Од САД преку Европа до Австралија се очигледни предизвиците за демократијата. Во меѓувреме, Кина може да се пофали со брзорастечка економија, импресивна инфраструктура и технолошки напредок
Питер Камерер
За луѓето од Западот нема ништо попоразително од Кина. Западните влади често се летаргични, поделени од внатрешните политички борби или системи што не дозволуваат брз напредок – погледнете ги брегзит и американскиот претседател Доналд Трамп. Луѓето ја гледаат високата стапка на економски пораст на Кина, дознаваат за брзината со која ја гради инфраструктурата, го забележуваат богатството на туристите и инвеститорите, и се љубоморни. Тие се прашуваат „зошто и ние не можеме да бидеме такви“.
Во Хонгконг сретнав такви чувства кај австралиска туристичка двојка, по нивната посета на Кина. Тие патувале со брз воз до Шангај. По нивното враќање, беа ентузијасти за футуристичките згради, екстензивната мрежа на подземната железница и, за странци, неразбирливи системи за плаќање. Нашиот разговор премина во обвинување за неуспесите на нивната влада, а на „листата со желби“ се најдоа брза железница помеѓу најголемите градови Сиднеј и Мелбурн, поголема ефикасност на јавните служби и фокус на подобрувањето на квалитетот а животот. Политичарите само ја матат водата, а големите проблеми не се решени – меѓу нив се климатските промени, нееднаквоста и иднината на работните места. Австралијците уште од 1980-тите зборуваат за железничката линија од Сиднеј до Мелбурн, во должина од 730 километри. Уште од почетокот на 1970-тите се води дебата за втор меѓународен аеродром во западните предградија на Сиднеј, но и покрај тоа што локацијата е одбрана и земјиштето купено, градежните работи почнаа лани во септември. Американците имаа слични главоболки од распаднатата инфраструктура во нивната земја. А што може да се каже за брегзит, освен дека е срамен и е доказ дека Британците немаат право да бидат арогантни и оти целиот процес укажува на неуспесите на демократијата?
Анкетите во западните земји од изминатите години укажуваат на политичка инерција. Гласачите сѐ помалку се толерантни на статус кво, поставуваат прашања и очекуваат одговори и резултати. Демократиите постојано се оддалечуваат од политичката воздржаност фокусирана на центарот, левицата и десницата, и се движат кон поларизација, што доведува до популизам и екстремистички политичари.
Во САД, дебатата се претвори во отворена војна помеѓу Трамп (и неговите приврзаници) и левицата, за владата, институциите, медиумите, расата и миграцијата. Австралија се движи по помалку конфронтирачки пат, со помала желба за превртување на системот отколку за наоѓање начин за негово подобрување. Постои загриженост за политичарите што се стремат кон краткорочни добивки наместо да се обидат да ги решат долгорочните предизвици, корупцијата, политичарите кариеристи и влијанието на лобистите. Европа има дополнителен сет грижи, почнувајќи од миграцијата, безбедноста на работните места, подобрите шанси за вработување, па до бавните стапки на економски пораст.
Проблемот е тоа што демократијата, како што се перципира на Западот, е недостижен идеал. Американската политичка икона Абрахам Линколн ја дефинираше како „влада на народот, од народот, за народот“, но тоа функционира само ако гласачкото тело има пристап до вистинити и точни информации и ако избраните политичари се способни, во срцето го носат јавниот интерес и демократскиот систем има авторитет над институциите. Тука се испомешани вредностите како слобода, религија, култура и праведност, кои секој од нас ги разбира различно, поради што постигнувањето фер договор е невозможно. Резултатот од тоа во општествата, што сѐ повеќе се различни и фрагментирани, е недостиг од напредок.
Нема подобар доказ за духот на Пекинг од речиси 30.000 километри кинеска железница, изградена за нешто повеќе од 20 години. Сингапур, со своите пространи и висококвалитетни станбени згради, зеленило и добри стандарди на живот, е иста приказна. И покрај тоа, двете земји имаат политички системи што Западот ги етикетира како диктаторски или автократски.
Секое општество мора да прави размена. Луѓето во копнениот дел на Кина имаат голем напредок и економска слобода на сметка на слободниот пристап до информации и можноста да ја избираат нивната влада, проследено со строги рестрикции на слободите како јавно изразување, акција и организирање. Тие имаат најдобар транспортен систем, безбедни улици и сѐ подобри животи, и иако може приватно да ги критикуваат нивните лидери, не можат тоа да го прават јавно. За малкумина таквите ограничувања претставуваат проблем. Затоа воопшто не е чудно тоа што моите нови австралиски пријатели заминаа зачудени, растргнати помеѓу предностите на демократијата и диктатурата.