Со донесувањето на новиот закон за енергетика на нашата држава широко ѝ се отвораат вратите за нови инвестиции во енергетскиот сектор, особено за производство од обновливи извори на енергија (ОИЕ), истакна вчера во Берлин, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Од обновливите извори, досега во Република Северна Македонија се инсталирани околу 72 мегавати од мали хидроцентрали, 17 мегавати од фотоволтаични електроцентрали и 36 мегавати од ветерни електроцентрали, што е релативно мало учество на обновливи извори во споредба со развиените земји. Со новиот закон за енергетика се овозможува изградба на нови електроцентрали од обновливи извори. Планот е да се изградат фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати во наредните неколку години – рече Анѓушев по свеченото отворање на „Берлинскиот дијалог за енергетска транзиција“, еден од најважните меѓународни енергетски форуми, на кој учествуваат претставници на политиката, енергетскиот сектор и бизнисот од преку 50 земји.
Првите 62 мегавати, како што додаде тој, ќе бидат распишани на тендерска постапка до крајот на овој месец, од кои 35 мегавати ќе бидат изградени на државно, а 27 мегавати на приватно земјиште.
– Се работи и на неколку проекти за ветерни електроцентрали, а привршува и тендерот за изградба на нови 22 мали хидроцентрали, при што за потпишување на договори за овие електроцентрали ќе биде земено предвид и еколошкото влијание, бидејќи дел од нив ќе бидат во национални паркови – објасни вицепремиерот.
Тој дополни дека со евентуалната изградба на хидроцентралата „Чебрен“, значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори.
– Во изминатите десет години се изградени обновливи извори со инсталирана моќност од околу 120 мегавати, а во наредните 3-4 години очекуваме да се изградат централи со инсталирана моќност од 300 мегавати – појасни Анѓушев.
Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, кој е еден од ко-организаторите на конференцијата, истакна дека во овој момент над милијарда луѓе во светот сѐ уште немаат пристап до електрична енергија, а зголемувањето на производството на енергија од обновливи извори може да го намали тој број.
– Енергетската транзиција не е само промена од фосилни горива кон обновлива енергија. Тоа значи целосна промена на политичките константи. Користењето на обновлива енергија им овозможува на државите да ја подобрат сопствената енергетска безбедност. Државите што ја трансформираат својата енергетска економија може да бидат многу понезависни во остварувањето на нивните стратегиски интереси и надворешната политика – вели Мас. Е.Р.