Меѓународна тревога по препораките на УНЕСКО
На оваа листа обично се стигнува по природни катастрофи и по војна, а поретко, како во нашиот случај, и во случај на голема и континуирана негрижа од државните и локалните власти. За жал, евидентна е негрижата за овој дел од Македонија, чии културни и природни убавини се користат многу често во рекламите за земјава, но состојбата на терен веќе со години е поинаква
Работите на полето на заштитата станаа многу алармантни особено по препораката од УНЕСКО за ставање на природното и културното наследство на охридскиот регион на листата на загрозено светско наследство како резултат на недоволниот напредок до решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти што претставуваат потенцијална опасност. На оваа листа обично се стигнува по природни катастрофи и војни, а поретко, како во нашиот случај, и во случај на голема и континуирана негрижа од државните и локалните власти. За жал, евидентна е негрижата за овој дел од Македонија, чии културни и природни убавини се користат многу често во рекламите за земјава, но состојбата на терен со години наназад е поинаква.
На проблемите со градежната узурпација на езерскиот брег, палењето на трската и на непочитување на законите при градба на објектите во заштитените подрачја, предупредуваат континуирано медиумите, граѓаните и невладините организации. Меѓу последните се и спорните градежни дејства на минарето на Алипашината џамија. По последнава препорака, Владата ќе треба да прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, неправилно изградените објекти да се урнат, да се заштити брегот на езерото, а со тоа и неговата природна вредност. До јануари 2020 година, Владата до УНЕСКО ќе треба да достави извештај од реализираното, а оваа светска организација пред два дена потсети дека поголемиот дел од нејзините барања и препораки од 2017 година се неисполнети.
Вчера со соопштение се огласи и одделението за односи со јавноста на општината Охрид, потенцирајќи дека забелешките што се наведени во извештајот на УНЕСКО, кој треба да биде разгледан на 43-та сесија на Комитетот за културно наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку, ја покажуваат фактичката состојба на охридскиот регион.
– Оваа состојба беше детектирана уште во мониторинг мисијата на УНЕСКО во април 2017 година – посочија од општината Охрид, напоменувајќи дека во текот на изминатите две години таа ги зела предвид сите препораки во однос на ова прашање и во рамките на своите законски надлежности сериозно се посветила на исполнување на барањата на УНЕСКО.
Во општинскиот извештај стои, меѓу другото, дека во рамките на извештајот на УНЕСКО, освен негативните забелешки се посочени и сите позитивни активности на кои локалната самоуправа работела заедно со владините институции.
– Во делот на позитивните забелешки се наведени одлуката за откажување од проектот за изградба на ски-центарот на Галичица и автопатот А3 од Охрид до „Св.Наум“ и започнување на проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Исто така, во однос на препораките е донесена и владина одлука за формирање на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, што е важно во делот на препораките за подобрување на системот за отпадни води – истакнуваат од општината.
Тие велат дека во тек е постапката за донесување на планот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион, а на 27 мај треба да биде одржана информативна сесија за нацрт-извештајот за стратегиската оцена на влијанието на животната средина од спроведувањето на овој план. Потсетија дека во владина процедура е и носење на нов закон за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, но и дека „препораките од извештајот на УНЕСКО треба да бидат стимул за сите институции и за граѓаните за да се работи посветено и со поголем интензитет за зачувување на нашето уникатно светско природно и културно наследство“.
– УНЕСКО е загрижен за делот од автопатот од Требеништа до Струга и бара од државата итно да пронајде друго решение за проектот – стои меѓу другото на фејсбук-страницата и на невладината организација „СОС Охрид“, која предупредува за сѐ поалармантните случувања со (не)заштитата на културните и природните вредности во Охрид и крајбрежјето.
Деновиве реакциите во јавноста не стивнуваат. Во нив се вели дека оваа препорака говори за нашиот антицивилизациски и варварски однос кон природните и културно-историските вредности, дека нема појасен знак од овој за штетните последици од алчноста на партиските и градежните мафии за државните интереси. За шлаканицата од УНЕСКО, Софија Куновска обвини високи владини претставници и побара оставка и кривични пријави. Бранко Тричковски, пак, напиша дека „никој не може да го заштити Охрид од Македонците“.