Костадин Танчев-Динка, графички дизајнер
Првиот македонски уметник што целосно им се посветува на графиката и на применетата графика во земјава со свој пристап во графичкиот дизајн и визуелните комуникации, посочува дека денес во неа има врвни дизајнери, чии имиња доволно и не се познати
Големиот број дела на вашата ретроспективнa изложба во „Даутпашиниот амам“ повторно потврдија дека сте уметник што храбро го минува творечкиот пат отворајќи нови страници. Роден во Валандово, сте студирале во Белград, а во оваа пригода изложивте и интерактивни графики создадени во изминатите две години.
– Јас всушност во животот експериментирав, за мене секогаш било интересно не да создадам специфика на еден стил на препознавање, туку да се сретнам во различни медиуми, во различен начин на размислување бидејќи имам универзално гледање на нештата.
Еднакво ги сакам графиката, сликарството, дизајнот, театарот, всушност ја сакам уметноста. Тоа ми беше провокација, честопати од љубопитност, но и како начин на опстојување. Горд сум на некои мои графички решенија што ги зачнав како студент во Белград преку тогашната Филмска радна заедница, работејќи за режисерот Миќа Поповиќ на филмот „Хасанагиница“ и на филмот „Чекори низ маглата“ на Жорж Скригин.
Неколку години ги одржував и паноата на Пулскиот филмски фестивал и бев во тогашната филмска елита.
Секогаш сум го љубел театарот, како и музичкиот свет, го направив и плакатот на првиот музички „Скопски фестивал“, а во Скопје уште како ученик добив награда за првиот меѓународен Саем на машини и тутун. Секогаш ми било провокација да знам што се случува во моментот, што ќе биде утре, а тоа љубопитство ме тераше да шетам по различни медиуми. И сега да сум на почеток, повторно би го правел истото.
Започнавте да се занимавате со графички дизајн во период во земјава кога таа не беше индустриски развиена. И во монографијата од изложбата е истакнато дека сте првиот македонски уметник што целосно им се посветува на графиката и применетата графика со свој пристап во графичкиот дизајн и визуелните комуникации. Како изгледаа почетоците?
– Во Училиштето за применета уметност во Скопје, каде што и тогаш живеев, имав еден прекрасен професор, Миодраг Маринковиќ-Пекин, кој нѐ учеше применета уметност и тука всушност и ги добив и првите сознанија за графичките стандарди. Технолошки бевме многу назад, сведени на рачното работење, а основните материјали беа цртежот, тушот и темперните бои, друго ништо не постоеше. И најверојатно тоа ме испровоцира да одам напред како и развојот на технологијата, но и дизајнот во Македонија, кој беше во некој илустративен дел, без одредени правила на игра. Доста добро ми дојде што мојот професор Милош Ќириќ на Академијата за примената уметност во Белград ми предаваше визуелни комуникации, потоа посебен предмет плакат и некако тоа многу го засакав. Размислував дали да одам на применета или ликовна академија затоа што имав предиспозиции и за ликовниот дел, но јас се одлучив за применета уметност, за визуелни комуникации затоа што сметав дека тоа е многу пошироко. Кога се вратив овде, видов дека горе-долу ништо не се случува на планот на графичкиот дизајн, но дека тоа ќе биде сигурно иднината, сметајќи на вкупниот напредок на технологијата и на државата воопшто. И почнав да работам, работејќи сито-печат правев сѐ поинтересни и поатрактивни решенија. Се дружев со колегите од театарот, филмот, литературата, добивав нарачки особено за театарски плакат, кој, всушност, ми е слабост. Истражував и мислам дека направив напредок во сфаќањата на графичкиот дизајн.
Сигурно ве охрабри и учеството на Мајската изложба на галеријата во населбата Дефанс во Париз во 1974 година, заедно со 50 уметници од светот.
– Сигурно дека ме охрабри, но јас не го продолжив тоа, се вратив во земјава, а тоа беше една добра врата за да можам да одам понатаму. Во Париз, каде што престојував во тој период, се занимавав со чиста ликовна уметност, со сликарство, на Дефанс излагав платно, но се вратив и мислам дека не згрешив. Мене повеќе ми се допаѓаше борбата во сопствената земја, напредокот, различното размислување. Честопати не ми беше важна толку заработката колку целта, она што ќе го понудам да биде прифатено. Немаше голем отпор за моите идеи овде.
Сега сте во пензија, сметате ли дека вредеше да се работи за својата земја и за студентите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје? Се разви ли графичкиот дизајн денес до таму до каде што вие мислевте дека ќе стигнеме?
– Дваесет и неколку години дизајнот по сопствена желба волонтерски го предавав на Факултетот за ликовни уметности без никаков надомест и имаше најголем интерес од страна на студентите. Мислам дека дизајнот во Македонија во овој момент е на многу високо ниво. Имаме врвни дизајнери, но можеби и малку ги знаеме во државава бидејќи главно работат онлајн или во некоја соодветна маркетинг-служба каде што нивното авторство не постои, автори се самите куќи. Јас долги години бев официјално единствениот професионален дизајнер, а денес ги има стотици што се образовани. Имам информација дека по некои школи, курсеви или не знам какви сѐ академии, кои во меѓувреме се отворија, во моментов на насоката графички дизајн се школуваат над 450 графички дизајнери, а тоа го сметам за голем успех.
Дел од чекорите важни и за вас и за развојот на земјава е и основањето на Одделението за графички дизајн при Центарот за култура и информации во Скопје како и на меѓународната графичката работилница „Софија“ во Богданци…
– Јас сакав голем напредок и во класичната графика и во графичкиот дизајн, односно со сѐ што се занимавам сакав да има една напредна линија и мислам дека доста добро успеав во тоа. Горд сум и на графичката работилница „Софија“, која ја отворивме заедно со Драган Семенпеев-Цапе од истоимената печатница, на која учествуваат дел од најнапредните студенти од катедрите на графичките академии од регионов со кои соработуваме. На работилницата исто така учествуваат и графичари од земјава. Во изминатите 11 години, горе-долу немавме никаква помош од државата, сѐ беше само на товар на сопственикот на печатницата, а во последните година-две, добивавме минимални средства од Министерството за култура. Општината Богданци ја препознава вредноста на работилницата, горди се, но во делот на финансиите не можат да помогнат.
Какво е вашето мислење за поддршката што ја добиваат уметниците од Министерството за култура?
– Министерството за култура многу ги ситни парите, дава секому по некое парче, јас не би постапил така, би ги сконцентрирал средствата. Во сферата на ликовната уметност би ги вратил комисиите за откуп на уметнички дела што постоеја претходно. Би дал поголеми средства за откуп на Националната галерија, на Музејот на современата уметност, тоа е подобар стимуланс од некое ситно делење пари за некакви каталогчиња од 20-30 илјади денари. Ние, на пример, немаме хронологија во Националната галерија, нема дела од стотици автори, нема откупи, а потребно е државата да води сметка за континуитетот во творештвото. Во областа на дизајнот и применетата уметност треба повеќе да се поврземе со продукт-производот, со она што е веќе приватен капитал, а би требало и да се даваат средства од областа на дизајнот за филмови или театарски претстави за да бидат придружени како и во минатото со добар маркетинг, со добар фестивалски плакат, со добра публикација.
Кај нас сѐ уште плакатот не се смета за нешто што е многу важно…
– А денес во светот е многу актуелен. Денес постер-логиката во светот е како уметност, како мода, како тренд, зафаќа теми што не се строго наменски, а кои имаат висока афирмација и високо ликовно значење. Кај нас младите луѓе се трудат и го прават тоа и со „Скопје постер фестивал“, но тоа е малку и треба посилно да се поддржи и високо да се афирмира.
На ретроспективата изложивте дел од вашите слики, графики, плакати, ликовно-графички и сценографски решенија, амблеми и знаци, а со новите интерактивни графики на чудесно интересен начин меморирате и дел од вашите детски игри. Колку имате направено досега?
– Имам само седум интерактивни графики бидејќи немав финансиска можност да направам повеќе, а сакав тој циклус да има 12 дела. Бројот седум го обожавам, но сакав симболично да направам за секој месец по една игра. Веќе и не сум толку активен надвор за да можам да наоѓам и спонзорства. Не знам, кога би имал сила би продолжил да правам и други, но во овој миг и некоја нова идеја ми се јавува. А изработката на овие графики е многу поскапа од обичните, процесот е долг, а технолошки јас сето тоа мануелно го изведов, освен принтот.
Воодушевува фактот дека станува збор за дел од типичните детски игри од овие простори: челик, џамлии, дама, ореви, криенка, плочка… Дали е тоа надреалниот елемент во вашиот живот што си го чувате?
– Јас дипломирав со детски игри и сакам и да завршам со нив. И денес кога се навраќам на моето детство знам дека тоа ми беше најубавиот период. Нашите игри беа инвентивни, ние немавме купена играчка, немавме ништо ако самите не си направивме и тоа сѐ рачно. Дури сакам на ист начин и да ја завршам на крајот таа приказна.