Животните со нарушена концентрација на меланин се вистинска реткост и богатство за фотографите, затоа што ретко се среќаваат. Меѓутоа нивниот живот може да трпи поради манифестираната различност
Во националниот парк Серенгети, Танзанија е забележана многу ретка зебра, златно-жолта. Нејзиното однесување, документирано од фотографот на Нешнл џиографик, Серџио Питамиц, покажува дека ваквите зебри среќно живеат во дивината.
Животните со нарушена концентрација на меланин се вистинска реткост и богатство за фотографите, затоа што ретко се среќаваат. Меѓутоа нивниот живот може да трпи поради манифестираната различност.
Златно-жолтата зебра, која е уловена од објективот на Серџио Питамиц, има делумен албинизам.
– Прво помислив дека е целата во прав. Но кога зебрата отиде до потокот со вода, очекував да се измие правта, но не се изми, останав вчудовиден – вели Серџио.
Албинизам или недостиг од меланин, пигмент кој им дава потемна нијанса на кожата, косата и крзното, присутен е кај повеќе видови животни, од орангутан до пингвин. Спротивно од албинизмот, меланозата, односно преобоеност со темен пигмент, често се среќава кај мачките, но и кај други видови животни.
– Ништо не се знае за зебрите со албинизам. Многу ретко се среќаваат во дивината, па затоа и не се истражувани – велат научниците.
Албинизмот е ретка појава кај зебрите во дивина, почесто се случува кај оние што живеат во заробеништво. Научниците затоа никогаш не се сигурни дали зебра со албинизам може да преживее во дивината. Нивните црни линии не служат за камуфлажа, за да се заштитат од предаторите во мракот, ниту пак белите линии служат за да ја одржат свежината на телото во текот на денот. Постојат докази што укажуваат дека белите и црните линии се за да се заштитат од каснувањата на инсектите, кои ги има во голем број од африканските рамнини и планини.
Единствената опасност за зебрата со албинизам е дали ќе биде прифатена од својата група. А да се биде во група е единствената испробана одбранбена метода против предаторите.
Фотографиите укажуваат дека оваа единствена и автентична единка е среќна со себе и среќно живее во групата и покрај својата обоеност.
За Серџио налетувањето на златната зебра е како втор пат да добил лотарија, пред две години со својот апарат има документирано ретка црна мачка во Кенија.
– За фотографирање на дивината се потребни трпение и голема страст. А секако некогаш потребна е и среќа – вели тој.
Како што по звук и мирис се разликуваат единките од животинскиот свет, кај зебрите што имаат одлична способност за забележување, линиите се најзабележителен знак за распознавање. Шарите на зебрите секогаш се автентични, исто како отпечатокот кај луѓето.
Во природата се забележани и комплетно црни зебри, зебри со меланозом, па дури и зебри со дамки наместо со линии.
Одреден период се сметало дека единствена злато-жолта зебра е Зои, која живеела на ранчот „Три прстени“, во прифатилиштето за животни на Хаваите. Но починала во 2017 година. Во рамките на приватниот резерват, националниот парк Маунт Кенија, има мала група специјални златни зебри. Ова мала група специјално се одгледува и се одржува токму поради бојата. Обично живеат во харем, еден мажјак со повеќе женки.
Во природата егзистираат три вида зебри, африканска рамничарска зебра, планинска зебра и Гревиева зебра, и сите имаат различни линии. Иако специфичностите еволуирале, за нив овие различности не им се пречка.