Добивањето датум за почеток на преговорите за членство во Унијата ќе го гарантира
европскиот курс на Македонија и ќе ги спречи евроскептичните сили (внатре во Унијата) во иднина да ја оддалечат земјата од ЕУ, тврдат аналитичарите
Деветти мај (иако никогаш не бил празничен – неработен ден) во свеста на граѓаните на Македонија, од сите генерации од 1945 година до денес, останал забележан како победнички ден! Прво како ден на конечната победа над фашизмот, а во последниве две децении сѐ повеќе се нагласува значењето на овој датум како – Денот на Европа! Иако симболиката на Денот на Европа произлегува, т.е. се надоврзува на значењето на Денот на победата над фашизмот, се чини дека сѐ повеќе преовладува тенденцијата за создавање дистинкција меѓу двете значења на денот. Во актуелнава европска сегашност таквата разлика во доживувањето на 9 мај највоочливо се манифестира така што Денот на победата над фашизмот се прославува во Русија со паради, додека Денот на Европа претставува обединувачки момент за земјите-членки на ЕУ, како и на земјите-кандидати за членство во Унијата.
Денот на победата над фашизмот е ден кога нацистичка Германија потпишала капитулација во Втората светска војна. На тој ден заврши Втората светска војна, најкрвавиот судир во историјата на човештвото, во кој загинале околу 55 милиони лица, од кои речиси 31 милион цивили, а повредени се околу 35 милиони луѓе. Војната се водела на териториите на тогашни 60 држави.
Во земјите на Европската Унија посебно значење има Денот на Европа, како ден што ја означува пресвртницата во односите на европските земји и е отворен патот за создавање заедница на држави на тој континент. Денот на Европа, 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, која се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ. Декларацијата била предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават организација што заеднички ќе управува со нивните индустрии за јаглен и челик, за војната во Европа никогаш да не се повтори. Предлогот доведе до создавање Европска заедница за јаглен и челик во 1951 година, претходник на Европската економска заедница, односно денешната ЕУ.
Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицира за членство, а во декември 2005 година се стекна со статусот земја кандидат. Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, првпат ја доби и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим, и оттогаш девет пати едноподруго, заклучно и со онаа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини досега не се случи тоа.
Во интерес на целосна европска интеграција, првично за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, Македонија направи болни политички отстапки, кои се одразуваат и на нејзиниот историски идентитет, но се чини дека и понатаму во визијата за иднината на земјите-членки на ЕУ, земјата што си го промени името е на маргините на интересот. Затоа се поставува прашањето дали е иста европската визија на ЕУ со онаа на Македонија.
– Моментално, визијата на политичките тела на ЕУ ја дополнува и поткрепува визијата на Македонија за себе во Унијата. Стратегијата за проширувањето на ЕУ, изјавите на комесарите за проширување и за надворешна политика, Хан и Могерини, само го потврдуваат тоа. Сепак, на ниво на земји-членки и на нивните граѓани, визиите за проширување на ЕУ се разидуваат. Претстојните парламентарни избори ќе го определат курсот на ЕУ за наредните години. Оттука, моменталната поволна позиција за Македонија можеби ќе биде целосно променета до средината на летово. Затоа, добивањето датум за почеток на преговорите за членство во Унијата ќе го гарантира европскиот курс на Македонија и ќе ги спречи евроскептичните сили (внатре во Унијата) во иднина да ја оддалечат земјата од ЕУ – смета политикологот Марко Трошановски од Институтот за демократија во Скопје.
Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април минатата година препорача земјава да ги почне преговорите со ЕУ. Во септември минатата година земјава го почна објаснувачкиот скрининг-процес за пристапување во Европската Унија со поглавјето 23, Правосудство и фундаментални права. Со тоа, на некој начин Македонија го започна својот европски маратон што ќе трае подолг временски период, а чија должина ќе зависи пред сѐ од подготвеноста за промени и длабоки реформи. Земјава очекува од Советот на ЕУ во јуни да добие одлука за датум на преговори. Доколку се исполнат условите, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.