Скопскиот водоснабдувачки систем водоснабдувачки систе е со должина од 1.310 километри, од кои нешто повеќе од 100 километри се азбестно-цементни цевки кои допрва треба да се заменат
Иако голем дел од водоводната мрежа во Скопје се обновува, сепак во дел од неа сѐ уште има азбестно-цементни цевки низ кои питката вода стигнува до голем број домаќинства. Вакви цевки сѐ уште има во мрежата во некои од скопските општини како што се Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Центар и Кисела Вода. Најчестите дефекти во градов се случуваат токму на локациите или во населбите каде што сѐ уште не се заменети овие стари цевки и токму тие се причината за чести прекини во водоснабдувањето. Но не ги загрижуваат скопјани само дефектите, тие стравуваат и за своето здравје токму поради материјалот од кој цевките се изработени. А низ азбестно-цементните цевки водата поминува 35-40 години.
ЈП „Водовод и канализација“ на својата веб-страница има смирувачка информација дека досегашните истражувања на ова поле, вршени од страна на Светската здравствена организација, покажале дека азбестно-цементните цевки не се штетни по здравјето на луѓето, затоа што самата цевка е обвиткана со цементно млеко кое ја дава неопходната заштита. Претпријатието информира дека азбестно-цементните цевки се менуваат поради староста и воведување нови технологии за производство на водоводни цевки, а не поради тоа што се штетни. Старите цевки ги менуваат кога ќе настанат дефектите и токму таа е причината за замената, а не нивната старост. Оттаму тврдат дека од вкупната водоводна мрежа вo Скопје и околните населени места кои се снабдуваат од градскиот водоводен систем, азбестно-цементните цевки се застапени само со 8,61 отсто или нивната вкупна должина изнесува 100.202 метри. Скопскиот водоснабдувачки систем е со должина од 1.310 километри, од кои нешто повеќе од 100 километри се азбестно-цементни цевки кои допрва треба да се заменат.
ЈП „Водовод и канализација“ во својата инвестициска програма има планирано определени финансиски средства во висина од 120 милиони денари кои се планирани да се користат за реконструкција и замена на водоводни азбестно-цементни цевки.
Самата динамика на менување на истите е во согласност со процентуалната застапеност на ваков вид водоводна мрежа по одделни општини, велат од ЈП „Водовод и канализација“. Речиси секоја година претпријатието издвојува по околу 120 милиони денари за замена, но процесот трае со години и веројатно нема брзо да заврши. Оттаму не најавија во кои населби годинава најмногу ќе се интервенира со замена на старата водоводна мрежа. Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека интервенциите не ги прават по некој однапред изготвен план, туку дека цевките се менуваат по пријава на дефекти.
Во градскиот водовод последната азбестно-цементна цевка била вградена во 1989 година, а од претпријатието оттогаш, па досега велат дека не дозволуваат вградување на цевки од овој материјал. Таму каде што е извршена реконструкција на старата водоводна мрежа, азбестно-цементните цевки се заменети со нови, со дуктилно лиено железни цевки или ПЕ (полиетиленски) цевки. На веб-страницата на ЈП „Водовод и канализација“ стои дека цевките на скопскиот водоводен систем се главно изработени од лиено железо, а мал процент од други материјали, односно се поцинкувани, челични, пластични и азбестно-цементни.
ЈП „Водовод и канализација“ во континуитет врши замена на азбестно-цементните и поцинкувани цевки со нови, како што тврдат, квалитетни материјали кои се отпорни на влијанијата на почвата и на сообраќајот, и секоја година одвојува финансиски средства. Замената на старите цевки и треба да продолжи, колку тие да не се штетни по здравјето на граѓаните. Тоа е едниот аспект, а другиот е да се спасат од честите дефекти и да добијат подобро водоснабдување. За ова да се случи час поскоро и општините можат да дадат свој придонес.