„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ГРУЗИЈА
Многуте сличности со Македонија, но и богатата историја и култура, преубавата природа, како и сплет на некои поволни околности, беа повод екипа на „Нова Македонија“ да ја посети оваа источноевропска земја, која некои ја нарекуваат Грузија, а некои, пак, Џорџиа. Турците ја викаат Ѓурџистан. А всушност, уставното име ѝ е Сакартвело. Во превод – земја на Картвелите
Текст и фото:
Дарко Андоновски
Својата независност ја прогласи во 1991 година. Аспирантка е за членство во ЕУ и во НАТО. Членка е на Партнерството за мир, а нејзини војници, заедно со војниците од државите-членки на НАТО, веќе со години учествуваат во меѓународни мисии низ светот. На меѓународната политичка сцена води дипломатска битка за името со кое ја нарекуваат. Но позната е и по доброто вино и по големиот број цркви.
И доколку новинарските правила не наложуваа во главата на овој текст да стои насловот, веројатно првата асоцијација ќе беше дека неколкуте редови погоре се однесуваат на Македонија. Многуте сличности со Македонија, но и богатата историја и култура, преубавата природа, како и сплет на некои поволни околности, беа повод екипа на „Нова Македонија“ да ја посети оваа источноевропска земја, која некои ја нарекуваат Грузија, а некои, пак, Џорџиа. Турците ја викаат Ѓурџистан. А всушност, уставното име ѝ е Сакартвело. Во превод – земја на Картвелите.
– Велкам ту Џорџиа! – со насмевка на лицето ми посакува добредојде грузиската полициска службеничка, неколку мига откако го слушнав оној добро познат звук на удирање на граничниот печат во мојот мошне пополнет пасош. Дваесетина минути траеше проверката на документите и конверзацијата на англиски јазик со оваа пријатна млада офицерка, многу подолго од процедурата низ која поминуваа другите патници. Причина за тоа беше фактот што бројот на Македонци што поминуваат низ овој граничен премин помеѓу Турција и Грузија е исклучително мал, па нашиот пасош им е речиси непознат на грузиските царински службеници. Но причина е и тоа што Македонија е единствената европска земја за чии граѓани е потребна виза.
Дваесетина метри понатаму е царинската контрола.
– Гавариии па рууски… Пачему гавариш етат англиски…
Безволно, речиси незаинтересирано, на половина реченица ме прекинува грузискиот цариник, господин на приближно шеесет и кусур години и безмалку дупло повеќе килограми, залегнат во огромна фотелја, веројатно чекајќи да му дојде крајот на работното време, или можеби крајот на работниот стаж. Малку збунето и со судни маки се обидувам да објаснам дека немам ништо за царинење, користејќи го скромното познавање на рускиот јазик, на што цариникот, со едно одмавнување со раката ми дава сигнал дека можам слободно да ја напуштам царинската зграда.
Сосема случајно, овој цариник ми ја разбива дилемата дали е пристојно во оваа земја да го користам јазикот на државата против која Грузија, во годините по осамостојувањето, водеше две војни за областите Абхазија и Јужна Осетија, во кои го загуби суверенитетот врз речиси една петтина од својата територија.
– Во Грузија најлесно ќе се разберете доколку го владеете рускиот јазик…
Додека чекам колегата Звонко да ја помине границата со автомобилот, ми го објаснува односот на Грузијците кон нивните северни соседи еден млад човек, кој покрај тоа што се понуди да ми размени евра за грузиски лари, беше расположен и за разговор.
– Помладите учат англиски но сепак со рускиот е полесно и речиси нема човек што не го знае. Всушност, ние не ја сакаме руската политика, но немаме ништо против рускиот народ. Долго време живеевме во заедница, имаме многу мешани бракови, роднински врски и пријателства. И ден-денес најмногу туристи ни доаѓаат од Русија, со нив имаме и огромна стопанска соработка – објаснува тој.
Дванаесетте дена пред нас ни отвораат можност да се увериме во ова, но и да научиме многу други нешта за оваа прекрасна земја.
Првата станица ни е Батуми, каде што ни се приклучува Диме, третиот член на нашата екипа, кој веќе две години работи во Грузија. Батуми, со своите околу 130 илјади жители, е втор по големина град. Тој е и најголемото пристаниште и најголемиот туристички центар на грузиското црноморско крајбрежје. Првиот впечаток ни дава чувство како да сме некаде на сосема друг крај од светот, во Мајами на Флорида, на пример, или можеби во некој од оние експресно изградени суперлуксузни метрополи во некоја од земјите богати со нафта. Возењето по петкилометарската авенија, која се протега покрај морето, украсена со оној неизбежен дрворед од палми, ни го открива сиот потенцијал на урбанизмот и архитектурата, како и сета креативност и луцидност што може да ги красат луѓето инволвирани во овие професии. Ултралуксузни облакодери, добро осмислени плоштади, фонтани, убаво уредени паркови со мали езерца и угостителски објекти крај нив, спортски игралишта, шеталишта, плажи, хотели од најпознатите светски синџири како „Шератон“, „Радисон“, „Мериот“, „Кемпински“ и многу други, се само дел од амбиентот што ни го одзема здивот и прави да заборавиме дека всушност сме во земја, која според сите економски параметри е рангирана подолу и од Македонија. Но бидејќи Грузија е таква каква што е, на само неколку стотини метри повнатре во градот, ја откриваме и онаа друга слика, слика на остатоците од комунистичкиот период, со стари згради што потсетуваат на кутичиња од кибрит, со изронети фасади и мали балкони што станарите, секој на свој начин и со материјал каков што му се нашол при рака, ги преградиле за да добијат некој квадрат повеќе.
Всушност, Батуми бил град што се распаѓал до пред десетина години. Денешниот свој изглед, кој не е дефинитивен бидејќи сѐ уште масовно се гради и обновува, градот му го должи на контроверзниот претседател Михаил Саакашвили, кој, за време на својот десетгодишен мандат во првата декада од ова столетие, покрај многуте реформи што ги направил на полето на економијата, здравствениот систем, образованието, армијата, а особено во полицијата и правосудниот систем, имал и идеја Батуми да стане најатрактивното место во Грузија што ќе привлекува богати странски туристи. И не само што имал идеjа, туку очигледно знаел како да ја реализира. Како куриозитет е и тоа дека зад неговиот проект застанал неговиот пријател, денешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој тука започнал да гради облакодер, „Трамп тауер“, но кога станал претседател, поради судир на интереси, бил принуден да се откаже од планот.
Во Батуми се задржуваме кратко. Само една вечер. Го оставаме за последните денови од нашиот престој, а всушност главна дестинација ни е главниот град Тбилиси, кој е оддалечен од Батуми околу 400 километри. Патот, кој е главна грузиска магистрала и во најголем дел се протега низ плодните долини на реките Риони и Мтквари, не е во некоја сјајна состојба. Исклучок од ова е делот помеѓу градот Кутаиси и Тбилиси, во должина од 130 километри, кој е единствениот автопат во Грузија. Всушност, оваа делница ни открива една друга, за европски рамки мошне егзотична слика за оваа земја. За разлика од гламурозниот Батуми, изграден од бетон, метал и стакло, сликите од неколкуте мали гратчиња низ кои поминуваме, како и селата покрај патот, ни оставаат впечаток дека тука се живее мошне сиромашно.
Како дел од егзотиката, на која со секој изминат километар сѐ повеќе се навикнуваме, е и раскошниот талент на грузиските возачи насочен во правец на наоѓање најинвентивни решенија за брзо пристигнување до замислената дестинација, секако, игнорирајќи ги сите можни правила за прописно возење. На пример, престигнување возило на полна линија е сосема вообичаен дел од тукашниот сообраќаен фолклор.
Престигнувањето на полна линија на возило, кое веќе престигнува трето возило, е поредок случај, но се чини исто така не се смета за ненормална појава, барем судејќи по тоа што никој од тројцата учесници во таа операција не се возбудува, ниту пак реагира. До блага вознемиреност доаѓа единствено ако сето тоа се случува во десна кривина, а отспротива доаѓа четврто возило. Е тогаш сите кочат, отвораат прозорци и објаснуваат кој е во право, а кој не е.
Сепак, она што по само дваесетина поминати километри ни остава најсилен впечаток, е тоа дека всушност вистинскиот господар на патиштата во Грузија се – кравите. Стада од по десетина крави, кои шетаат по должината на патот, или се легнати на коловозот, се редовна слика на патот кон Тбилиси, но и низ цела Грузија. Понекогаш дури целосно го блокираат сообраќајот, но, иако нам тоа ни е чудно, се чини дека тие тука никому не пречат, а возачите кон нив се однесуваат со големо внимание.
Патувањето кон Тбилиси, покрај возачки предизвик ни нуди и задоволство да уживаме во убавината на околната природа, за која слободно може да се каже дека е само увертира во однос на фасцинантните и незаборавни пејзажи, кои ги откривме во наредните денови од нашето патување низ оваа прикавкаска земја. Особено внимание ни привлекуваат многубројните цркви и манастири изградени на ридовите и возвишенијата, кои се протегаат од двете страни на патот. Како што се приближуваме кон Тбилиси, бројот на цркви и манастири е сѐ поголем, а тоа ни кажува дека полека навлегуваме во срцето на земјата во чие богато историско портфолио е запишано дека е меѓу првите во светот што го прифатила христијанството како официјална религија, и тоа уште во 327 година.
Некаде по приближно 6 часа возење, во делот од денот кога сонцето е на залез и ги добива оние прекрасни нијанси на портокалово-црвената боја, пред нас се откриваат првите контури на главниот град Тбилиси.
Екипа на „Нова Македонија“:
Дарко Андоновски
Димитар Васевски
Звонко Младеновски
(продолжува)