Движењето на водата во близината на ајкулата создава волтажа по должината на каналот што, пак, на ајкулата ѝ дава сигнал за присуство на други организми во нејзината близина
На сите им е познато дека ајкулите и ражите имаат органи за детекција на електрицитетот. Тоа се канали во кожата на рибата исполнети со течност, која во себе има чувствителни ќелии. Тие ќелии се толку чувствителни, што доколку постојат какви било промени во водата, како што е на пример и отчукувањето на срцето на другите риби, ајкулата ќе го почувствува тоа на оддалеченост, која е малку зачудувачка, односно изнесува неколку стотини километри. Движењето на водата во близината на ајкулата создава волтажа по должината на каналот што, пак, на ајкулата ѝ дава сигнал за присуство на други организми во нејзината близина.
Ајкулите, исто така, можат добро да ги почувствуваат грчевите на мускулите на моќниот ранет плен иако до неа не допира мирисот на крвта, како и магнетното поле на земјата, кое го користи за навигација и движење. Токму овие карактеристики ги имаат и некои други риби-грабливки, а особено сомот, како изразито посакуван плен кај многу рибари. Електрочувството кај сомот е многу развиено, па дури го чувствува и движењето на мамката низ водата во темница. Неговите сензори можат да ги почувствуваат живите суштества, кои не се движат, не мирисаат, иако тој не ги гледа. Едноставно, тој го чувствува електричниот напон што се создава околу другите живи организми. Сомот прима кратки импулси и многу лесно пронаоѓа други скриени живи суштества како што се разните риби, ракови, школки, црви итн.
Овој феномен се јавува благодарение на галванскиот елемент, кој е хемиски извор на електричната струја, а се состои од два различни метала соединети во електролит. Славниот научник Галвани во 1780 година открил присуство на електрицитет во мускулите и нервните ќелии, со воочување дека ногата на жабата се грчи кога истовремено ќе се допре со жици од различни метали, кои се споени на другиот крај, со што е затворено струјното коло. Тој оваа појава ја нарекол животински електрицитет, а по него подоцна таа е наречена галванизам.
Сево ова е значајно во ловот на рибите, но, исто така, мора да се сфати дека и користењето на јадиците и оловото без обвивка создава електрицитет, кој ѝ дава знаење на рибата дека станува збор за измама. Тука лежи и тајната на карбонската јадица, а не поради нивната тежина и сила. Многу современи рибарски прибори имаат обложени рабови со различни метали, токму за да се избегне контраефектот во риболовот.
Исто така, популарни се обложените и пластифицирани јадици за сом, како и оловото обложено со пластика, кои ја намалуваат измамата. Движењето на мамката низ водата создава електрицитет многу видлив за рибата-грабливка, што дава еден плус повеќе покрај визуелниот, звучниот и вибрацискиот ефект.
Како да се препознае територијата на волкот?
Територијата по која се движи волкот може да се препознае според
отпечатоците на неговите шепи, изметот и местото на собирање
Територијата каде што се движи волкот може да се препознае според отпечатоците на неговите шепи, изметот и местото на собирање. Отпечатокот на предната шепа на возрасен волк е долг 11-12 см, а широк 7-8 см. На база на само еден отпечаток на шепата, не може да се утврди дали него го оставиле волк или куче. Задните нозе на волкот се движат во иста линија со предните, додека повеќето кучиња ги ставаат задните нозе во внатрешната линија на предните нозе. Волците се движат речиси праволиниски, не скршнувајќи многу од патот.
Волчјиот измет е долг 2-3 см, а неговата боја зависи од тоа што јадел. Значи може да биде сосема црн (месо), преку различни нијанси на сива и кафеава (месо, влакна, коски), до целосно бел (коски). Изметот на волкот може, но и не мора, да се разликува од оној на кучето. На пример, ако кучето се хранело со ист вид храна како и волкот, неговиот измет ќе има карактеристики како оној на волкот.
Собиралиштето е место каде што стадото ги чува младенчињата во текот на пролетта и летото. Ако почувствуваат опасност за младенчињата, волците ќе ги преместат на ново, посигурно место. Напуштањето на собиралиштето, пак, може да се препознае по мноштвото волчји трагови, изметот што е со различна старост и по остатоците на пленот (најмногу коските), кои постарите волци ги донеле за нивните младенчиња како храна.