Змејарството, за разлика од параглајдерството, е посложено, обуката е покомплексна и затоа со него се занимаваат релативно мал број пилоти
Змејарството, или делтапланеризам, спаѓа во воздухопловните спортови, во категоријата слободно летање со флексибилни крила или летање без мотор. Или уште може да се опише како едрење во воздухот со помош на термика или, поедноставно, со топлите воздушни струења, кои ги подигаат крилата во висина. Владимир Бараковски, претседател на Воздухопловната федерација на Македонија, со години се занимава со змејарство. Според него, змејарството кај нас не е многу експониран спорт, постои само еден клуб што се занимава со змејарство.
– Секое летало си има специфична техника со која се управува и за секое постои посебен метод на обука. И змејот и параглајдерот спаѓаат во флексибилни крила, но обуката и начинот на летање со овие крила се комплетно различни. За да се стане пилот, пред сѐ треба да се има голема желба и љубов кон летањето, а ако се поседува тоа, обуката и техниките за летање лесно се совладуваат. Обуката на пилоти ја организираат школи и лиценцирани инструктори – ни сподели Бараковски.
Во Македонија змејарството датира уште од крајот на 1970-тите, а параглајдерството е понов спорт и датира од почетокот на 1990-тите години на минатиот век.
– Змејарството, за разлика од параглајдерството, е посложено, обуката е покомплексна и затоа со него се занимаваат релативно мал број пилоти. Денес кај нас постои само еден клуб што се занимава со змејарство и обука на нови пилоти, а тоа е клубот „Крос кантри“ од Охрид. Процесот на обука на еден пилот на змеј е подолг и дефинитивно поскап во споредба со обуката на еден параглајдерист. Водени од прагматичност и нормално комерцијално размислување, школите повеќе инвестираат во промоција на параглајдерството и во негово омасовување. И во светски рамки змејарството е во стагнација во поглед на динамиката на создавање нови пилоти, но, за разлика од кај нас, богатите и развиени земји имаат одлично развиен систем на школи и успеваат во континуитет да формираат нови пилоти. Единствено преку големата посетеност од пилоти на змејови што речиси секоја година доаѓаат да се натпреваруваат или рекреативно да летаат кај нас, има можност да се запознаат љубителите на воздухопловните спортови со овој спорт и да се поттикнат да се занимаваат со него. Во спротивно, змејарството во Македонија ќе исчезне како спорт – категоричен е Бараковски.
Крушево е на мапата на најпосакуваните светски дестинации за летање со параглајдери и змејови. Доказ за тоа се големиот број меѓународни натпревари што се одржани или ќе се одржат таму.
– Крушево беше домаќин на две европски првенства во параглајдерство и змејарство. Ова лето во Крушево се организира 20-то Европско првенство во змејарство, а годинава ќе се организира светското првенство во параглајдерство. Одличната географска местоположба, микроклимата, инфраструктурата, безбедниот терен за летање го позиционираа Крушево во едно од најпосакуваните места во светот за слободно летање – додава претседателот Бараковски.
Традиционално, од 2012-та досега, секоја година во Крушево клубот „Крос кантри“ го организира натпреварот во змејарство „Крушево опен“.
– Летањето е страст, желба и љубов што започнува уште од најрана младост. Јас сум пилот на змеј и летам 27 години. Последниве две години паралелно летам и со параглајдер. Но првата и вистинска љубов ми е змејот. Не би сакал да правам споредба помеѓу летање со змеј и параглајдер, бидејќи тоа се две комплетно различни летала. Можам само да кажам дека динамиката и енергијата што ги има летањето со змеј мене многу повеќе ме исполнуваат и многу повеќе ме возбудуваат отколку параглајдерот. Секое место, секоја планина и пејзаж нудат посебно доживување и уживање. Крушево, фасцинантната Галичица, Попова Шапка со својот алпски пејзаж, Трескавец се места со кои можеме да се фалиме низ целиот свет. Но и светот има спектакуларни места за летање. Јас сум бил на многу места во нашето соседство, како и на Алпите во Турција, но засега неостварена желба ми е Латинска Америка – вели Бараковски.