Според аналитичарите, помирувањето е реален белег на современите општества, но поделеноста на македонското битие лежи, пред сѐ, во непостоењето национален консензус за суштествените прашања
Новиот македонски претседател Стево Пендаровски, на првиот работен ден по инаугурацијата, повика на граѓанско помирување, нешто што и во минатото можеше да се слушне од устите на политичарите.
Проблемот со длабоката поделеност на општеството се провлекува уште од почетокот на независноста на државата, појава што остана присутна и до денес и постојано се користи за дневнополитички цели.
Власта и опозицијата низ годините наназад постојано меѓусебно си префрлаа кој го поделил општеството.
Пендаровски, по започнувањето на првиот работен ден, објави статус на Фејсбук преку кој повтори дека ќе се залага за граѓанско помирување. Истото тоа го најави и во поздравниот говор по инаугурацијата во македонското собрание.
– Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина, која може да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг – објави на Фејсбук Пендаровски.
Но што всушност значи флоскулата граѓанско помирување и како да се изведе тоа. Дали можеби преку поимот граѓанско помирување се бришат, односно се запоставуваат етникумот и идентитетското обележје.
Аналитичарите сметаат дека за да дојде до граѓанско помирување, потребно е политичките партии во земјава да ги сменат наративите и нивното однесување, со што ќе влијаат и врз граѓанското помирување.
– Македонското општество е поделено на таков начин, што доколку не се променат наративите на најголемите политички партии, тешко дека ќе дојде до помирување. Опозицијата мора да прифати одредена одговорност за злоупотребите на власта од минатиот период. Потребно е да не се игнорира одговорноста, бидејќи тоа води кон ненаоѓање минимален консензус за тоа што е добро, а што лошо во едно општество – вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
Втора работа, според него, треба да постои признавање на добрите политики на една власт, што ќе овозможи препознавање на она што е додадено како дополнителна вредност на нашето општество.
Аналитичарите се со став и дека тешко може да се најде начин за помирување без помирување на партиските сфери.
– Помирувањето е реален белег на цивилизираните општества. Потребно е општо помирување за да тргнеме кон остварување на заедничките цели – вели политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.
Тој додава дека за помирувањето треба да придонесе и опозицијата со своето конструктивно однесување.
– Со конструктивноста, опозицијата ќе придонесе за започнување на процесот за заздравување на нашето општество. Ние треба да тргнеме напред и да ги стигнеме земјите од регионот, бидејќи освен политички напредок, немаме никаков напредок во економската сфера – вели Биљали.
Професорот Илија Ацевски смета дека најпрво е потребно да се помират партиите.
– Ако новиот претседател изјавата за помирување ја дава во една партиско-политичка смисла, кога тој стапува на сцена, тогаш е во ред. Втор момент што за мене е посложен и попроблематичен, е како да се помират тие партиски сфери. Тие се вкопани на различни страни и не станува збор за површинско вкопување, туку тоа е длабоко – вели Ацевски.
Според него, помирувањето на двете најголеми македонски партии и на самото општество ќе биде многу тешко.
– Можеби во некој сегмент нешто би било прифатливо за раководствата на двете партии и тие може да се договорат да надминат некоја разлика, но проблем е членството, кое не мора да се согласува со одлуките на раководството и тоа ќе доведе до внатрепартиски несогласувања – вели Ацевски, притоа додавајќи дека духот на денешните случувања во општеството се провлекува барем десетина и повеќе години наназад.
Осврнувајќи се на ваквите состојби, професорот Ацевски вели тоа ги погодува и самите граѓани, а поделеноста на македонското битие, како што вели, лежи во непостоењето национален консензус за суштествените прашања.
– Ако постоеше линија на консензус, како што имаа Грците, без разлика дали се опозиција или власт, во врска со прашањето за името, ќе можевме да одиме понатаму. Тоа ќе нè ослободеше да пристапиме и кон решавање и на другите проблеми – додава Ацевски.
Според професорот Јове Кекеновски, Македонија ќе сонува уште многу години за вистинско граѓанско општество.
– Партиите кога ќе дојдат на власт, без исклучок, формираат граѓански и невладини здруженија, кои подоцна одработуваат за нив. Сè е лага и фарса – смета Кекеновски.
Тој уште додава дека новиот претседател Стево Пендаровски нема ниту капацитет ниту слобода да тргне во насока на граѓанско помирување.
– Со чинот на непоканување на лидерот на опозицијата, тој покажа дека не мисли да го спроведе помирувањето. Второ, Пендаровски со ниту еден збор за време на кампањата не осуди некој негов сопартиец што беше фатен во криминал. Станува збор само за евтина реторика – вели Кекеновски.