Романот „Невидливиот чувар“ од Долорес Редондо, баскиска писателка што пишува на шпански јазик, е објавен во издание на „Антолог“. Редондо студирала право, но подоцна се запишала и дипломирала гастрономија, по што работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори и свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца. Во 2013 година ја објавила книгата „Невидливиот чувар“, напнат и возбудлив психолошки трилер, со кој почнала Бастанската трилогија, која е преведена на повеќе од 15 јазици и продадена во повеќе од 700.000 примероци.
Првиот дел од трилогијата е насловен „Невидливиот чувар“ и започнува со трагично откритие на кејот на реката Бастан – голо тело на тинејџерка. По многу години минати надвор од Елисондо, инспекторката Амаја Саласар се враќа во родниот град за да го најде убиецот што своите жртви ги избира меѓу локалните млади девојки.
Во изданието на македонски јазик, преводот од шпански е дело на Виолета Јагев, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европска Унија и на Министерството за култура.