрзано (25, 15, 10 минути) и со брзо темпо (пет и три мин), со дополнителен бонус од неколку секунди по секој одигран потег, па дури и да се организираат и светски првенства со вакво брзо темпо.

Денес има и такви часовници, кои се користат кога се игра во живо на интернет и не мора да се притиска на копче. Доволно е да се одигра потегот и противничкиот часовник на противникот веднаш почнува да ги одбројува секундите. Има и часовници што може и да ги предупредат со звучен ефект или анимација шахистите, кога сопственото време им е при крај или имаат на пример помалку од 10 секунди до крајот на партијата. 


Панчевски: Да се игра со пократки временски контроли

За сериозна партија, неопходен е шаховскиот часовник, бидејќи во спротивно некој од играчите ќе може да мисли неограничено долго, како што имало случаи во минатото. Според мене, единствена иновација што би ја зачувала сериозноста на шахот како спорт, а, сепак, да се направи многу поинтересен за гледање, е да се игра со пократки временски контроли, вели македонскиот интернационален мајстор и репрезентативец, Филип Панчевски.