Ловџијата секогаш треба да носи вода за својот четириножен придружник во ловот и никогаш да не се потпира на природните извори, оти тие можат да секнат токму кога се најпотребни

Проблемите предизвикани од летната врелина можат да се манифестираат на разни начини кај ловџиските кучиња, па дури и со срцев или мозочен удар. Со навремена превенција и планирање на активностите, постојните проблеми секако дека можат да се спречат.

Прво треба да се знае дека температурата на воздухот не мора да биде многу висока, за ловџиското куче да има топлински проблеми. Кучето, кое е повеќе во трк, а особено ако има преголема телесна маса, може да има сериозни проблеми веќе на температура од 15 степени. Прва работа што може да ја направи ловџијата е да се погрижи кучето да биде во добра физичка кондиција пред да замине во лов. Тоа значи дека ловџијата треба да му помогне на кучето така што ќе треба да ја намали неговата преголема тежина, а на кучињата со соодветна тежина да им овозможи доволно да се движат. Ако кучето е со нормална тежина, кај него при допир ќе се почувствуваат ребрата, а стомакот ќе му биде над висината на градите.

Ловџијата секогаш треба да носи вода за својот четириножен придружник во ловот и никогаш да не се потпира на природните извори, оти тие можат да секнат токму кога се најпотребни. Водата при ловот треба да се носи во торба, но и да се има резерва ако затреба за подоцна и да се чува во автомобилот. Резервоарите со вода за кучињата можат да бидат многу опасни ако се стават во автомобил без проток на воздух.

Ако кучето покаже знаци на презагревање во текот на ловот, треба веднаш да застане и да се олади со вода. А знаци на презагревање кај кучето се претерана задишаност, стаклени очи и засолзување. Притоа е потребно кучето да се остави да легне, да му се даде вода да се напие и да се избања. Ако тоа не помогне, тогаш треба да се однесе на ветеринар.

Ако, пак, надвор е многу топло, тогаш треба да се ограничи времетраењето на ловот, бидејќи да се лови четири или пет часа на 20 и повеќе степени е опасно. Затоа, кога е многу топло, треба да се лови со куче најмногу два часа, и тоа наутро, додека е уште свежо. На тој начин и кучето и ловџијата ќе бидат поспособни за лов и следниот ден. 


Наскоро второ порибување на Осломејско Езеро

Во тек е акцијата на собирање парични средства од спортските риболовци, бизнисмени и ентузијасти за изведување на оваа операција

Привлечени од големината и од убавината на Осломејско Езеро, спортските риболовци од Кичево самоиницијативно, со свои парични средства, во текот на октомври минатата година го извршија првото порибување на езерото, со 350 кг крупни примероци крап и 50 кг крупен толстолобик. Рибата за порибување на Осломејско Езеро беше обезбедена од рибникот „Акватика“ кај Неготино.
– Поради својата големина и длабочина, на Осломејско Езеро му е неопходно редовно порибување. Така, по првото порибување што го извршивме во текот на октомври минатата година, во тек е собирање парични средства од спортските риболовци, бизнисмени и ентузијасти за негово второ порибување. За второто порибување очекуваме да собереме двојно повеќе пари, а тоа ќе значи и удвојување на количествата риба со која ќе биде порибено езерото. Со целосно разбирање од сите, очекувам сето ова да добие и своја валоризација во наредните месец-два – вели Љупчо Крстески, еден од иницијаторите за ова порибување.

Покрај спортските риболовци и ентузијасти, се очекува и општината да се вклучи во оваа акција, а поддршка да стигне и од Министерството за земјоделство.

– Покрај спортските риболовци, доброволци и ентузијасти, наша цел е со финансиски средства во порибувањето на езерото да се вклучи и општината, како и Министерството за земјоделство. Воспоставени се првите контакти со челниците на општината и со ресорното министерство, па очекуваме наскоро и тие да се вклучат со финансиски средства, за во целост да ја спроведеме оваа акција, односно со поголеми количества крапска риба да го порибиме Осломејско Езеро – најави Бесмир Елези, спортски риболовец и еден од иницијаторите за спроведување на оваа акција.

Осломејско Езеро е создадено на депресијата на поранешниот рудник за јаглен „Осломеј“. Ова езеро го напојуваат пет подземни извори и тоа му овозможува да има постојан водостој, независно дали е суша или дождлив период од годината. З.А.