Недостатокот на значајни договори за контрола на оружјето создаваат услови во кои би се создала „трка за вооружување“ на светските сили, а со тоа се зголемува можноста во иднина да се искористи и нуклеарно оружје, стои во извештајот на Домот на лордовите на британскиот Парламент, а пренесува „Индепендент“.
Во комбинација со константните неуспеси на дипломатската комуникација меѓу земјите и развојот на новите технологии, ризикот за нуклеарен напад во моментов е највисок уште од Студената војна, предупреди Комитетот за меѓународни односи на Горниот дом на британскиот Парламент.
Првиот човек на комитетот, лордот Дејвид Хауел рече дека сме близу до свет во кој нема договори за контрола на оружје, што го трасира патот кон зголемување на ризикот за користењето на оружјето кое може да остави сериозни последици.
– Влошувањето на односите меѓу земјите кои поседуваат нуклеарно оружје, можностите на новите технологии, заедно со недостатокот на комуникација и разбирање, значи дека ризикот за користење на ваков тип на оружје е највисок уште од Студената војна – додава лорд Хауел.
Извештајот доаѓа неколку месеци откако САД и Русија се повлекоа од важниот договор за вооружување, кој беше клучен за завршување на Студената војна. Во февруари годинава, администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп рече дека ќе ги суспендира сите обврски кон Доворот за нулеарно оружје со среден дострел, поради наводни прекршувања на истиот од страна на Русија, потсетуваат од „Индепендент“.
Неколку дена подоцна, рускиот претседател Владимир Путин рече дека и тој го суспендира договорот и ги обвини САД за тестирање и користење на оружја кои се во директна спротивност токму со овој меѓународен договор потпишан во 1987 година. Путин дополнително одобри планови за почеток на создавање на хиперсонични ракети, како и ракети кои би се лансирале од воени бродови. Новите руски системи би биле готови во 2021 година, според плановите кои ги објави Кремљ.
Дополнително, Доналд Трамп ги повлече САД и од нуклеарниот договор со Иран, и тоа уште минатата година. Со овој договор во 2015 година беа подигнати и силните меѓународни санкции врз земјата на Блискиот Исток, во замена за нивна воздржаност во однос на нуклеарната програма. Исто така, со договорот се приврзуваше Техеран да ги прекине сите обиди за создавање на нуклеарен арсенал и го заврши 12-годишниот спор околку прашањето.
Комитетот на Домот на лордовите ги повика владите да поттикнат поинтензивен дијалог меѓу сите земји кои имаат нуклеарно оружје за ризиците од неговото користење и да се намалат глобалните тензии, завршуваат од британскиот весник.