За да се сфати и протолкува целосно Мисирков, секако ќе треба да се укаже и на неговите претходници во Македонија. Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план. (Гане Тодоровски)
Гулапчев е роден на 12 јуни 1856 година во Лерин, османлиска Македонија во семејството на свештеникот Константит и Екатерина Гулапчеви. Неговиот татко, како претседател на црковно-училишната општина во Лерин, дваесетина години бил еден од главните водачи на Македонците во борбата против Цариградската патријаршија и грцизмот во Леринско.
Учел во егзархиските училишта во Цариград и Одрин, заедно со Димитар Благов, а подоцна образованието го продолжил во Пловдив. Во 1877 година заминал во Русија каде што две години учел при Духовната академија во Москва, а потоа правни науки во Московскиот универзитет. Во 1881 година, Гулапчев започнал да студира филологија при Историско-филолошкиот факултет на Киевскиот универзитет. Во Русија се нашол под влијание на рускиот нихилизам, руското народништво, делата на Писарев, малорускиот федерализам и конспиративноста на руските револуционери.
Во текот на Српско-бугарската војна од 1885 година се вратил во Бугарија. Во 1886 година повторно заминал за Русија, меѓутоа на границата бил уапсен поради пренесување нелегална литература. Неколку месеци бил затворен и потоа екстрадиран во Бугарија. Се населил во Русе, а во 1887/88 година учителствувал во Трновската гимназија.
Создал оригинална левичарска идеологија позната како сиромахомилство. Кон крајот на 80-тите години на 19 век, престојувал во Габрово, Севлиево, Трново, ги посетил Казанлак и други градови, каде што основал Пријателски дружини и библиотеки за просвета и ширење на новите идеи. Членовите на овие групи се меѓу првите социјалисти и анархисти во Бугарија. Тие доставувале книги со револуционерна содржина, меѓу нив биле делата на Писарев, Добрљубов, Чернишевски, Прудон, Бакунин и др. Била создадена една организација, која ги ширела левичарските идеи во Бугарија. Гулапчев меѓу своите пријатели го разнесувал и концептот за организирање печатници и за издавање книги. Околу Пријателските дружини се групирале повеќе учители и ученици. Гулапчев создал нелегална група, прикриена со мистика и строги тајни, изградена на конспиративни начела со псевдоними, ноќни средби, крвна заклетва и др. На строго тајни собири била читана револуционерна и анархистичка литература. По засилувањето на марксистичкото влијание и формирањето на социјалдемократската партија во Бугарија, Гулапчев станал нејзин идеен противник.
Има голема улога во ширењето на социјалистичките и анархистичките идеи во Бугарија. Во 1891 година, во својата печатница го објавил преводот на Манифестот на Комунистичката партија, вклучувајќи и други дела на Карл Маркс – „Увод кон критиката на правото“ на Хегел, „Реч за слободата на трговијата“, „Граѓанската војна во Франција“. Во печатницата на Гулапчев се објавени и преводи на Фридрих Енгелс. Гулапчев исто така ги објавува и најважните дела на Д. И. Писарев – погледите на англиските мислители за умствените потреби на сегашното општество, „Пролетеријатот што мисли“ и „Историските идеи на Огист Конт“.
Со своите идеи извршил влијание врз македонското револуционерно и национално движење, не случајно македонскиот историчар Христо Андонов Полјански забележува: „Во идеолошките поставки на Гоце Делчев и во некои практични акции може да се почувствува влијанието од Спиро Гулапчев“.
Гулапчев е еден од првите Македонци што иднината на Македонија
ја гледа во нејзиното оформување како одделна држава
Разгледувајќи го македонското прашање, Гулапчев ги истакнува особеностите на македонскиот народ и на Македонија. Воведува нов правопис со кој укажува на одликите на македонскиот јазик, за првпат во делото „Еден расказ – Дедо Стојан“ (1885 г.) и „Еден поглед за етнографијата на Македонија“ (1887 г.), седум години пред Петар Поп Арсов и 18 години пред Крсте Петков Мисирков.
Во делото „Еден поглед за етнографијата на Македонија“, истакнал дека Македонците не го разбираат бугарскиот книжевен јазик (Един оглѣд по етнографiята на Македонiя, Габрово, 1887, страна 23.), и забележал дека во бугарскиот книжевен јазик нема ниту еден македонски збор. Освен Славејков и Тодоров, другите Бугари не ги користеле македонските зборови (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 3). За него, оваа појава во бугарскиот општествен живот била достојна за забележување, нагласувајќи доколку Бугарите не сакаат да го признаат македонскиот говор за бугарски, нека се изјаснат за тоа, а ако го признаваат, зошто намерно избегнуваат да употребуваат македонски зборови (Един огляд по етнографiята…, стр. 6). Поради своето залагање, Гулапчев бил осуден за провинцијализам (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 6).
Гулапчев е еден од првите Македонци, кои иднината на Македонија ја гледа во нејзино оформување како одделна држава. Во своето дело „Еден поглед за етнографијата на Македонија“ го образложил својот поглед за решавањето на македонското и источното прашање. Го отфрлил концептот за присоединување на Македонија кон бугарската држава (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 30). Според него, Македонија треба да составува одделна политичка целина на Балканскиот Полуостров. Тоа се изискува од интересите на македонските населенија, без разлика на народноста; тоа се изискува од интересите на федерацијата на Балканскиот Полуостров, која, пак, се изискува од интересите на сите балкански народи (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 40).
Присоединувањето на Македонија кон Бугарија, или кон Србија и Грција, и предлогот за поделба на Македонија помеѓу Бугарија, Србија и Грција се поврзани со источното прашање. Македонија е најспорната страна на Балканскиот Полуостров. Македонското политичко прашање е најмачно за балканските државници, како источното прашање за европските држави. Источното прашање најсправедливо и најбезопасно за балканските држави може да се реши преку една источна федерација, во која би влегла и Турција.
Христо Андонов Полјански:
Во идеолошките поставки на Гоце Делчев се чувствува влијанието
од Спиро Гулапчев
Македонското политичко прашање највозможно и најсправедливо може да се реши преку оформувањето на Македонија како одделна политичка единица на Балканскиот Полуостров. Според Гулапчев, само на тој начин можела да се ослободи Македонија и би се зачувале интересите на сите македонски народни елементи и не би се загрозиле интересите на балканските народи. (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 99)
Според Гулапчев, идната балканска федерација на Балканскиот Полуостров во почетокот требало да се состои од: 1) Македонија, 2) Епиро-Албанија, 3) Европска Турција, 4) Црна Гора, 5) Романија, 6) Србија, 7) Бугарија и 8) Грција. По создавањето требало да се прогласи за неутрална балканска федерација. Во однос на прашањето за балканската федерација, Гулапчев истакнува дека Македонија има полно право да составува одделна политичка целина и како таква требало да влезе во составот на идната федерација (Един оглѣд по етнографiята…, стр. 104).
Овие погледи биле критикувани. Димитар Спиров во делото „Македонија и нејзините претенденти“ истакнува дека младите што се школувале во Русија и на други места, се враќале во Бугарија и со себе носеле нови мисли и идеи, проповедајќи политика на комунистички начела. Овие исти младинци покрај проповедта за оформување на Македонија како самостојна политичка единица на Балканскиот Полуостров, внесувале и комунистичка каша. (Дим. А. Спировъ, Македония и нейнитѣ претенденти или Србия, Грция и Бугария за Македония, София, 1890, стр. 52)
Авторот е историчар