Во 1936 година, американскиот композитор Самјуел Барбер (1910-1981) го напишал Гудачкиот квартет опус 11. Бил задоволен од своето дело и тоа се изведувало, но не забележало некој исклучителен успех… сѐ до моментот кога допрело до ушите на најголемиот диригент на тоа време, Артуро Тосканини (1867-1957). Маестрото се воодушевил од вториот став, Адаџо, и му предложил на Барбер да го аранжира за гудачки оркестар. Од оваа идеја на Тосканини се родило новото „Адаџо за гудачи“, кое доживеало маестрална популарност. На првата проба со Њујоршката филхармонија, Тосканини го опишал Адаџото со само три збора: „едноставно и прекрасно“. И, навистина, нема подобар опис за мечтателната осумминутна музика, таа е, едноставно – едноставна и прекрасна. Во тивок спокој виолините ја носат главната мелодија, а потоа ја предаваат на другите гудачи. Гласовите, освен на крајот, никогаш не се движат истовремено, додека едните ја пеат (или ја плачат) темата, другите придружуваат со долги и рамни ноти. Со чиста и компактна хармонија, но со тензично чувство на постојана напнатост и опуштање, на постојано искачување и спуштање, Адаџото создава тажно и меланхолично расположение. Затоа неретко го слушаме како илустрација на некој траурен настан или како фон на жална сцена во филмовите. Тоа е неофицијалната американска музика за оплакување, изведувана на погребот на Франклин Рузвелт, Алберт Ајнштајн и Грејс Кели. Три дена по атентатот врз Џон Кенеди, Жаклина Кенеди побарала да се изведе во празна сала, со што веќе тажната музика ја обременила со тежок фиктивен флор.
Третиот живот Адаџото го добило со ремиксот на диџеј Тиесто. Тој го претставува во сосема ново руво – по бавното прозвучување на темата следува брз техно-микс, кој нималку не асоцира на тага, ниту на жалост. За младата генерација тоа е музика со која се забрзуваат срцевите отчукувања и се побудува радоста на живеењето. Ритамот го поткрева расположението и создава екстатично чувство. (Овој микс има речиси 87 милиони прегледи на Јутјуб).
Лада Шоптрајанова Петровска