Музеите тековно растат во нивната улога како културни средишта, а истовремено наоѓаат нови начини за вреднување на нивните колекции, истории и наследства, креирајќи на тој начин традиција, која ќе има нови значења за идните генерации и релевантност за растечки, современи аудиториуми на глобално ниво
Координаторот на манифестациите „18 мај – Меѓународен ден на музеите“ и „Европска ноќ на музеите 2019“ – Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) најавува програма што во текот на 11 дена, до 25 мај, ќе вклучи 32 различни настани и активности и 15 организации, од 7 града на територијата на нашата земја. Оваа организација во 2018 година првпат кај нас беше координатор на активностите поврзани со одбележување на овие две значајни манифестации на европско и на светско ниво. Меѓународниот ден на музеите 2019, како што велат од МНК ИКОМ, годинава ќе се фокусира на новата улога на музеите како активни учесници во нивните заедници.
– Улогата на музеите во општеството активно се менува. Порано беа статични институции, но сега музеите повторно се пронаоѓаат за да станат поинтерактивни, фокусирани кон публиката и заедниците, флексибилни, приспособливи и мобилни. Тие станаа културни средишта и функционираат како платформи каде што креативноста се комбинира со знаење, каде што посетителите можат заедно да создаваат и да споделуваат информации. Поради оваа причина, темата избрана од Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) за Меѓународниот ден на музеите 2019 е „Музеите како културни средишта: иднината на традицијата“ – велат од МНК ИКОМ.
Музеите тековно растат во нивната улога како културни средишта, а истовремено наоѓаат нови начини за вреднување на нивните колекции, истории и наследства, креирајќи на тој начин традиција, која ќе има нови значења за идните генерации и релевантност за растечки, современи аудиториуми на глобално ниво.
– Оваа трансформација ќе има длабоко влијание на музејската теорија и практика, во исто време присилувајќи ги музејските професионалци повторно да ја обмислат вредноста на музеите и да ги преиспитаат етичките граници што ја дефинираат природата на нивната професија. Одеднаш музејот станува фокус на заедницата и интегрален дел од глобалната мрежа, нудејќи платформа за пренесување на потребите и погледите на локалните заедници – велат организаторите.
Манифестацијата почна во Меморијалниот центар на холкаустот на Евреите од Македонија со „Башка и барабар во еврејската култура и традицијата“ – промоција на книга, изложба, работилница, предавање, промоција на мобилна апликација, проекција на филм.
Како дел од програмата, денеска, во 12 часот, во малата сала на Заводот и музеј – Битола предавање ќе одржи Роберт Јанкуловски. Насловот е „Старата фотографија – инспирација во моите дела“. Во 15.30 часот ќе се врачи наградата „18 мај – Меѓународен ден на музеите за 2018 година“ во меморијалниот центар АСНОМ, Пелинце.
В сабота, на 18 мај, во 12 часот во Музеј на современата уметност ќе се одржи трибина под наслов „Ослободување на просторот“, а во 20 часот во Локалниот музеј – галерија Кавадарци ќе биде отворена изложбата „Че биде“ на Игор Јосифов. На 19 мај, со почеток во 10 часот, во центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС ќе се одржи едукативна тура низ „Отоманското наследство на Скопје“. На 21 мај, во 11 часот во Заводот и музеј – Битола ќе се одржат работилници насловени „Ние во музеј“, додека, пак, во Музејот на македонската борба – Скопје, во 11 часот, ќе се има промоција на водич низ музејската поставка, преку организација на креативна работилница со ученици од основните училишта со наслов „Минатото на дланка“.
Обемната програма, меѓу другото, го вклучува и отворањето на изложбите „Учиме за нас“, на 22 мај, во 11 часот, во Заводот и музеј – Битола и „Традиционалната исхрана кај Власите во Кумановско“, во 19 часот, во Музејот – Куманово, Уметничка галерија, како и проекција на етнолошки документарни филмови на Владимир Боцев во продукција на Музејот на Македонија во периодот од 1997 до 2015 година, на 23 мај во 11 часот во Музејот на Република Северна Македонија, самостојна изложба на Јан Вало, фотограф од Нови Сад, Србија, во фотоклубот „Куманово“, на 25 мај во 13 часот и уште голем број други настани.
Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) со седиште во Париз е меѓународна мрежа на музеи и музејски професионалци формирана во 1946 година, која денес има над 40.000 професионални индивидуални члена во над 141 земја во светот, 119 национални комитети и 30 меѓународни комитети. ИКОМ го востанови Меѓународниот ден на музеите во 1977 година, за да ја издигне јавната свест за улогата на музеите во развојот на општеството, и оттогаш овој настан постојано добива поголемо значење. Во 2018 година Меѓународниот ден на музеите се прослави преку организирање настани во илјадници музеи во 158 земји и региони.