Калач беше младински првак на Југославија и двапати трет, за потоа кариерата да ја продолжи како тренер. Со двајца боксери има освоено дури седум трофеи „златен гонг“, како и испуштена шанса за олимписки настап со Примислав Димовски
На боксерскиот ринг во Македонија кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години од минатиот век се појави една плејада на млади боксери, меѓу кои имаше и подоцнежни носители на медали на младинските и сениорските првенства, не само на поранешна Југославија туку и на меѓународната сцена. Еден од оние што оставија траен печат во македонскиот бокс како активен натпреварувач, а подоцна и како тренер, е Руждија Калач. Тој на младинскиот шампионат на поранешна Југославија, на рингот во „Кале“ во Скопје, во 1975 година се закити со златниот медал. Тогаш во БК Скопје, под водството на Живко Дуковски тренираа и уште неколкумина носители на медали. Да се потсетиме на Азис Салиху, кој имаше богата кариера, во која највисок дострел беше освојувањето на бронзениот олимписки медал во Лос Анџелес, потоа Влатко Самоиловски, Ивица Голубиќ, Неџат Мемети, Ганија Реџепагиќ, Ѓошевски, Марковски и уште десетина момчиња што својот квалитет го демонстрираа во екипните натпревари бранејќи ги боите на МИК, потоа на Скопје во Втората југословенска лига – југ.
– Бевме талентирана генерација, од која произлегоа двајца младински и еден сениорски првак на поранешна Југославија. А што е интересно, сето тоа се случи во еден интервал од пет-шест години. Јас и Мемети станавме младински прваци во 1975 година, а две години подоцна Ганија Реџепагиќ триумфира на сениорскиот шампионат. Тогаш од кумановската боксерска школа на сцената се појави и големиот шампион Аце Русевски, кој отиде најдалеку. Тој стана носител на олимписка бронза во Монтреал во 1976 година, а една година подоцна и европски првак – се присетува Калач.
Меѓутоа за Калач е посебно занимливо како се најде на рингот, зашто негова прва спортска љубов беше фудбалот.
– Како сите деца во тие години, и јас посакував да станам фудбалер. Дури почнав и да тренирам. Но мојот постар брат, кој се школуваше во Загреб, додека беше таму имаше можност да се дружи со европскиот професионален шампион во тешка категорија, Иван Пребег. Тоа дружење влијаеше на него да почне да тренира бокс. Истото тоа се случи и со мене кога се вратив во Скопје. Ме одведе во боксерската сала, па покрај него почнав и јас да тренирам. Уште по првите тренинзи бев забележан од Живко Дуковски, кој гледајќи дека сѐ уште се колебам помеѓу фудбалот и боксот, еден ден ми рече: Момче, местото ти е во боксот. Така, наместо да играм фудбал, ете станав боксер – вели Калач.
СО НАПОРНИ ТРЕНИНЗИ ДО ШАМПИОНСКА ТИТУЛА
За Калач карактеристично што кога ќе се зафати со некоја работа, тој настојува тоа да биде сериозно и оди докрај. Таков беше и кога почна да се занимава со „благородната вештина“. Беше еден од најредовните на тренинзите, а боксот стана негово секојдневие.
– Работев дисциплинирано и настојував што повеќе да навлезам во тајните на боксот. Не сакам импровизации. Кога работам нешто, тогаш настојувам тоа да биде на квалитетно ниво, оти сѐ друго значи залудно губење на времето. Така беше и со боксот, тренирав редовно, минував и низ многу искушенија, но знаев дека сето тоа е за мое добро. Дуковски и другите тренери немаа проблеми со мене, дури често ме претставуваа како пример пред другите. Тоа, да бидам искрен, ми годеше и уште повеќе ме мотивираше – нагласува Калач.
Сите тие напорни тренинзи на крајот резултираа со успех. Имено, на Младинско државно првенство што се одржа на рингот во СРЦ „Кале“ во Скопје, Руждија Калач, се искачи на највисокото место на пиедесталот. Стана младински првак на поранешна Југославија.
– Бев пресреќен, зашто сиот вложен труд на крајот се исплатеше. Не беше мала работа во таа силна конкуренција да се стигне до првото место. Тогаш, во поранешна Југославија боксот беше на едно високо ниво, а конкуренцијата во сите категории беше многу силна. Но и покрај тоа, јас и мојот клупски другар Нечко Мемети, стигнавме до врвот и го освоивме златниот медал – се сеќава Руждија на тие убави моменти од својата кариера.
И Живко Дуковски во срце го носи тоа време.
– Тоа беше време за незаборав. Сите тие момци пленеа со големата љубов кон боксот. Беа дисциплинирани, вредни и редовни на тренинзите, а сето тоа не можеше да остане без резултат – вели популарниот тренер Дуковски, кој произведе многу боксерски прваци, меѓу кои беше и Калач.
СВЕТОМИР БЕЛИЌ – БОКСЕРСКИ ИДОЛ
Кога се очекуваше Руждија Калач да продолжи со ист интензитет на тренинзи, почна да размислува за повлекување! Тоа на многумина им беше чудно, оти пред него се отвораше убава спортска перспектива. Но тој не мислеше така, па реши приоритет да им даде на учењето и на факултетот.
– Откако се запишав на Факултетот за физичка култура, сега со додавките за спорт и здравје, немав многу време за тренинзи. Покрај тоа, чувствував и замор, зашто и на факултетот имав часови што бараа физичка активност. Во една таква ситуација решив да се простам од активното занимавање со бокс и да се посветам на учењето – вели Калач.
Многумина љубители на боксот беа изненадени, бидејќи очекуваа негов натамошен напредок. Руждија ги имаше сите предуслови да биде голем боксер и господар на рингот, зашто ја имаше совладано техниката, беше боксер што знаеше да ја смири борбата, да се заштити и по секоја цена да не оди во напад. Тој умееше да ја води борбата во која навидум изгледаше мирно и безопасно, за потоа брзо да мине во напад и да пласира прецизни удари.
– Мој идол во боксот ми беше големиот шампион Светомир Белиќ. Сакав да боксувам како него, оти тој не само што беше интелигентен, туку и многу силен, кој располагаше со широк репертоар на удари. Исто така беше и врвен техничар. Него имав можност да го гледам на еден „Златен гонг“, кога бев уште младинец, и си реков во себе: Ако еден ден станам боксер, сакам да бидам токму како Белиќ. Кога почнав да боксувам пак, секогаш настојував да се однесувам како што се однесуваше тој на рингот, мирно и концентрирано да ја градам борбата, а кога ќе ми се укажеше шанса, тргнував во напад и пласирав удари – објаснува Калач.
Но во боксот никогаш ништо не се знае, зашто не зависи сѐ од тебе. Треба да се има предвид и каков противник имаш спроти себе. Само еден момент на невнимание може да ги урне сите надежи. Така, во еден меч со југословенскиот првак Штурановиќ, Калач доживеа една непријатност.
– Колку да сакав да водам мирна борба и да одам на поени, во таа борба со Штурановиќ добив еден ненадеен удар во пределот на окото. Брзо се појави оток и беше ризично да ја продолжам борбата. Ми се намали видното поле, па, така, не сакајќи да ризикувам, предвреме се повлеков. Не треба човек по секоја цена да се прави херој на рингот, односно и кога е немоќен да се впушта во непотребни авантури. И кога станав тренер, секогаш на моите боксери им велев дека кога некој ќе почувствува слабост на рингот, не треба да „продава“ јунаштво – се сеќава на таа борба Калач.
ТРЕНЕР НА ШАМПИОНИ
Калач имаше и убава тренерска кариера. Покрај многуте други боксери што под неговата тренерска палка продефилираа на рингот, тој беше тренер и на двајца големи шампиони на Македонија. Станува збор за Мумин Вели и Примислав Димовски. Првиот беше двапати носител на бронзен медал од европските сениорски првенства, а вториот беше трет на Светското првенство за кадети (СК) во 1995 години, додека на сениорските светски шампионати стигна до петтото место. Димовски беше и прва резерва на Олимписките игри (ОИ) во Сиднеј 2000. Но,за жал, иако со тренерот Калач беше таму, не доби шанса да настапи на најголемиот светски спортски собир.
– Самиот факт што бев таму, сепак, многу значеше. Да се биде меѓу боксерската елита и на самото место да се гледаат борбите на светските боксерски мајстори, многу го збогати моето искуство – задоволно констатира Калач.
Руждија Калач е еден од најуспешните тренери што се појавиле на овие простори, а на нашата најголема боксерска приредба „Златен гонг“, со Мумин Вели и Примислав Димовски, има освоено дури седум „гонга“. Сето ова убаво говори за тоа каков тренер е Калач, кој ја продолжува својата кариера, но сега како професор за бокс, кик-бокс и борење на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.
За сите заслуги и придонеси за развојот на боксот во Македонија, Калач е добитник и на престижната државна награда „8 Септември“, а четири пати е прогласуван за тренер на годината од Сојузот на спортовите на градот Скопје.
Лична карта
Роден: во Скопје во 1957 година
Кариера: БК Скопје
Успеси: младински првак и двапати трет во истата конкуренција на шампионатите на поранешна Југославија, стандарден во БК Скопје во натпреварите во Втората југословенска лига
Тренерска кариера: два бронзени медала со Мумин Вели на европските сениорски првенства, трето место на Европското првенство за кадети во Елазик (Турција) во 1995 година со Примислав Димовски, кој беше двапати петти и меѓу сениорите, а беше прва резерва и на ОИ во Сиднеј 2000а. Со двајцата боксери има освоено вкупно седум „златни гонга“. Како тренер е учесник на девет европски и шест светски првенства. Со боксерот Фатлум Жута има и бронзен медал од Медитеранските игри (МИ) во Мерсин (Турција) во 2013 година.