Раководителот на оваа манифестација, писателот Разме Кумбароски, најавува дека манифестацијата ќе се одржува од денеска до 5 јуни, со учество на повеќе есеисти и писатели од Австрија, Албанија, Бугарија, Италија, Романија, Србија, Хрватска, Турција и од Мадонија
Годинашната манифестација „Година на есејот“ годинава ќе почне со перформансот „Арс лонга – вита бревис“ на свеченото отворање утревечер, во 20 часот, во хотелот „Дрим“, во Струга.
Управниот одбор на медитеранската академија „Браќа Миладиновци‘‘ од Струга донесе одлука годинашен лауреат на 13-та меѓународна литературна манифестација „Година на есејот“ да биде современиот турски есеист, писател и теоретичар Метин Ченгиз од Истанбул. Раководителот на оваа манифестација, писателот Разме Кумбароски, најавува дека манифестацијата ќе се одржува од денеска до 5 јуни, со учество на повеќе есеисти и писатели од Австрија, Албанија, Бугарија, Италија, Романија, Србија, Хрватска, Турција и од Македонија. Манифестацијата се одржува по повод 158-годишнината од излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци во Загреб (1861 г.).
На литературниот портрет за Ченгиз ќе говори турскиот писател од Истанбул Ерол Туфан. Ќе биде прочитана неговата порака до граѓаните на Струга и членовите на медитеранската академија. Предвидено е полагање цвеќе на спомениците на браќата Миладиновци и на Јосип Јурај Штросмаер во Спомен-домот на браќата Миладиновци, каде што ќе биде промовирана новата книга, романот „Студ“ на Разме Кумбароски, како и други книги. Третиот ден ќе се одржи тркалезната маса на темата „Есејот како послание“ (по книгата на македонскиот гениј Блаже Конески). Во Охрид ќе се одржат ноктурното „Ноќ за есејот‘‘ и средба со издавачи од Балканот.
Метин Ченгиз е современ турски писател, роден во 1953 година во Голе, Турција. Во Истанбул дипломирал на Филолошкиот факултет, група француски јазик и литература. Работел повеќе години во издавачки куќи, како редактор, преведувач и уредник. Во 2005 година ја формира својата издавачка куќа „Диграф‘‘, каде што особено го негува и застапува есејот. Работел како колумнист на престижниот истанбулски весник „Варлик“. Член е на турскиот ПЕН-центар, како и на повеќе академии во светот. Преведен е на дваесетина јазици.
– Тој е хуманитарец и неговите внатрешни чувства се обединуваат со демократската слобода и вознесот на човекот. Посебна почит негува кон современата македонска литература, голем истражувач е на делото и јазикот на македонскиот гениј Блаже Конески. Вознесен е од македонскиот 19 век, од животниот пат и страдањата на браќата Миладиновци, на охридскиот песнопеец Григор Ставре Прличев, Кузман Шапкарев и други македонски трибуни и дејци – вели Кумбароски.
Самиот Ченгиз вели дека Струга и Македонија ги чувствува преродено, раскошно, слично како широките орелски крилја на Константин Миладинов, кои треба високо да полетаат. Турскиот критичар Јусел Кејран посебно подвлекува дека Ченгиз е единствениот потврден турски есеист и писател што придонесува како никој друг од својата генерација во изградување, примена и соѕидување на новата есеистичка реинкарнација и посед во современата турска литература, дека е незаменлив есеист и писател.
Метин Ченгиз е автор на книгите: „Потопот пост“, „Големата љубов“, „Замбак“, „Младински век“, „Песни на слободата“, „Слики од мојот дом“ и др. Добитник е на меѓународната награда „Тудор Аргези“.