Тотенхем и Ливерпул сезонава загубија по четири пати, што е еден пораз повеќе од актуелниот рекордер на оваа необична листа, Милан, откако ЛШ се игра со една групна фаза и нокаут-систем од осминафинале (од сезоната 2003/2004), според кој идниот првак игра вкупно 13 меча во една сезона

Годинашниот европски фудбалски првак ќе го освои трофејот со најмногу порази во една сезона, откако Лигата на шампионите се игра со една групна фаза по која следува нокаут-систем (од сезоната 2003/2004). Ливерпул со евентуален триумф во финалето в сабота ќе ја освои шестата титула, а Тотенхем првата титула. Но кој и да го освои трофејот ќе стане европски шампион со четири пораза, што е еден повеќе од актуелниот рекордер на оваа необична листа, Милан од сезоната 2006/2007.

Тотенхем сезонава загуби од Барселона и од Интер во групната фаза, а потоа од Манчестер сити во првиот меч од четврт-финалето и од Ајакс во првата средба од полуфиналето. Ливерпул, пак, загуби од Црвена звезда, ПСЖ и од Наполи во групната фаза и од Барселона во еден меч од полуфиналето. Четири порази во една сезона имаше и Реал Мадрид во сезоната 1999/2000, но од 17 меча, што е 23,52 отсто од натпреварите одиграни таа сезона, наспроти 30,77 проценти на Тотенхем и на Ливерпул сезонава. Четири порази имаше Милан во сезоната 2002/2003, и тој од 17 средби. Не се сметаат мечевите од квалификациите.

Со по два пораза до титулата стигнаа Ливерпул во 2005 година, Интер во 2010-та, Челси во 2012-та, Баерн во 2013-та, Барселона во 2015-та и Реал Мадрид во 2018 година. Најуспешни во оваа необична категорија се Барселона од 2006 година и Манчестер јунајтед од 2008 година, кои трофејот го освоија со по девет победи, четири нерешени средби и без ниту еден пораз.

Од сезоната 1999/2000 до сезоната 2003/2004 ЛШ се играше со две групни фази, па потоа со нокаут-фаза од четврт-финалето, а шампионите играа по 17 меча за титулата (сега по 13). Од сезоната 1997/98 до 1998/99 играа по 24 тима со 11 меча до трофејот, а дотогаш од првата сезона во ЛШ настапуваа 16 клуба, со, исто така, по 11 натпревари за шампионот да го освои трофејот.


Шести пат второ­пласиран првак

Третпат во низа новиот европски фудбалски првак ќе биде од редот на второпласираните по групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ). Реал Мадрид минатите две титули ги освои откако не победи во својата група, како и сезонава Тотенхем и Ливерпул, кои ќе играат во финалето сезонава. Откако од сезоната 2003/2004 ЛШ се игра со една групна фаза и нокаут-рунди од осминафиналето, уште трипати првакот не бил прв во групата, и тоа Порто во 2004 година, Ливерпул во 2005-та и Интер пет години подоцна.
По 11. пат првакот на Европа нема да биде тим што во претходната сезона бил првак на својата земја или победник на ЛШ. Ваков успех прво направи Манчестер јунајтед во 1999 година, а потоа трипати Реал Мадрид, по двапати Милан и Барселона и по еднаш Ливерпул и Челси. Финалистите во ЛШ сезонава, во минатата беа на третото место (Тотенхем), односно на четвртото место (Ливерпул) во Англија.
Финалето сезонава ќе биде седмо во кое и двата тима не биле прваци на своите земји во претходната сезона.


Лондон поведе на градската листа

Лондон поведе на градската листа со финалисти во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако Тотенхем стана 40-от фудбалски клуб што ќе игра во финалето на ЛШ (претходно Куп на шампионите). Тотенхем е осми тим од Англија и трет тим од Лондон што игра за вредниот трофеј. Од Лондон претходно, во меч за европската титула играа Арсенал (еднаш) и Челси (двапати), а титула има Челси (една). Градови со по два тима што играле во финалето за титулата европски првак се Милано (Милан и Интер), Мадрид (Реал и Атлетико) и Белград (Црвена звезда и Партизан).