Новоизбраната словачка претседателка Зузана Чапутова во моментов е осма жена на лидерска позиција во Европа

Со политичката аутсајдерка Зузана Чапутова на чело, Словачка стана осмата земја во Европската Унија во која моментно жена е на лидерската позиција. Познатата адвокатка и антикорупциска активистка со ограничено политичко искуство ги освои гласовите на претседателските избори залагајќи се за либерални демократски вредности и барајќи запирање на ширењето на десничарскиот популизам низ Централна и Источна Европа

Политичката аутсајдерка Зузана Чапутова изненади многумина со победата на претседателските избори во Словачка. Со Чапутова на чело, Словачка стана осмата земја во Европската Унија во која моментно жена е на лидерската позиција. Познатата адвокатка и антикорупциска активистка со ограничено политичко искуство ги освои гласовите залагајќи се за либерални демократски вредности и барајќи запирање на ширењето на десничарскиот популизам низ Централна и Источна Европа. За познавачите на состојбите, 45-годишната Чапутова е ѕвезда во подем на централноевропската политика, која сака и може да им се спротивстави на десничарките алфа-мажјаци, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Новоизбраната словачка претседателка е талентирана ораторка, отворено зборува за вистината, правдата и еднаквоста, што, според нејзините приврзаници, испраќа позитивна порака, како онаа на Вацлав Хавел, дисидентскиот писател на драми што стана претседател на Чехословачка и остана политичка и морална икона и во Словачка и во Чешка по нивното разделување. За да ја добие довербата на гласачите, таа се промовираше како лице на новата генерација словачки лидери, кои новинарите потсмешливо ги нарекуваат „хипстери на власт“. Станува збор за модерни професионалци – адвокати за човекови права, експерти, архитекти и непрофитни активисти во своите доцни 30-ти и рани 40-ти години – групирани околу две непарламентарни партии: Прогресивна Словачка и Заедно-цивилна демократија. И двете партии ја поддржаа Чапутова, која до неодамна беше потпретседателка на Прогресивна Словачка.

Еден од круцијалните фактори што помогнаа во нејзината победа е нејзината етика на лидер за граѓански права, кој успешно се бореше против моќните политички и интересни групи. Најголемиот триумф на Чапутова како адвокатка беше поделбата против нелегалниот отпад во нејзиниот роден град Пезинок, во западна Словачка. Речиси 14-годишната битка против богатиот претприемач, поврзан со локалните власти, ѝ ја донесе Голдмановата награда во 2016 година, престижна награда во чест на еколошките активисти, која често се нарекува и зелен нобел. Убиствата на истражувачкиот новинар Јан Кучиак и Мартина Куснирова во 2018 година значително ја потресоа политичката сцена во земјата, помагајќи во неочекуваниот подем на Чапутова. Таа често присуствуваше на антивладините демонстрации по убиствата и воопшто не изненадува што својата изборна кампања ја претстави како борба помеѓу доброто и злото.

Од друга страна, победата на Чапутова, според многумина експерти, претставува продолжување на позитивниот тренд во ЕУ, како и во цела Европа, на држави во кои на раководни функции – претседателски и премиерски – се наоѓаат жени. Словачка е осма земја во Унијата во која моментно лидер е жена. Во Германија, Ангела Меркел стана првата германска канцеларка кога беше избрана во 2005 година и оттогаш е на чело на најголемата европска економија, освојувајќи го четвртиот мандат во март 2018 година. Како најискусен лидер на ЕУ, Меркел неколкупати беше прогласена за најмоќна жена на светот од магазинот „Форбс“. Во Хрватска, бившата шефица на дипломатијата, конзервативната Колинда Грабар Китаровиќ, беше избрана за шефица на државата во јануари 2015 година, со што стана првата избрана претседателка на Балканот.

И во балтичките земји има сличен тренд. Во Естонија, Керсти Каљулад во 2016 година стана првата претседателка на балтичката земја, откако парламентот ја избра за претежно церемонијалната функција. Од друга страна, бившата еврокомесарка Далија Грибаускате беше избрана за литванска претседателка во мај 2009 година. Таа го привршува својот втор мандат и не може повторно да се кандидира. Мари-Луиз Колеиро Прека стана претседателка на Малта во 2014 година, по предлог на премиерот. Прека е втората претседателка во историјата на медитеранскиот остров.

Од друга страна, европратеничката Виорица Данчила во јануари 2018 година стана првата премиерка во историјата на Романија. И Британија е дел од овој тренд, па, така, конзервативката Тереза Меј во јули 2016 година стана втората премиерка во британската историја, по Маргарет Тачер. Надвор од ЕУ, жени се на лидерските позиции и во Норвешка (Ерна Солберг), Исланд (Катрин Јакобсдотир), Грузија (Саломе Зурабишвили) и Србија (Ана Брнабиќ).


Што се случува кога жените ќе престанат да раководат како мажи?

Крајно време е жените да престанат да се обидуваат да се напикаат во застарените костуми на НАСА, дизајнирани за мажи. Повикувајќи се на женската мудрост без извинување и пренесувајќи ја таа мудрост на позициите на моќ, можеме дури и да го спасиме нашиот свет, пишува Тина Браун, основачка на самитот „Жени во светот“, во колумна во „Њујорк тајмс“

Нова парадигма на женско лидерство се појавува во светот. Пред една година, новозеландската премиерка Џакинда Ардерн беше позната како светска лидерка што се породи во текот на мандатот. Потоа следуваше масакрот во џамиите во Крајсчрч и нејзиното лице, обвиено со исламска шамија, прекуноќ стана иконска слика на глобалната хуманост. Неколку земји, од Грузија преку Етиопија до Словачка, неодамна ги добија своите први претседателки. Жените сега раководат со индустрии што порана беа исполнети само со мажи. Помеѓу 42 нови конгресменки во САД, младите ѕвезди како Александрија Оказио Кортез нѐ придвижуваат со нивната страст и ентузијазам, пишува Тина Браун, основачка на самитот „Жени во светот“, во колумна во „Њујорк тајмс“.

Во текот на илјадниците години цивилизација, жените еволуираа за да се справуваат со огромните тешкотии на животот и да најдат средства за мирољубива коегзистенција, додека, пак, мажите традиционално наоѓаа патишта до конфликт. Жените акумулираа најразлични знаења, кои до неодамна беа отфрлани во машките кругови на моќ. Алхемијата за тоа што ги направи жените какви што се е мистериозна – дали тоа е резултат на векови поминати обидувајќи се да преживеат и да напредуваат во општества во кои беа сметани за помалку важни? Или пак, до неодамна, секогаш беа назначувани за чувари на семејството, носејќи ги и одгледувајќи ги децата, грижејќи се за старите родители, често оставени сами да го носат неплатениот товар на реалниот живот? Жените научија и подучуваат лекции како да се справите со најневозможни работи на начини на кои мажите традиционално не се справуваат. Подучувањето слаб ученик за домашната работа по цел ден исполнет со маки на работа, нуди длабоко искуство на одложено задоволство.

Мудроста на жената делумно потекнува и од големите турбуленции во нејзиниот живот. До неодамна, ваквата мудрост беше жигосана како народна или потценета како секундарна. Но како што жените ги преземаат своите нови улоги, вредноста на таа мудрост почнува да се појавува на неочекувани начини. Понекогаш токму виралниот културолошки момент нѐ потсетува, смета Браун.

Крајно време е жените да престанат да се обидуваат да се напикаат во застарените костуми на НАСА, дизајнирани за мажи. Спасот не е во следењето на традиционалните машки патеки. Повикувајќи се на женската мудрост без извинување и пренесувајќи ја таа мудрост на позициите на моќ, можеме дури и да го спасиме нашиот свет, заклучува Браун.

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн ја сплоти нацијата по масакрот во џамиите во Крајстчрч

[email protected]