И по 60 години од постоењето на Унијата, сепак, не постојат вистински транснационални партии. Но времињата се менуваат
Гардијан
Проблемот што постои кај европските избори е што тие воопшто не се европски. Кога граѓаните на ЕУ ќе излезат на гласање овој месец, тие ќе гласаат во согласност со државните избори закони за кандидати зад кои стојат националните партии, кои, воедно, се залагаат за решавање на домашните прашања.
„Европартиите“, на кои ќе се приклучат новоизбраните европски пратеници, не се партии, туку слаби и честопати поделени коалиции, така што глас за германската Демохристијанска унија, исто така, значи глас за ултрадесничарската Фидес, освен ако унгарската националистичка партија конечно не биде отстранета од европската центристичко-десничарска група ЕПП во која е членка.
Повеќе од 60 години ЕУ очигледно не успеа да создаде нешто што може да се нарече европски политички простор. Алберто Алемано, професор по европско право на бизнис-школата ХЕЦ во Париз, кој се занимава и залага за вистински транснационални партии повеќе од две децении, смета дека „европската демократија практично сè уште претставува збир на националните демократии на ЕУ“.
– Сè уште немаме европска политика, затоа што нема реално паневропско јавно мислење, нема транснационална политичка дебата, или дијалог за прашања што влијаат врз нашите заеднички интереси како Европејци, како што се невработеноста, животната средина, миграцијата и заштитата на податоци. Но како што потребите растат, така и таа почнува да се појавува – вели тој.
Претходните обиди за транснационална европска политика постигнаа мал напредок. На почетокот од 21-от век, Зелените почнаа да се залагаат кон една паневропска мрежа и бараа кандидати надвор од нивните татковини. Во 2009 година, Новоевропејците, малата партија која брзо се распадна, доби вкупни 36.871 глас во Холандија, Германија и во Франција.
Најновите транснационални случувања парадоксално потекнуваат од крајната десница преку градење на заеднички дискурс што ќе се насочи само на едно или две најгорливи европски прашања, како што се доселувањето и постојаните напади врз ЕУ, па така десничарите „всушност ја европеизираа европската политика на начин што ниедна умерена национална партија не успеа“, како што смета Алемано.
Но и прогресивците исто така почнаа да преземаат чекори. Замислувајќи го денот по референдумот за брегзит, француската адвокатка за човекови права Колом Каен-Салвадор (25), нејзиниот партнер, италијанскиот консултант Андреа Венцон (27) и германскиот пријател Дамјан Бозлегер (30) од проевропската група наречена „Волт“, се надеваат да станат првата вистинска паневропска партија што ќе освои места во парламентот.
– Националните партии забележаа „тотален неуспех“ на европско ниво. На секој состанок за европските избори во сите земји-членки, дискусијата ќе биде 90 отсто за националните прашања и 10 отсто за тоа како ЕУ мора да се промени за подобро да им служи на националните интереси. Националните интереси секогаш се на прво место дури и за проевропските партии – смета Венцон.
Целосно финансирани од донации на граѓаните, „Волт“ има 25.000 членови на возраст од 14 до 92 години во 32 држави. Каен-Салвадор вели дека таа е регистрирана како политичка партија во 12 држави и ќе понуди кандидати од осум земји. Поддржувачите детално дебатираа за нејзините политики 18 месеци, на Интернет и на состаноци, пред да ја состават политичката програма во Амстердам на крајот од минатата година.
Покажувајќи силна амбициозност, целите вклучуваат „поправање на ЕУ“ со тоа што ќе им се овозможи на европските пратеници да предлагаат закони, а на членките да одлучат мнозински, наместо едногласно, и да се погрижат фондовите на блокот да се користат за да се направат вистински промени во животите на обичните Европејци, како што се образованието и инфраструктурата, како и отворање на нови работни места.
Други групи прават слични напори. Лево-ориентираната „Европска пролет“, на чие чело е поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис, нејзиниот водечки кандидат во Берлин, повеќе претставува коалиција на мали, радикални национални партии отколку една паневропска партија, а пред европскиот електорат ќе се претстави со една реформистичка програма наречена „Нов договор за Европа“.
Исто така, со заедничка политичка програма во повеќе од една европска држава, постои и друга поинаква група, а тоа е „Женерасион идентитер“ (Генерација на идентитет), која се смета за „политичко движење за млади од цела Европа, кои се борат против масовното доселување и исламизацијата на Европа“, и стана позната по антидоселеничките дејства во регионот на јужните Алпи и Медитеранот.
Без разлика како ќе се покажат, енергичните млади активисти од „Волт“, кои треба да освојат повеќе пратенички места, ќе треба да направат чуда за да постигнат онолку колку што постигнаа досега, затоа што за паневропските партии е многу тешко да успеат во заплетканата мрежа на разни национални изборни законици во ЕУ.
Во Италија за европските избори треба да се соберат 150.000 потписи, вклучувајќи најмалку 3.000 во секој регион и притоа сите треба да бидат нотарски потврдени. Во Франција, секоја партија мора да воведе праг од пет отсто за да освои пратенички места, но најтешко е што мора да ги плати трошоците за печатење на изборниот материјал, кои изнесуваат од 800.000 до еден милион евра.
Во Данска мора да се соберат 70.000 потписи за осум недели пред изборите, но граѓаните на ЕУ можат да се регистрираат за гласање само на 12 недели пред денот на изборите. Португалија бара само 7.500 потписи, но сите, во согласност со статутите на новата партија и нејзините цели, мора да добијат одобрување од уставниот суд.
Во Велика Британија, каде што „Волт“ успеа да освои значајни 4,2 отсто од гласовите на локалните избори во Манчестер овој месец, Венцон ќе мора да се кандидира како независен кандидат во Лондон затоа што 10 недели откако ги поднесе формуларите, движењето сè уште не е официјално признаено како политичка партија од страна на Европската комисија.
Покрај силните напори во над десетина држави, „Волт“ ќе има кандидати само од Шведска, Велика Британија, Германија, Холандија, фламанскиот дел на Белгија, Луксембург, Шпанија и Бугарија. Каен-Салвадор вели дека „овие закони се огромни пречки за европската демократија и треба да бидат усогласени“.
Сепак, партијата најверојатно ќе добие поддршка од граѓанското општество кое полека но сигурно сè повеќе се европеизира. Честото појавување во изминатите две или три години по референдумот за брегзит и силните резултати на ултра-десничарските партии на изборите во Холандија и во Франција, инцијативите како „Бранете ја Европа“ и „Пулсот на Европа“ се мобилизираа во голем број за одбрана на европскиот проект.
– Водев кампања во 15 европски држави и несомнено сите граѓани ги чувствуваат истите стравови, надежи и предизвици. Работните места, животната средина, основата е јасна за реална, функционална европска демократија, но структурата сè уште не е подготвена – вели Венцон од „Волт“.
Алемано смета дека конечно „ќе присуствуваме на раѓањето на европскиот политички простор. Можеби се одвива бавно, има двоумења, процесот е болен и постојано на удар на националните политики, а никој не знае каква форма ќе земе на крајот, но со сигурност ќе ги вклучува и оние против Европа. Но јасно е дека процесот е во развој“.
Подготвила: Билјана Здравковска