Македонското прашање и Договорот од Преспа влијаеле и биле причина да се зголеми бројот на грчки знамиња закачени на балконите во Атина, како елемент за јавно изразување на националната свест, се заклучува во истражувањето на професорот по политички науки на Европскиот Институт во Фиренца и на Универзитетот Оксфорд, Илиас Динас, спроведено заедно со кандидатите за доктори на Институтот, Серхи Мартинез Солер и Винсенте Валедим, кое го пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, традиција кај Грците е два пати годишно, за време на националните празници, на 25 март и 28 октомври на балконите да го закачуваат грчкото знаме, сепак постојат и случаи кога знамето континуирано е развеано, тенденција што, според истражувањето, се зголемила во споредба со периодот 2008-2009 и 2014-2015 година.
Професорот и двајцата докторски кандидати ги преброиле знамињата на 315 балкони на случајни улици во Атина во периодот меѓу 24 јануари и 4 февруари 2019. Резултатите ги споредиле со два други временски периоди, користејќи ги мапите од Гугл Ерт, а за да постои споредба истражувањето го спровеле и во Лисабон.
Пред 10 години, во Атина, во просек имало по 0,31 знаме по улица, а сега 2,27.
– Резултатите беа импресивни. До пред неколку години, изгледаше дека двата града одат рака под рака со конкретната пракса за изразување патриотизам. Во периодот 2008-2009 година во Атина имаше во просек од 0,31 знаме по улица, додека во Лисабон 0,44 знамиња по улица. Во 2014-2015 и во двата главни градови се зголеми бројот на знамиња: во Атина беа изброени 1,04 знамиња по улица, во Лисабон 0,80 знамиња. Меѓутоа, при пребројувањето оваа година, знамињата во главниот град на Португалија значително опаднаа, просечно 0,14 знамиња по улица. Спротивно на тоа, во Атина беше забележано енормно зголемување, достигнувајќи до 2,27 знамиња на улица, пишува „Катимерини“, пренесувајќи ги резултатите од истражувањето.
Професорот Динас, за весникот се прашува, какви ќе беа резултатите доколку истражувањето го направеа во Солун.
Тој објаснува дека еден од заклучоците што може да се извлечат од истражувањето е дека националниот идентитет останува жив и се активира според случувањата, а истакнува дека не треба да се заборави и улогата на политичките елити кои со јавниот дијалог можат или да ги „заострат“ реакциите или да ги „ублажат“.