Барањата на Европската Унија за менување на Уставот и законите заради усогласување на законодавството на Македонија со нејзиното се услов што важел за сите земји кога станувале нејзини членки, додека барањата на Грција за менување на името, на Уставот, на националниот идентитет, повеќе личат на уцена, на апсурд на кој не била подложена ниту една членка на ЕУ досега

Преговорите и средбите меѓу претставниците на Македонија и на Грција се зачестени, во јавноста се лиферуваат одредени информации за напредокот на целиот процес, но сето тоа е многу селективно и остава простор за многу толкувања и претпоставки. Сепак, во целиот тој преговарачки процес, обвиен со велот на дипломатска мистериозност, јасно испливуваат на површина барањата, поточно политичкиот ултиматум на грчката страна за отворање и менување на Уставот на Република Македонија. Во одредени експертски кругови неопходноста за отворање на Уставот се објаснува со самиот чин на влегување во ЕУ што досега било практика и за другите држави што пристапувале во членство.

Но токму тука е „тенкиот мраз“ на кој треба да се навлече македонската преговарачка страна. Тоа крие низа предизвици и непознат терен каде што има голема веројатност да се наметнат редица други апсурдни барања и уцени што немаат врска со европските искуства од пристапувањето на други држави на пример. Со други зборови, и Грција ќе настојува да стори сѐ за да се обезличат македонската држава, народот, јазикот и идентитетот со барањето за промена на името на државата, кое потоа би влегло и во Уставот.

-Она што стана главен проблем тоа е промена на Уставот. Ние сме зборувале неколкупати, дека е тоа нов момент во грчката позиција. Претходно нив не ги интересираше Уставот воопшто. Се занимаваа само со меѓународен договор, кој за нив е важна гаранција. Сега тоа го променија, тоа стана и политичка тема, тоа стана однос на нивната опозиција кон Ципрас. Па Ципрас го повторува во една варијанта – истакна професорот на Правниот факултет при УКИМ, Љубомир Фрчкоски.
Во истиот контекст, надоврзувајќи се на темата, професорот Фрчкоски, посочи свое размислување во врска со македонскиот устав, како варијанта за која веројатно преговарачите размислуваат во правец на некаковси компромис. Имено, негов став е дека Уставот веројатно нема да се менува веднаш, туку при влезот на Република Македонија во ЕУ.

И во Резолуцијата на ОН и во Привремената спогодба од 1995 година е забележано дека Република Македонија има направено измени во Уставот, за да добие меѓународно признание. Ниту еднаш во текот на преговорите под закрила на Обединетите нации и со посредство на посредникот Нимиц, не било поставено барањето за дополнително менување на Уставот, тврдат експертите

– Тоа е 2025 година, или можеби нешто малку порано ако успееме сѐ да совладаме. Тогаш и така ќе се отвора Уставот за чл. 118, односно тоа е важењето на европските договори директно во законодавството на земјите-членки. Тогаш се менуваат сите устави на земјите кога стануваат членки на ЕУ. Веројатно тогаш ќе се искористи моментот да се адресира насловот. Веројатно тоа ќе биде компромис, кој е поднослив и за двете страни – смета Фрчковски.

Но тука сепак има една голема суштинска разлика, односно станува збор за две неспоиви нешта. Имено барањата на Европската Унија за усогласување на законодавството на Македонија со нејзиното се услов што важел за сите земји кога станувале нејзини членки, додека барањата на Грција за менување на името, на Уставот, на националниот идентитет, повеќе личат на уцена, на апсурд на кој не била подложена ниту една членка на ЕУ досега. Токму во таа насока и грчкото барање за решение ерга омнес (за употреба кон сите други држави, како и внатре во Република Македонија) и во тој контекст барањето за отворање на Уставот, според уставните експерти излегува многу од рамките на преговорите.

– Многу е чудно што од најлибералната влада на Грција се испорачуваат најрадикални барања во процесот на преговорите за историското и уставното име на Република Македонија. Затоа е потребна голема внимателност во преговорите. Инаку, целосно е нелогично Грција повторно да бара менување на нашиот устав, зашто и во Резолуцијата на ОН и во Привремената спогодба од 1995 година е забележано дека Република Македонија има направено измени во Уставот за да добие меѓународно признание. Ниту еднаш во текот на преговорите под закрила на Обединетите нации и со посредство на посредникот Нимиц, не било поставено барањето за дополнително менување на Уставот. Понатаму, со повелбата на Обединетите нации се забранува мешање во внатрешните работи на друга земја. А нема повнатрешна работа на една земја од донесување и менување на Уставот. Оние што ги водат преговорите не смеат да дозволат мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Уставот на Република Македонија содржи доволно гаранции за немешање во внатрешните работи на Република Грција – смета професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.

Фото: Игор Бансколиев

Исто така, професорката Силјановска-Давкова посочува дека меѓународните договори имаат поголема правна сила од законот на една земја, но Уставот на земјата секогаш е со повисока правна вредност од меѓународните договори. И во секоја земја каде што постои Уставен суд, тој има надлежност да ја оценува и законитоста на меѓународните договори, како и надлежност за оценување на законитоста на постапката за донесување на некој закон. Зашто, и да се склучи еден меѓународен договор, тој треба да биде потврден во земјата со закон за ратификација, а законот се прогласува со указ, кој го потпишува претседателот на државата.

– Уставниот суд има огромна моќ, зашто не подлегнува на начелото на поделба на власта и тој е над сите тие органи. Затоа, Уставниот суд е една од најзначајните институции во областа на правото, што е воведно по Првата светска војна до денес. Забележувате ли што се случува во преговорите со Грција? Грците инсистираат на промена на Уставот, поради можноста Уставниот суд да го укинува, или поништува Законот за ратификација на меѓународните договори. Почувствувале дека Уставниот суд има поголема моќ отколку што имаат моќ меѓународните договори и меѓународните органи – смета професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.


Што стои во членот 118

Во член 118 од Уставот се вели: „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.
Забележливо е формулацијата, ратификувани во согласност со Уставот, што најмногу им пречи на Грците бидејќи практично Уставот е гарант и чувар на вековното име, самобитноста и идентитетот на македонскиот народ. Со евентуална интервенција и промена во Уставот, како што бара Грција, се погазува и брише цел еден народ, се брише историското наследство, и се воспоставува некој нов целосно видоизменет субјект со ново име. Затоа Уставот во сегашната форма толку многу ѝ пречи на Атина.