И додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп изминатите денови ги потопи и оние минимални шанси за барем почетно зближување на ставовите со иранските власти, а Европската Унија со својата јалова надворешна политика, парализирана од стравот од американски санкции, не знае што да прави за прашањето за Иран, со кого би сакала да одржува трговски односи, ситуацијата многу успешно ја користи Москва

Русија и Иран сѐ повеќе ги зацврствуваат меѓусебните односи, додека, пак, ситуацијата на Блискиот Исток сигнализира дека Техеран и Вашингтон се далеку од намалување на тензиите. И додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп изминатите денови ги потопи и оние минимални шанси за барем почетно зближување на ставовите со иранските власти, а Европската Унија со својата јалова надворешна политика, парализирана од стравот од американски санкции, не знае што да прави за прашањето за Иран, со кого би сакала да одржува трговски односи, ситуацијата многу успешно ја користи Москва. За тоа доволно говорат и повеќето договори од областа на енергетиката, што во понеделникот ги потпишаа руска и иранска делегација, дел од заедничката работна група за енергетска соработка на двете земји, пренесува порталот „Геополитика“.
Иранската новинска агенција „Шана“ објави дека потпишаните документи се однесуваат на повеќе области – нафта и природен гас, атомска енергетика и електрична енергија. Договорите беа потпишани во пресрет на 15-от едноподруго состанок на руско-иранската меѓувладина комисија за трговско-економска соработка, која во вторникот се одржа во иранскиот град Исфахан.

Средбите помеѓу високи државни функционери, и од Русија и од Иран, многу зачестија изминатите месеци и стануваат сѐ поконкретни и попродуктивни, обратнопропорционално со влошувањето на американско-иранските односи. Претседателите на двете држави, Владимир Путин и Хасан Рохани, пред неколку дена разговараа во рамките на самитот на Шангајската организација (ШО) во Бишкек, при што Техеран доби целосна поддршка од Путин за својата надворешна политика. Уште повеќе, Путин го посочи Техеран како најважен регионален сојузник во борбата против тероризмот, а исто така ги пофали Иран и Турција за соработката во однос на прашањето за Сирија. Сето тоа се случува во период кога драматично се заоструваат американско-иранските односи, особено по нападот врз два танкера за нафта во Оманскиот Залив, за кои Вашингтон не чекаше многу и официјално да му ги припише на Иран.

Повеќе од очигледно е, како што оценува „Геополитика“, дека со иранската проблематика и конечно се исцртува новата геополитичка поделба на светот на Исток и Запад. Сирија беше само вовед за оваа поделба – полигон за одмерување на силите и тестирање на одлучноста помеѓу Москва и Вашингтон, исто како што тоа претходно беше и Украина. Меѓутоа, Иран има поголема специфична политичка тежина во однос на тие две земји, не само поради своите големи енергетски ресурси и влијание на светскиот пазар на нафта, туку и поради неговото големо политичко влијание на поширокиот регион на Блискиот Исток. Но, можеби, најмногу и поради тоа што за разлика од Сирија и од Украина, во иранското прашање, покрај САД и Русија како спротивставени страни, активно е вклучена и големата Кина – се разбира на страна на Москва и на Техеран. Па, така, кога односите на силите се поставени на таков начин, јасно е дека ќе претстои долгорочно конфронтирање на геополитичките „тешкаши“, не со воени методи, бидејќи мали се шансите за почнување широка американска воена акција против Иран, а во целата ситуација ЕУ се најде во најтешка позиција. Од една страна, со постојаното провоцирање и зголемување на тензиите во регионот на Персискиот Залив, САД пред сѐ сакаат да ги нивелираат желбите на Брисел за продолжување на економската, пред сѐ, енергетска соработка со Техеран, а потоа и да го присили на отфрлање на нуклеарниот договор со Иран, односно, за ова прашање да го следи американскиот едностран потег од минатата година. Доколку на крајот Брисел се согласи, тоа ќе биде и конечен крај на сонот на ЕУ за сопствена политичка сила и важна геополитичка улога. Тоа се должи на фактот дека по таквиот чекор, веќе никој од главните геополитички играчи нема да го прашува Брисел за ништо, а неговите ставови би се сметале само за продолжена рака на американските интереси.

Затоа, според „Геополитика“, влоговите се толку големи во оваа игра, не може да се исклучат и поединечни индивидуални политички и дипломатски скокови на некои клучни држави на ЕУ во однос на иранското прашања што, пак, повторно може да биде фатално по толку прокламираното и посакуваното европско надворешнополитичко и безбедносно единство. Според Вашингтон, ЕУ, пред сѐ Германија, веќе и онака доволно самостојно носи одлуки за енергетската соработка со Русија, па откажувањето послушност и кон американската антииранска политика ќе биде преголем чекор за Брисел. Значи, ЕУ на крајот може да се обиде да го избере помалото од двете зла – продолжување на соработката со Иран проследено со американски санкции, кои сепак не би смееле да бидат претерано остри поради меѓусебните формални сојузнички односи, или прифаќање на американската антииранска политика и со тоа туркање на Иран во долгорочна прегратка на Русија и на Кина, придружено со далекосежно губење на посакуваното стекнување глобално геополитичко влијание.


Американско воено беспилотно летало е соборено од иранските сили над Ормутскиот Теснец. Официјален Техеран тврди дека беспилотното летало го нарушило иранскиот воздушен простор, додека, пак, американската војска соопшти дека тоа се наоѓало над меѓународни води, пренесува Би-би-си.
Иранската републиканска гарда соопшти дека станува збор за беспилотно летало „рк-4 глобал хок“, но американски воени извори за „Ројтерс“ изјавиле дека во прашање е „мк-4ц тритон“, кој е поморско летало за патролирање и набљудување.


Си Џинпинг во прва официјална посета на Северна Кореја

Кинескиот претседател Си Џинпинг вчера пристигна во посета на Северна Кореја, која е прва негова официјална посета на соседната држава. Во придружба на Си, покрај неговата сопруга Пенг Лиуан, е и делегација од високи функционери, вклучувајќи го и шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји, пренесува агенцијата „Ксинхуа“.
Кинескиот претседател ќе престојува два дена во Северна Кореја, по покана од севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, кој досега неколкупати ја посети Кина.
Се очекува двајцата лидери да разговараат за напредокот на денуклеаризацијата на Северна Кореја по пропаднатиот самит во февруари во Виетнам меѓу Ким и американскиот претседател Доналд Трамп.
Посетата се случува во пресрет на самитот на Г20 во Јапонија, кој почнува на 28 јуни, каде што е планирано Си да се сретне со Трамп. Кина ѝ е главен сојузник и трговски партнер на Северна Кореја. Посетата на кинескиот лидер е стратегиски важна, ако се земе предвид застојот во разговорите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг.
Трамп минатата недела прими писмо од Ким, а добиената порака ја опиша како „прекрасна“ и „топла“. Шефот на Белата куќа не ја отфрли можноста за трет самит со Ким и порача дека сè уште е убеден дека ќе се случи нешто „позитивно“.