Општините, за жал, немаат точна информација колку вкупно индивидуални или колективни објекти на нивните територии имаат азбестни покриви. Општината Ѓорче Петров, изработувајќи студија за енергетска ефикасност, дошла до сознание дека 151 станбена зграда имаат такви покриви

Не е доволно само да се градат енергетски ефикасни објекти и да се прават напори тоа да се постигне и кај постарите згради, ако не се отстранат и азбестните покриви, кои, според мислење на експерти, претставуваат опасност по здравјето на луѓето. За жал, тие се ставани и на индивидуални објекти и на институции, меѓу кои и основни училишта. Неодамна беше заменет азбестниот покрив на основното училиште „Лазо Ангеловски“ и добро е тоа да продолжи на сите други. Скопските општини, за жал, немаат точна информација колку вкупно индивидуални или колективни објекти на нивните територии имаат покриви со ваков опасен материјал. Општината Ѓорче Петров, изработувајќи студија за енергетска ефикасност, дошла до сознание дека 151 станбена зграда имаат азбестни покриви.

Некои општини тврдат дека интензивно работат да ги заменат со посовремени енергетски ефикасни покриви, знаејќи дека станува збор за штетен материјал што е опасен по човековото здравје. И во минатите години локалните самоуправи на повеќе општини дејствуваа и ги менуваа на својата територија, но ги има уште. Градот, пак, преку соработка со општините, со различни проекти и субвенционирање дејствува за да се заменат.

Од општината Центар велат дека одамна ги замениле таквите покриви на сите училишта на својата територија. Од градот Скопје, пак, велат дека изминативе неколку години реализирале разни активности за целосна замена на објектите што се во нивна надлежност. И во општината Гази Баба постојат институции, станбени згради и домаќинства што живеат во постари објекти со азбестни покриви. Минатата година општината започна со доделување субвенции за нивно отстранување.

– Оваа мерка предизвика голема заинтересираност кај граѓаните и затоа наша цел е да продолжиме да ја реализираме и во наредниот период, за да им се излезе во пресрет на што повеќе граѓани. Замената на старите азбестни покриви е првиот чекор, по кој ќе следува поставување енергетски ефикасни фасади на станбените згради, за што веќе се подготвени проекти за повеќе од десет згради. Во изминатата година ги заменивме старите покриви во основното училиште „Његош“ во Јурумлери, основното училиште „Крум Тошев“ во Трубарево, ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром, кое има целосно нова зграда, во ОУ „Дане Крапчев“ во Ченто, каде што се работи на обнова и поставување нова енергетска фасада, како и во градинката „Калинка“ во Железара. Со ист интензитет ќе се грижиме да бидат заменети азбестните покриви како на институциите и станбените згради, така и на домаќинствата, за сите граѓани да добијат современи и здрави услови за живеење – велат од општината Гази Баба.
Од Кисела Вода не кријат дека имаат неколку јавни установи што имаат азбестни покриви, како на пример основните училишта „Кузман Јосифовски – Питу“, „Рајко Жинзифов“ и „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево. Тука се и јавните детски установи „Весели цветови“, „Пеперутка“ и „8 Март“. Нѐ информираа дека замената на покривот на ООУ „Кузман Шапкарев“ е ставена во проектот на Министерството за образование и наука.

Од општината Ѓорче Петров информираат дека од вкупно осум училишта, на три им се заменети покривите, а според нивната веќе реализирана студија за енергетски ефикасни фасади, на нивна територија има 151 станбена зграда со азбестни покриви.

– Општината не правела ниту има регистар на азбестни покриви на институции, како и на станбени објекти на своја територија. Оваа статистика не се изработува ниту за индивидуалните домови/домаќинства. За свои потреби, пак, општината има подготвено студија за енергетски ефикасни фасади, каде што целна група беа колективните станбени згради. Оттаму како информација може да ви презентираме дека од 290 влеза на станбените згради, 151 имаат азбестни покриви. Во општината Ѓорче Петров има осум училишни објекти, од кои на три им е променет покривот – рекоа од општината Ѓорче Петров.


Азбестот предизвикува малигни заболувања

Азбестот, или попознат како тивкиот убиец, е материјал за кој е докажано дека има канцерогено дејство и влијае врз здравјето на луѓето. Токму затоа што поскоро тие треба да се отстранат од човековата околина. Азбестот е руда, влакнест минерал што се користел како топлотен и електричен изолатор. Во минатиот век наоѓал широка примена во градежништвото, па од него се изработувале покриви, подови, ѕидови, топлотна изолација, цевки за водовод и канализација. Многу истражувања од претходниот век докажуваат дека азбестот е канцероген, што значи дека кај луѓето сигурно предизвикува малигни заболувања и смртност, а тоа го наведуваат и истражувањата на Светската здравствената организација (СЗО). СЗО и другите меѓународни организации, како Меѓународната организација за труд и Меѓународната агенција за истражување рак, ја имаат забрането употребата на азбест.
Едно од посериозните заболувања што може да ги предизвика азбестот е азбестозата, рак на белите дробови и на грлото.
– Азбестот има штетни ефекти врз белите дробови и обвивката на белите дробови. Овој штетен материјал може да предизвика заболувања како азбестоза и плаки, но и многу посериозни заболувања, како малигни тумори на обвивката на белите дробови или попознат како мезотелиом. Односно, азбестот е докажан хуман канцероген. Овие заболувања може да се јават по долг латентен период од работна средина и животна средина. Кај работниците што порано работеле со азбест, и понатаму во животот постои ризик за јавување на овие заболувања – вели д-р Јордан Минов од Институтот за медицина на трудот.

[email protected]