Хуан Гваидо ја објави завршната фаза од „Операција слобода“, стоејќи пред воената база Ла Карлота рано изутрината во вторникот. Веќе попладнето истиот ден, неговиот обид за воен пуч беше задушен, означувајќи уште еден неуспех на венецуелскиот опозициски лидер и на неговите поддржувачи од САД во обидите да придобијат воена поддршка, со цел да го соборат од власт венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пишува „Лос Анџелес тајмс“.
Превирањата и тајните маневри во Венецуела, како и во САД не резултираа со менување на политичката ситуација во јужноамериканската држава. Мадуро останува на власт, а Гваидо уште е самопрогласен претседател на паралелна власт што не контролира државни институции, ниту територија.
Неколку дена по неуспешниот воен пуч, уште е неразјаснето што тргна наопаку во настаните што беа означени како пресудни во историјата на државата богата со нафта која се соочува со политичка, социјална и економска криза.
– Единството на венецуелската воена команда наспроти три јавни повици на Гваидо за напуштање на Мадуро уште од јануари, отворија сериозни прашања за причините за очигледната претерана самоувереност на Гваидо – вели Џенифер Мекој, експертката за Латинска Америка од универзитетот „Џорџија стејт“.
Опозицијата и нејзините поддржувачи од САД и натаму инсистираат дека минатонеделните настани ја нарушиле навидум силната поддршка на генералите за Мадуро. Но, познавачите на состојбата сметаат дека ова би можела да биде американска тактика за внесување поделби и дестабилизација во венецуелската власт, која веќе е опробана при слични ситуации со обидите за соборување на државни режими. САД и опозицијата, исто така, тврдеа дека е постигнат договор со претставници на власта за протерување на Мадуро надвор од државата. Но, и тоа не се оствари, како што веќе призна опозицијата, не наведувајќи ги причините за наводното пропаѓање на договорот.
Според специјалниот пратеник на САД за Венецуела Абрамс, бил напишан договор за „национално единство“ од 15 точки, помеѓу опозицијата и одредени претставници на власта, кој предвидувал транзициска администрација, со Гваидо како привремен претседател, но и со задржување на позициите на повеќе државни институции.
Абрамс, како и други претставници на американската власт биле изненадени од потезите на Гваидо, кои укажувале на недостаток на координација и на комуникација. Остануваат нејаснотии и околу тоа кои претставници на власта, опозицијата наводно ги придобила, во очекување на следните чекори на Гваидо.