Глобалниот нуклеарен арсенал во последната година е намален, според Меѓународниот институт за истражување на мирот (СИПРИ), но ризикот за нукеарен конфликт е зголемен, пренесува „Јуроњуз“.
– Има нов вид на трка за вооружување, кој веќе не се однесува на квантитетот на боевите глави, туку на унапредување на технологијата – смета Ханс М. Кристенсен од СИПРИ.
Во последното истражување, институтот проценува дека девет држави во светот поседуваат нуклеарен арсенал, а тие се САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја. Вкупно, земјите заеднички имаат 13.865 парчиња нуклеарно оружје регистрирани на почетокот на 2019 година, што е помалку од 14.465 парчиња кои се регистрирани една година претходно.
Намалувањето на парчињата нуклеарно оружје, според проценките, се должи на обидите на земјите да го модернизираат арсеналот, што е промена на стратегијата.
– Веќе не се користи класичната стратегија на одвраќање со акумулација на што повеќе нуклеарни бовеви глави. Сега тие започнаа тактичка војна и нови сценарија за развој на техонлогијата и оружјето – смета Кристенсен.
На пример, Русија развива оружје кое би било способно да ги заобиколи антиракетните штитови на САД, додека Америка развива нови нуклеарни ракети со краток дострел како одговор на Русите.
Повлекувањето на САД договорот за денукеаризација на Блискиот Исток и новите планови за обновување на нуклеарниот арсенал кој претседателот Доналд Трамп го понуди пред Конгресот, како и конфликтот меѓу Вашингтон и Иран, се споменати како елементи кои предизвикуваат глобална нестабилност, поради што од СИПРИ веруваат дека ризикот од глобален конфликт е зголемен.
Другиот фактор кој го објаснува намалувањето е американско-рускиот договор за намалување на оружје, наречен „Њу СТАРТ“. Потпишан во 2010 година и стапен на сила во февруари 2011 година, со него се лимитра бројката на стратешкото нуклеарно оружје од страна на двете земји, кои всушност имаат над 90 отсто од целокупниот арсенал на нуклеарки.
Според уловите на договорот, двете страни може да имаат до 800 распоредени и нераспоредени интерконтитентални балистички ракети, а можат да распоредат и 1.550 боеви глави и 700 обични ракети и бомбардери. И Москва и Вашингтон велат дека ги испочитувале условите до крајниот рок кој беше до февруари 2018 година.
Меѓутоа, „Њу СТАРТ“ истекува во 2021 година и преговорите за да се обвнови сè уште не се започнати и се неизвесни, поради тоа што се зголемуваат разликите меѓу двете големи светски сили.
Во меѓувреме, Кина, Индија и Пакистан го зголемуваат сопствениот арсенал, со што последните две земји ги проширија капацитетите за производство на оружје на скалило што би претставувало значителен пораст на нивниот арсенал во следната декада, констатираат во извештајот.
Франција и Велика Британија ја задржаа стабилноста на својот арсенал во последните дванаесет месеци, но исто така ги модернизираа своите ракети, работеа на нови подморници и се обидуваат да ги подобрат капацитетите и технологиите.
Како секоја година, извештајот го осудува недостатокот на транспарентност на многу светски сили, особено на Северна Кореја и Израел, завршуваат од „Јуроњуз“.