Преспанскиот договор се уште предизвикува поделени мислења во Македонија и во Грција, една година по потпишувањето од спогодбата, според пишувањата на медиумите од регионот. Договорот стави крај на деценискиот меѓудржавен спор, но остави отворени бројни прашања во државите-потписнички.
Значителен дел од македонските граѓани не се согласуваат со примената на новото име (исто како и грчките граѓани), додека други сметаат оти државата треба да оди напред и да обезбеди подобра иднина со евроатланските интеграции, според ИБНА. Оваа расправа е актуелна и на политичка сцена, каде што владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат спротиставени ставови.
– Познавачите на состојбата имаат различни мислења и за промената на името. Некои тврдат дека компромисот помеѓу Скопје и Атина беше неопходен за напредок, а други велат дека граѓаните го жртвувале идентитетот за интеграцијата во ЕУ и во НАТО – се наведува во анализата на ИБНА.
Гласачите исто така се поделени во пресрет на предвремените избори во Грција, но се чини дека спогодбата скапо ќе ја чини владејачката СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас чија поддршка претрпе голем пад.
Договорот постави темели за нова ера, кажа Ципрас при потпишувањето на спогодбата на 17 јуни минатата година во Преспа, игнорирајќи ја волјата на мнозинството Грци кои одржуваа демонстрации. Бројни грчки корисници на Твитер ја коментираа спогодбата која често е означувана како предавничка, пишува грчкиот весник „То вима“.
„Не забораваме“, „многу негативности, малку придобивки“, „срамниот преспански договор беше потпишан на денешен ден“, „Ден за заборав“ – гласат дел од коментарите на грчките корисници на Твитер.