Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, нема дилеми дека посетата на папата е успешна и дека целта е остварена, а во однос на неговите пораки тие се условени со карактеристиките и ситуацијата што постои во секоја земја посебно
Македонците и Бугарите се две целосно различни нации. Бугарија е нација со вековна традиција. Македонија, од друга страна, има вековна традиција, но не како држава, туку како народ, што на крајот израсна да формира нација. Тоа е убава борба. Ова е изјавата што папата Франциск ја дал за добиените впечатоци од посетата на овие две земји, која ја направил од 5 до 7 мај годинава. Папата имаше еднодневна посета на Скопје, а претходно два дена престојуваше во Софија.
– Македонија отсекогаш имала идентитет и сега тој е консолидиран како народ со мали и со големи проблеми, како нејзиното име, и тоа сите го знаеме. И двете земји имаа христијански, православни, католички и муслимански заедници. Она што го видов е дека во двете земји има добри односи меѓу различните вери – истакна папата.
Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, нема дилеми дека посетата на папата е успешна и дека целта е остварена. Не би сакал да ги споредува посетите на папата во Бугарија и во Македонија, како и неговите пораки, зашто неговите пораки се условени со карактеристиките и ситуацијата што постои во секоја земја посебно.
– Во нашиот случај тој ги истакна мултиетничноста и мултирелигиозноста. Оваа посета сигурно ќе нѐ етаблира на меѓународен план како „нормална земја“. Не би сакал на внатрешен план да почне да се користи за собирање политички поени. Ова е заеднички успех на сите – и на власта и на опозицијата. Посетата не се договара прекуноќ, туку е резултат на многугодишни односи меѓу Ватикан и Македонија – посочува Ѓорѓевски.
Вели дека пораката на папата за нашата земја, „културното богатство на вашата земја е огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот лик на вашиот народ“, е клучна и го отсликува сето она што е најважно во неговото обраќање. Тоа, според Ѓорѓевски, е една убава и реална порака, која покажува со што треба да се гордееме и да го чуваме.
Аналитичарот Цане Мојановски, пак, посетата на папата на Македонија ја оценува како посета на една земја што во модерна Европа и во модерните настојувања на прогресивните сили на Европа практикува и има искуства што се значаен придонес за развојот на Европа. Смета дека посетата на папата ќе ја афирмира Македонија како држава на мултикултурен и мултирелигиски соживот.
Кратката средба со сите верски заедници – намерно смислен потег
Папата Франциск при својата еднодневна посета на Скопје имаше кратка средба со поглаварите на верските заедници вклучени во Уставот на државата во Спомен-куќата на Мајка Тереза. Тој само накратко се поздрави со г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, со реисот Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница, и со претставниците на Евангелско-методистичката црква и со Еврејската заедница, но и не разговараше за некакви суштински работи со нив. Иако се очекуваше со верските заедници да испрати одредена порака, тоа не се случи, за разлика од посетата на Бугарија, каде што имаше директна средба со Синодот на БПЦ. Според верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски, намерно е направена таква заедничка средба со верските заедници, за никој да не се почувствува потценето, ниту истакнато. Тоа би се случило доколку имало посебна средба со Синодот на МПЦ, што, според него, би било погрешен потег.
– Односите на МПЦ со Ватикан се добри и ова не беше пригода за некакво истакнување. Друга е ситуацијата со Бугарската православна црква и со верските заедници таму, нивната положба во бугарското општество, во Уставот, и потребата да се кршат отпори кај тамошни владици кон Католичката црква. Во официјално соопштение на БПЦ се нарекува само „папата Франциск“ или „гостин од Ватикан“, а Католичката црква не се ни спомнува. Таму има голема потреба од вакви средби за да се уриваат бариерите меѓу православните и католиците, кои се очекува да се намалуваат по историската средба меѓу рускиот патријарх и папата во Хавана – додава Ѓорѓевски.