Според најновите истражувања, шимшировиот молец на Водно е раширен речиси на целата планина и има зафатено површина од 3.000 хектари. Доколку не се почне со третирање, инсектот ќе се прошири и ќе ја зголеми штетата што ја предизвикува по зелениката. Ова го тврдат ентомолозите, а и луѓе кои планинарат велат дека е нападнат голем дел и од Матка.
Последниве две години имаше инвазија од гасеници кои го нападнаа Водно, речиси целата планина беше обвиена во пајажини. Подоцна беше констатирано дека станува збор за шимшировиот молец, инсект, штетник што ја уништува зелениката, најзастапената грмушка на планината. Ако лани шимшировиот молец толку многу се намножи, што ќе се случи годинава ако ништо не се преземе? За жал, од градот Скопје и градоначалникот Петре Шилегов се изјаснија дека засега немаат во план да се изврши некакво прскање за негово уништување, туку тоа би го направиле доколку има потреба. Заборавија на ветувањата од минатата година дека годинава сигурно ќе се преземат мерки за да се заштити Водно. Заедно со сечењето на дрвјата и неконтролираното изорување на земјиштето за потребите на гасоводот, Водно се наоѓа пред еколошка катастрофа, ако не и смрт.
Професорот Стерја Начески од Шумарскиот факултет, минатата година во текст за „Нова Македонија“ информираше дека според неговите истражувања и резултатите од минатите години зелениката комплетно е нападната од овие штетници. Во 2017 година биле уништени околу 1.000 хектари на Водно и 150 хектари на Матка, каде што претходно не бил присутен. – Сегашните наши контроли од терен на Водно покажуваат дека молецот е присутен скоро насекаде и има зафатено површина од 3.000 хектари. Од него се нападнати 20 хектари во Кадина Река и пет хектари на Китка, каде што предизвикал до 100 проценти дефолијации на лисната маса од зелениката – вели професорот Начески.
Истражувањата покажале дека молецот за прв пат во Македонија бил забележан на садници од шимшир во паркови, градини и други урбани зелени површини во Скопје во 2014 година. Во природните насади од шимшир за прв е забележан на Водно во 2015 година. Оттогаш, па наваму неговата популација се шири забрзано и масовно, тврди ентомологот Кирил Арсовски.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ лани за „Нова Македонија“ изјавија дека во планот за оваа година ќе вметнат и авиопрскање против овој вид инсект. Исто така и од градот Скопје во изјава за „Нова Македонија“ кажаа дека лани било доцна да се третира против овој инсект и дека градот ќе ја следи состојбата на шимшировиот молец. Значи, минатата година градот најави дека оваа година во својата програма за дезинсекција ќе ja додаде и ставката за третирање на оваа гасеница. Од градот Скопје сега велат дека се предвидени дезинсекции против комарците, но во нивната програма не се предвидува третирање на инсектите како шимшировиот молец, затоа што не се појавила потреба. А гасениците веќе се појавија на Водно.
Од градот велат дека во наредниот период ќе се направат соодветни испитувања. Доколку се појави потреба од тоа, градот Скопје ќе спроведе јавна набавка и ќе реализира прскање против шимшировиот молец, рекоа од градот Скопје. Но очигледно и годинава ќе биде доцна. Исто како лани. Но фактичката состојба на Водно е поинаква. Евидентно е и тоа дека лисната маса не се намалува само од штетите од шимшировиот молец, туку и од сечата што се прави за изградба на гасоводот, да не го спомнуваме и промашениот пат за Сончев град и за Сопиште.
Сега штетниот инсект уште повеќе ја влошува состојбата. Професорот Начевски вели дека се очекува да продолжи неговото намножување што, пак, е закана за уништување на нови површини лисна маса во шумата.
– Заради благата зима, голем број единки од шимшировиот молец се во добра здравствена состојба и релативно се витални. Оттука, очекуваме дека ќе продолжи неговото намножување и ширење на поголема површина, а со тоа и штетите ќе бидат уште поголеми – тврди професорот. Доколку градот или Министерството за екологија не ја утврдат опасноста и не преземат соодветни мерки на флората и фауната, на Водно и на Матка им се заканува брзо умирање.
Зелениките се бели дробови на шумата
Во денешно време има многу штетници кои во минатото не биле присутни на нашето поднебје. Се претпоставува дека дел мигрирале поради климатските промени што се случуваат во последните години, но најчесто поголемиот дел се донесени со увоз на егзотични растенија од странство. Еден таков вид кој во поново време многу често се среќава кај нас е „Cydalima perspectalis Walker“ или познат како шимширов молец, инсект кој ги напаѓа зелениката и шимширот, велат биолозите-ентомолози. Пеперутката има бела боја и распон на крилјата околу четири сантиметри, но штетата ја прават неговите ларви. Тие се со зелено-жолта боја и црна глава. Најчесто се хранат само со горната страна од листот. Овој молец има до три генерации годишно, па затоа мора редовно да се прави контрола, затоа што не може со точност да се одреди кога ќе направи штети.
– Инаку, зелениката е и дрво и грмушка кое е релативно долговечно растение (живее и до 400 години). Преку зимата не му паѓаат листовите. Има богата лисна маса и продуцира доста кислород и штити од загадување. Со тоа неговата еколошка вредност е далеку поголема во однос на стопанското значење што го има во шумските екосистеми. Според тоа, екосистемите каде што доминира зелениката се бели дробови на урбаните средини и токму затоа треба да се заштитат. Затоа и треба да се уништат гасениците од шимшировиот молец, со авионско прскање, со употреба на биопрепарати кои не ја загадуваат животната средина – објаснува професорот Стерија Начевски.
Според ентомологот Кирил Арсовски, овој инвазивен вид за прв пат во Европа е забележен во 2006 година во Германија, за кратко се проширил низ централна и западна Европа. Во овој дел на Европа за прв пат се забележува во Романија во 2004 година. За да се спречи понатамошното ширење на овој инвазивен вид треба да се преземат шумарско-ентомолошки мерки за намалување и контролирање на неговиот развој – вели биологот-ентомолог Арсовски.