Јубилејно издание на републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки“

На годинашната тема „Хуманоста, слогата и знаењето се клуч за успех“, децата одговорија прекрасно, детски, нежно, топло, со искрени зборови. Бројката од над 100 творби за нас беше пријатно изненадување, вели претседателката на фестивалскиот одбор на „Ракатки“, Славка Арсова

Со звуците на химната на републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки 2019“, чија цел е афирмирање на младите таленти од основните училишта во земјава, во петокот во ДХО „Даре Џамбаз“ во центарот на Скопје, почна 15-то јубилејно издание на оваа реномирана манифестација.

– Среќни сме и горди на овој јубилеј зашто сите досегашни манифестации беа успешни, а младите литерати од целата земја се натпреваруваа кој поубава творба ќе напише.

Нивниот број секоја година е поголем. Овој фестивал има континуиран успех благодарение на желбата за пишување на младите автори, ангажманот на нивните ментори и секако заложбите на членовите на фестивалскиот одбор, кои се снаоѓаат како знаат и умеат овој фестивал да продолжи да живее – со овие зборови водителите на манифестацијата, деветтоодделенците Кире и Кате од скопското ОУ „Димитар Миладинов“, ги поздравија гостите.

Како што е редот, јубилејниот фестивал го отвори претседателката на „Ракатки“, Славка Арсова, која не го криеше задоволството што, и покрај тешката тема „Хуманоста, слогата и знаењето се клуч за успехот“, годинава стигнале над 100 поетски и прозни творби на ученици од цела Македонија.
– Чест ми е и задоволство од името на фестивалскиот одбор и на овие млади литерати да ве поздравам. Ова се нашите талентирани деца, кои го ценат убавиот пишан збор. Веќе 15 години овој фестивал ги зближува, ги собира и ги соединува децата од цела Македонија. Тие сакаат својот труд да го покажат пред јавноста, затоа постои овој фестивал, да им овозможиме да го остварат тоа. А знаеме дека ако нема креативен мегдан, нема ни успех. Нивниот труд треба да се слушне. Оваа година темата беше тешка: „Хуманоста, слогата и знаењето се клуч за успехот“, но децата одговорија прекрасно, детски, нежно, топло, со искрени зборови. Бројката од над 100 творби за нас беше пријатно изненадување.

Комисијата имаше тешка задача, како од тие стотина добри да се изберат 35 најдобри, бидејќи на крајот секогаш некој ќе биде највреден, а детската душа е чувствителна. Треба нашите институции задолжени за културата да обрнат повеќе внимание за талентираните деца и за нивниот напредок – рече Арсова.

Таа дополни дека, како и лани, фестивалот се одржува со минимална поддршка од државата.

– Се прашувам дали еден републички детски литературен фестивал, не заслужува многу повеќе. За жал, за децата нема средства. За среќа, сѐ уште има добри луѓе, за кои не е само парола поговорката „На децата светот им останува“ и тие и оваа година ни помогнаа.

Може многу да се кажува за опстојувањето на овој фестивал, за тоа колку сите ние се трудиме да помогнеме да се реализираат „Ракатки“, за да можат децата уште од најрана возраст да го покажат својот талент. Но ветуваме, дека младите ќе ја продолжат традицијата на „Ракатки“, со или без поддршка од надлежните институции – посочи Славка Арсова.

И почнаа да се нижат стихови и прозни текстови, 35 на број, кои се најдоа и во алманахот на фестивалот и секое дете дома си замина со првата книга во која е објавена неговата наградена творба.

– Нивната љубов кон мајчиниот јазик е поттик и голема радост, како за членовите на фестивалскиот одбор, така и за наставниците-ментори. Тие заедно ги следат и ги насочуваат детските мисли, желби и мечти. Кои се преточуваат во нивните стихови и прозни творби, на сите јазици на кои се зборува во нашата земја. Македонски, албански, турски, ромски, српски, влашки…, со една заедничка цел, да ја покажат љубовта кон пишаниот збор – велат организаторите.

Роденденот го украсија и музички таленти, а писателите за деца, во голем број, дојдоа да им дадат поддршка на младите таленти.

– Славка Арсова, професорка и вљубеничка во убавиот збор ги поттикнува младите да пишуваат. Нејзините пензионерски денови не ја одделија од децата. Душата ни затрепери од убавината на овие стихови, а овие талентирани ученици ни покажаа што е за нив хуманост. Вистинска тема во вистинско време – беа некои до реакциите по завршувањето на официјалниот дел. Следуваа фотографирања, пријатни средби, а паднаа и договори за идното 16-то издание на „Ракатки“…

Децата-учесници од други места, како и во изминатите години беа сместени кај нивни другари, ученици од Скопје, а секој учесник дојде со својот ментор. Во саботата учениците од државава ги разгледаа знаменитостите на Скопје, а на Калето беше организиран и пикник, по што децата полни со впечатоци си заминаа во своите домови.


Овој свет сакам подобар да е!

Мојата желба
нека се знае
овој свет, сакам
подобар да е.

Несреќата и себичноста
кај луѓето
тажна ме прави.
Секој ден сонувам
на тоа крај да се стави.

Потребно е сите
ние во слога да живееме,
заедно да другаруваме,
да пееме и да се смееме.

Да бидеме хумани
секому помош да нудиме.
За да станеме подобри личности –
постојано се трудиме.

Во овој суров свет
многу луѓе страдаат, па
затоа е неопходно помош
од другите да бараат.

А, ретко ќе се пронајде
добра и совесна личност,
која на тие што се во мака
ќе биде подготвена
да им пружи рака.

Затоа секој треба да учи и да знае
на беспомошните да им дарува
помош и сила
и да се насочува кон живот
во слогата мила.

Добрината вечно
треба да биде наша цел
и во нашето постоење
да е бесценет дел.

Јована Симоновска, 7-3 одделение, ООУ „К.Ј. Питу“, Скопје
Од книгата „Детски литературен фестивал Ракатки 2019“