Времето покажува дека Битола, и покрај разни трибини, стручни форуми, семинари и промоции, не само што нема стратегија за развој на туризмот, туку нема ни концепција како да го промовира градот како туристичка дестинација
Во изминатите години, на разни трибини, стручни форуми, семинари и промоции се изнаслушавме за потенцијалите на Битола како туристички град. Битола со својата местоположба, богата историја и културна традиција, како град на конзулите, отсекогаш била привлечна за туристите, особено за странските. Сепак, во меѓувреме, многу малку се направи за развој и промоција на Битола како туристички град. За тоа говорат податоците што деновиве беа соопштени на седницата на советот на општината, на која советниците требаше да расправаат по информацијата на одделението за економски развој и реализацијата на програмата за туризмот во минатата година во Битола.
Имено, според податоците изнесени во информацијата, Битола во минатата година за промоција на градот, како туристичка дестинација и изградба на разни инфраструктурни проекти, планирала да потроши три милиони денари, или нешто помалку од 50.000 евра! Иако кога се во прашање вложувањата во развојот на туризмот и овие средства се смешни, градот под Пелистер во минатата година за развојот на туризмот потрошил само 694.000 денари, или нешто повеќе од 10.000 евра. Најголемиот дел од средствата, или 600.000 денари биле потрошени за промотивни активности, а другите 94.388 денари за инфраструктурни проекти.
Тоа што од вкупно предвидените три милиони денари дури 2,3 милиони останале неискористени, не е резултат на „штедливоста“ на општинското раководство.
Упатените велат дека тоа е резултат пред сѐ на незнаењето како и на кој начин да се промовира Битола како туристички град и на немањето стратегија за развој на туризмот на градот. За тоа најдобро зборува фактот што деновиве токму Битола беше посочена како град што ја пропуштил можноста да аплицира за користење средства од меѓународни проекти за развој на туризмот, кои изнесувале над 1,5 милион евра.
Кога станува збор за Битола како туристички град, најголемиот број од туристичките посети се најчесто неорганизирани и се должат на попатна посета на туристи што престојуваат во Охрид, или попатно поминуваат во Битола и во градот остануваат по само еден и два часа и за тоа време најчесто го посетуваат локалитетот Хераклеја Линкестис.
Иако најголемиот број туристи што ја посетуваат Битола се од Турција, кои не можат да не дојдат во градот каде што во Заводот и музеј – Битола е сместена спомен-собата на таткото на Младотурската револуција Мустафа Кемал Ататурк. Покрај Заводот и музеј најчести дестинации што ги посетуваат турските туристи се куќата каде што живеела големата љубов на Ататурк, Елени Каринте, Старата битолска чаршија и реновираните „Исак Челеби-џамија“, „Јени-џамија“, „Ајдар Кади-џамија“… Но и тие во Битола остануваат сосема кратко и се практично на пропатување. Некои дури немаат време ни кафе да се напијат во градот.
Лошата слика ја дополнува и тоа што автобусите што ги превезуваат турските туристи се паркираат на паркингот, покрај спортската сала „Младост“, кој е дупка до дупка, и што единствената сувенирница што беше отворена, покрај самиот паркинг и Заводот и музеј, каде што туристите можеа да купат некој сувенир од Битола, е веќе подолго време затворена. Турските туристи во Битола не можат многу да уживаат ни во убавините на Старата битолска чаршија, која во попладневните часови е затворена и во која како што можевме да се увериме деновиве, по 17 часот кепенците се спуштени, бидејќи како што ни рекоа дуќанџиите, им е страв да работат ноќе зашто во ноќните часови најчести гости во чаршијата се наркоманите.
По сето тоа, деновиве, за време на посетата на француската делегација на Битола, предводена од амбасадорот Кристијан Тимоние, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, на која ова ѝ е прв мандат, изјави дека нејзин сон е на крајот на мандатот секоја уличка во Битола да биде полна со туристи.
– Секогаш нагласувам, дека ваквите средби се само потврда на она што е мој сон, а тој е не само Македонија, туку и Битола, да го добие заслуженото место, на град што ќе претставува атрактивна туристичка дестинација и мислам дека со крајот на мојот четиригодишен мандат, за мене ќе биде најголемиот успех ако Битола е посетена во секоја уличка и полна со туристи – изјави Петровска.
Иако никогаш не даде таква или слична изјава, сепак поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, честопати знаеше да каже дека потенцијалите на Битола како туристички град се огромни и дека со правилни политики може да се развие оваа гранка во Битола.
– Битола, со сигурност може да се каже, е општина со најбрз развој на туризмот во државата. Тоа е резултат на правилни политики и долгорочна работа посебно во делот на културниот туризам, кој се класифицира во туризам со високи потреби и високи стандарди. Ние стратегијата за развој на туризмот ја изработуваме подолг период и таа се темели на многубројни стручни истражувања – честопати знаеше да каже поранешниот градоначалник Талески, кој за развој на туризмот на Битола најави донесувањето нови детални урбанистички планови, кои ќе овозможат инвестирање и зголемување на сместувачките хотелски капацитети во градот и околината, особено во потпелистерското село Нижо Поле каде што со новиот урбанистички план се предвидени локации за градба на девет хотели.
Но времето покажува дека Битола не само што нема стратегија за развој на туризмот, туку нема ни концепција како да го промовира градот како туристичка дестинација. Во сите изминати години, и покрај големите, а некогаш и мегаломански ветувања, многу малку, или речиси ништо, не е направено за со нови содржини или програми да се привлечат туристите во Битола, ако не да останат неколку дена, тогаш барем по неколку часа. Во Битола ништо не е направено ни за развој на планинскиот туризам, па, така, Пелистер изгледа како заборавена и напуштена планинска убавица и каде што по речиси пет години од пожарот на планинарскиот дом „Копанки“, ни планинарите немаат свое катче за одмор и разонода.