Брегзит кон крајот на октомври, порача Борис Џонсон – поранешниот шеф на британската дипломатија и бивш градоначалник на Лондон, кој се вклучи во трката за наследник на Тереза Меј за лидер на партијата и нов премиер
Борис Џонсон, ослабен и со нова фризура, се претстави пред британската јавност во нов формат, но не само со изгледот туку и со тактиката. Изминатите кризни месеци, Џонсон се воздржа од медиумски детонации. Но на бината во Лондон, каде што ја најави кандидатурата за партиски шеф и премиер, Џонсон повторно беше оној стариот Борис – весел, безграничен оптимист со мала политичка супстанција.
Нудејќи се себе како производ, Џонсон најмногу се фалеше со времето што го помина на функцијата градоначалник на Лондон. Се разбира, тврдеше дека беше величествен градоначалник што ги решаваше проблемите, па уште и организираше перфектни Летни олимписки игри. Но критичарите на тоа поинаку гледаат – тие сметаат дека Џонсон беше мрзливец без постигнувања, но со прескапи престижни потфати. Џонсон, сепак, не кажа ни збор за неуспешниот мандат како министер за надворешни работи на Британија.
Се разбира дека пред бината не беа критичари, туку само негови симпатизери и поддржувачи. Најголемо воодушевување предизвика кога Џонсон најави дека на 31 октомври ќе ја изнесе Британија надвор од Европската Унија. Тој порача дека целта не му е брегзит без договор со Брисел, но дека сака нешто „подобро од сегашниот договор“ за напуштање на ЕУ.
Како ќе го постигне тоа? Џонсон тврди дека неговиот тим веднаш почнува со работа, дека ќе разговара со претставниците на ЕУ на најпријателски можен начин. Тој, сепак, не ја повтори заканата дека Британија нема да ја плати сметката, односно договорените пари што ги должи на Брисел.
Но календарот би можел да ги попречи амбициите на Џонсон. Изборите за шеф на ториевците, по повлекувањето на Тереза Меј, ќе бидат дури на 22 јули, по што следува летната пауза, па сериозните преговори во Брисел би можеле да почнат дури во септември. Покрај тоа, претставниците на преостанатиот дел на ЕУ повеќе пати јасно порачаа дека преговорите нема повторно да се отвораат, без разлика на тоа кој ќе стане премиер на Британија. Но за Џонсон тоа се тривијалности, бидејќи тој се појави на бината за да го разбуди оптимизмот. Со својот настап, тој сепак не сакаше од просторијата да го избрка злобниот дух на „тврдиот“ брегзит. Тој го смета брегзит без договор за свој адут, бидејќи на крајот ниту Брисел не сака такво нешто.
Непријатно за Џонсон беше само тогаш кога го прашаа дали ќе поднесе оставка ако не успее со ветувањата за брегзит. Тој порача дека нема да биде лесно, но на крајот не ја поврза јасно својата евентуална премиерска судбина со брегзит, кој го вети за крајот на октомври. Нема сомнение дека тоа го забележаа и неговите сојузници од таборот на тврдокорните поддржувачи на брегзит.
Џонсон е еден вид бело платно на кое секое крило на конзервативната партија го проектира тоа што го сака. Тврдокорните се повикуваат на острите забелешки на Џонсон во кои бара брегзит, умерените ги потсетува на традиционален конзервативец, на повозрасните веќе им вети даночни подароци, а како лондонец има одредена линија привлечна за жителите на престолнината. На нив им ветува ново „конзервативно европејство“, што и да значи тоа.
Најголемиот адут на Џонсон е тоа што со него на чело, ториевците може да ги добијат следните парламентарни избори. Тој веќе има поддршка од 70 пратеници, а во трката со десет кандидати е единствен со реални шанси да ја наследи Меј. Џонсон ги обожава кампањите, а меѓу другото, во 2016 година беше еден од најгласните заговорници за брегзит, продавајќи празни ветувања како што е тоа дека Лондон веднаш ќе престане да плаќа 350 милиони годишно во европската каса и оти тие пари ќе ги вложи во здравствениот систем на Британија.
Може ли некој да го запре? Прашањето за тоа дали имал гревови во младоста и дали консумирал кокаин, само благо го потресе. Советниците по сѐ изгледа внимаваат Џонсон да не се „истрча“, бидејќи сега најмалку му требаат коментари и лапсузи како оној кога муслиманките со шамии ги нарече „поштенски сандачиња“. Еден од водечките британски весници одлично го илустрираше првиот настап на Џонсон во трката за премиерската функција: „Настапот беше вонредно досаден, необичен за Џонсон – неговите приврзаници ќе бидат воодушевени“.