Земјите од ЕУ јавно го поддржуваа нуклеарниот договор, но потајно сметаа дека Иран не може да си дозволи да се откаже од него дури и ако не добие ниту една од ветените економски награди. Додека воинствените советници на Трамп заговараат војна против Иран, ЕУ треба брзо да одлучи како ќе реагира
Администрацијата на Доналд Трамп пред една година еднострано се повлече од нуклеарниот договор со Иран, поддржан од Обединетите нации (ОН). САД потоа воведоа нелегална глобална финансиска и енергетска блокада на сите трговски сфери со Иран – од нафта и гас до железо, челик, алуминиум и бакар. Во секое геополитичко сценарио ова би било рамно на објава на војна. Разни администрации на САД досега го газеа меѓународното право и повлекувањето од иранскиот договор е само уште еден пример. За САД не е важно што Техеран ги исполни сите свои обврски кон договорот, според инспекторите на ОН. Откако заклучи дека цунамито од санкциите на САД е посилно од кога било, раководството во Техеран реши делумно да се повлече од договорот.
Но претседателот Хасан Рохани е непопустлив. Иран сѐ уште не се откажува целосно од договорот. Мерките на Техеран се легални според членовите 26 и 36 од спогодбата и европските претставници беа однапред информирани за потезите. Но јасно е дека Германија, Франција и Британија, кои секогаш тврдеа дека го поддржуваат договорот, мора сериозно да поработат за да ја ублажат економската катастрофа во Иран, предизвикана од американските санкции, ако сакаат Техеран да има мотиви да продолжи да се придржува кон договорот.
Но политички е наивно да се верува дека Европејците одеднаш ќе соберат храброст и ќе променат нешто. Удобната претпоставка во Берлин, Париз и во Лондон беше дека Техеран не може да си дозволи да се откаже од договорот, дури и ако не добие ниту една од економските награди што му беа ветени во 2015 година. Тројката од ЕУ сега се соочува со моментот на вистината. Тешко е да се очекува нешто значајно да дојде од ослабената канцеларка Ангела Меркел и од Берлин, кој веќе е соочен со трговски напади од Вашингтон. Британија е парализирана од брегзит, додека непопуларниот француски претседател Емануел Макрон веќе се заканува да наметне свои санкции ако Техеран не се согласи да ја ограничи својата програма за балистички ракети. Техеран никогаш нема да дозволи инспекции на својата просперитетна ракетна индустрија, а тоа никогаш не беше дел од договорот.
Тројката од ЕУ не купува иранска нафта. Трите земји ги почитуваат банкарските, нафтените и гасните санкции на САД, кои сега се проширени врз мануфактурните сектори, и не прават ништо за да го заштитат Иран од несаканите ефекти. Спласна и имплементацијата на платежниот механизам „Инстекс“, алтернативата на „Свифт“ за трговија со Иран.
Освен што изразува „жалење“ за санкциите на САД, тројката од ЕУ де факто игра на страната на САД, Израел, Саудиска Арабија и на Емиратите, а против Русија, Кина и Иран. Русија и Кина, столбовите на евроазиската интеграција на кои се потпира Иран, ги поддржуваат позициите на Техеран.
Техеран сега ја префрла топката пред Европскиот суд, а тројката на ЕУ пред себе има две тешки опции. Ако реши да го брани договорот, сигурно ќе навлече жестоки реакции од администрацијата на Трамп. Ако реши да ја свитка опашката, што веројатно ќе се случи, уште повеќе ќе ги охрабри воинствените империјалисти и фанатици, кои по секоја цена сакаат војна против Иран: браќата Кох со нивните нафтени интереси и со својот човек, државниот секретар Мајк Помпео, како и советникот за национална одбрана, Џон Болтон, кој е тесно поврзан со Организацијата на муџахедините на иранскиот народ, која се залага за „промена на режимот“ во Техеран.
Маневарот на Помпео и Болтон не е многу сложен. Целта е да се принуди Иран да направи грешка, каква било грешка во смисла на „прекршување“ на обврските од договорот, што може да ѝ се продаде на лековерната американска јавност како „закана за поредокот заснован на правила“.
Но има една работа што економската војна на САД против Иран успеа да постигне – тоа е внатрешното единство во Исламската република. Првичната цел на тимот на Рохани беше со договорот да ја отвори земјата кон западната трговија (трговијата со Азија секогаш беше присутна) и на некој начин ја намали моќта на Иранската револуционерна гарда, која контролира огромен дел од иранската економија. Наместо тоа, економската војна на Вашингтон покажа дека Револуционерната гарда била во право кога ги повторувала геополитичките ставови на врховниот лидер, ајатолахот Хаменеи. Тој секогаш нагласуваше дека на Американците не може да им се верува. Вашингтон реши да ја означи Револуционерната гарда како „терористичка организација“, а Техеран го стори истото со Централната команда на САД.
НЕУСПЕШНА БЛОКАДА
Енергетската блокада на САД против Иран сигурно ќе пропадне. Кина ќе продолжи да купува 650.000 барели дневно, а може да почне да купува уште повеќе. Повеќе кинески компании нудат технологија и индустриски услуги за иранската нафта. Пакистан, Ирак и Турција, кои се граничат со Иран, ќе продолжат да купуваат иранска нафта, ќе плаќаат на секаков можен начин (дури и со злато) и ќе користат секаков достапен превоз, формален или неформален. Трговските врски меѓу Багдад и Техеран ќе продолжат да се развиваат.
Бидејќи економското задушување нема да биде доволно, на повидок е планот Б, односно заканата од жестока војна. Познато е дека информациите, поточно шпекулациите, за наводните ирански маневри за напад на интересите на САД во Заливот, Болтон ги добил од Мосад, поточно израелскиот советник за национална безбедност, Меир Бен Шабат лично го информирал Болтон за тоа во Белата куќа. Сите ги знаат последиците. По објавата следуваше „репозиционирање“ на ударната група предводена од американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“, како и на четири бомбардери „б-52“, кои слетаа во Катар. Сето тоа беше дел од „предупредувањето“ за Иран.
ПРИЧИНИ ЗА ФАНАТИЧНИОТ БЕС
Иранскиот бруто-домашен производ е сличен на тајландскиот, а неговиот воен буџет е сличен на сингапурскиот. Заплашувањето на Иран е геополитички и геоекономски апсурд. Иран можеби е новиот глобален јужен актер (лесно може да биде членка на Г20), но никогаш не може да се толкува како „закана“ за САД. Сепак, Иран предизвикува бес кај фанатичните империјалистички функционери од три сериозни причини. На неоконзервативците никогаш не им беше грижа што обидот за уништување на Ирак чинеше над 6.000 милијарди долари и што тоа беше големо воено злосторство, политичка катастрофа и економска дупка. Обидот да се уништи Иран ќе чини многу повеќе илјади милијарди долари.
Најголемата причина за ирационалната омраза е фактот дека Исламската република е една од ретките земји на планетата што постојано му се спротивставува на хегемонот и тоа веќе четири децении. Втората причина е тоа што Иран, исто како и Венецуела (и ова е комбиниран воен фронт) го направи најголемиот грев, односно тргува со енергенти, заобиколувајќи го петродоларот, на кој се темели американската хегемонија. Третата (невидлива) причина е дека со нападот на Иран ќе се оневозможи новата интеграција на Евроазија, исто како што НСА шпионираше во Бразил за да го придобие на своја страна и да ја спречи латиноамериканската интеграција.
Постојаната хистерија околу тоа дали фанатичните советници го туркаат Трамп во војна против Иран всушност ја прикрива поголемата слика. Можната блокада на Ормутскиот Теснец, од какви било причини, ќе има огромни последици врз глобалната економија и неизбежно ќе доведе до реизбор на Трамп во 2020-та.
Ормутскиот Теснец никогаш не мора да биде блокиран ако целата нафта што Иран може да ја извезува ја купуваат Кина, други азиски клиенти, па дури и Русија. Но на Техеран нема да му трепне око околу блокирањето на теснецот ако се соочи со целосно економско задушување.
– САД се во јасна неповолна позиција бидејќи ако теснецот биде блокиран, тие ќе колабираат. Но ако САД можат да ја оддалечат Русија од одбраната на Иран, тогаш Иран може да биде нападнат. Но Русија нема да постигне ништо, бидејќи неоконзервативиците не сакаат подобрување на односите со Русија и со Кина. Трамп сака подобрување на односите, но „длабоката држава“ нема намера да го дозволи тоа – вели еден американски дисидент и разузнавачки експерт.
Ако е точно ова сценарио, воинствените советници се обидуваат да го држат Владимир Путин понастрана од прашањето за теснецот и Трамп ослабен, додека неоконзервативците се обидуваат да го задушат Иран. Сепак, тешко е да се поверува дека Путин ќе биде измамен од оваа и не толку сложена стапица.
Што е следно? Професорот Мохамед Маранди од Универзитетот во Техеран нуди една отрезнувачка перспектива.
– По 60 дена, Иран ќе изврши уште поголем притисок. Не мислам дека Иранците блефираат. Тие ќе вршат притисок и врз Саудијците и врз Емиратите со различни средства – вели тој.
Но Маранди предвидува опасна ескалација на ситуацијата во иднина.
– Иранците се подготвуваат за војна со САД уште од инвазијата на Ирак во 2003 година. По она што го видоа во Либија, Сирија, Јемен и во Венецуела, тие знаат дека Американците и Европејците се брутални. Целиот брег на Персискиот Залив од иранската страна и на Оманскиот Залив е полн со тунели и подземни високотехнолошки ракети. Персискиот Залив е полн со бродови опремени со високотехнолошки проектили „море-море“. Ако има вистинска војна, сите објекти за нафта и гас во регионот ќе бидат уништени, сите танкери ќе бидат уништени – прогнозира тој.
Ако се случи тоа, теснецот ќе биде само „споредно шоу“, вели Маранди.
– Американците ќе бидат протерани од Ирак. Ирак извезува четири милиони барели нафта дневно, што веројатно ќе биде запрено преку напади и други средства. Тоа би било катастрофално и за Американците и за светот, ама и за Иран. Но Американците едноставно нема да победат – вели тој.
Според него, а и според голем дел од иранската јавност, Исламската република е во предност бидејќи знае дека Американците во моментот не можат да си дозволат нова војна.
– Луѓето како Помпео и Болтон можеби го посакуваат тоа, но не и поголемиот дел од естаблишментот – вели тој.
СИТЕ ОПЦИИ СЕ НА МАСА?
Во една нова студена војна 2.0, од Централна Азија до Источен Медитеран и од Индиски Океан до Касписко Море, Техеран може да смета голем број формални и неформални сојузи. Тоа не се однесува само на оската Бејрут – Дамаск – Багдад – Техеран – Херат, туку ги вклучува и Турција и Катар. Најважно од сѐ е што главните актери на шаховската табла на евроазиската интеграција, Русија и Кина, го поддржуваат стратегиското партнерство.
Кога шефовите на дипломатиите на Русија и на Иран се сретнаа во Москва, тие разговараа за многу региони и прашања – од Сирија до Венецуела и од Шангајската организација за соработка до нуклеарниот договор. Администрацијата на Трамп сака да го седне Ким Јонг-ун на иста преговарачка маса поради интерконтиненталните балистички ракетни тестови. Но наместо тоа, Ким нареди нови ракетни тестови зашто, како што изјави самиот, „вистинскиот мир и безбедност на државата се гарантираат само со цврста физичка сила, способна да го одбрани суверенитетот“.
Повеќето земји од јужната хемисфера гледаат како неоконзервативната офанзива на САД сака да го задуши „иранскиот народ“, свесни дека Иран може да биде доведен до истребување бидејќи нема нуклеарен арсенал за да ги обесхрабри нападите. Иранската револуционерна гарда дојде до истиот заклучок. Но тоа би значело крај на нуклеарниот договор и враќање на состојбата во која „сите опции се на маса“.
Дотогаш ќе има разни пресврти и тука ќе се види „уметноста на договорот“. Што ако, а тоа е едно големо ако, Трамп навистина е заложник на неговите воинствени фанатици.
– Се надеваме дека не треба да сториме ништо во врска со употребата на воена сила. Можеме да склучиме договор, фер договор. Едноставно не сакаме да имаат нуклеарно оружје. Не бараме премногу. Ние ќе им помогнеме да се вратат во одлична форма. Во моментов се во лоша состојба. Со нетрпение го чекам денот кога навистина можеме да му помогнеме на Иран. Не сакаме да му наштетиме на Иран. Сакам тие да бидат силни и одлични и да имаат одлична економија. Немаме тајни. Тие можат да бидат многу, многу силни, финансиски. Тие имаат голем потенцијал – вели Трамп.
Од друга страна, ајатолахот Хаменеи смета дека на Американците никогаш не може да им се верува.
Авторот е бразилски новинар и дописник на „Азија тајмс“ од Хонгконг