Според аналитичарите, речиси секогаш во текот на изборните процеси во Македонија се случуваат настани што подгреваат етнички и национални тензии. Велат дека е очигледно тоа што политиката сѐ уште ја користи етничката карта на граѓаните како главен адут за собирање гласови
Последните случувања, како поставувањето на албанското знаме на Самуиловата тврдина во Охрид, превирањата во Исламската верска заедница, продолжувањето со градежните активности за изградба на Алипашината џамија во Охрид, и покрај забраните за градење, може да се толкуваат како можност за подгревања на националните и етничките чувства меѓу граѓаните, особено што сите овие настани се случуваат меѓу двата изборни круга на претседателските избори.
Ова го коментираат аналитичарите, кои велат дека сето ова може негативно да се рефлектира врз соживотот во земјата, како и дека ова не се ретки случаи, зашто секогаш кога има политички настани како избори во Македонија, се случуваат настани што подгреваат етнички и национални тензии. Велат дека е очигледно тоа што политиката сѐ уште ја користи етничката карта на граѓаните како главен адут за собирање гласови.
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека може да постои сомнеж дека последните настани се произведени да ги иритираат меѓуетничките односи во земјава.
– Сепак, мене уште повеќе ми е чудно што ваквите настани ги релативизираат луѓе што се на клучни позиции во државата, односно ги релативизираат Законот за знамиња и казните за лицата што го поставиле знамето, што е судска одлука -додава Тоновски.
Инаку, албанското знаме било поставено на источниот дел од Самуиловата тврдина. Случајот првично го забележале охриѓани што живеат во тој дел на градот, кои направија фотографии на кои се забележуваат четири лица како го поставуваат знамето на тврдината. Преку социјалните мрежи беше објавена уште една фотографија на која се гледа како лице во албанска народна носија виори помало албанско знаме на кулата од тврдината.
Ѓерг Прекоцај, игроорецот од Косово што го постави албанското знаме со огромни димензии на ѕидините на тврдината во Охрид, дополнително дал изјава дека Охрид е албански град. Тој доби забрана за влез во Македонија во наредните пет години и 1.100 евра казна, во согласност со позитивните законски прописи во Македонија.
Политичарите од албанскиот блок застанаа во одбрана на Косовецот, толкувајќи ја казната за Косовецот што го поставил знамето како престрога.
Вицепремиерот и функционер на ДУИ, Бујар Османи, наместо да го осуди поставувањето на знамето на Република Албанија на Самуиловата тврдина, застанал зад Косовецот, кој доби казна и беше протеран од Македонија. Во интервју за македонска телевизија Османи рекол дека албанското знаме може да се постави каде било и тоа е дозволено со закон.
Според претседателот на Собранието, Талат Џафери, казната за поставувачот на знамето е престрога.
– Поставувачите на знамето биле културни работници и поради тоа казната е престрога – рекол Џафери.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера изјави дека одредбите од Законот за употреба на знамињата се јасни, сѐ што е утврдено во закон треба да го почитуваат сите.
– Во однос на настанот што се случи во Охрид, таму имаме судска одлука, а Владата не коментира судски одлуки. Штом судската одлука е таква каква што е, очигледно постојат некои прекршувања во однос на законот – рече Бошњаковски.