Изминатиот период во политичките кругови големо внимание му се посветуваше на прашањето за цензусот со сите негови подваријанти. Па, така, се јавија толкувања дека во случај на непостигнат цензус, функцијата претседател на државата ја врши спикерот на парламентот но и тврдења дека не постои уставен автоматизам претседателот на Собранието по сила на Уставот да ја врши функцијата претседател на државата. Со ова уште еднаш се покажа дека за дневнополитички потреби секој различно ги чита и толкува законите
Почетокот на претседателската кампања и податоците на Државната изборна комисија за официјалната бројна состојба на избирачкиот список, според кој право на глас ќе имаат 1.808.131 избирачи, не ги отстранија сомнежите и недовербата дали во вториот круг може да биде постигнат потребниот цензус за избор на нов претседател на државата. Сите шпекулации од пред почетокот на кампањата во врска со ситуацијата што би се создала ако во оваа изборна постапка не биде избран претседател на државата, веќе добиваат пореални контури, но и толкувања како законски би бил регулиран тој евентуален „беспретседателски период“.
– Ако нема одзив од 40 проценти во вториот круг, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори. На тие избори може да учествуваат и кандидатите што сега учествувале доколку бидат поддржани од своите поддржувачи, како што е сега случајот од група избирачи или од најмалку 30 пратеници или можат да бидат други кандидати. Значи нема ограничувачки фактор во таа смисла, меѓутоа треба веднаш да се распишат и одржат изборите – смета претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
Повикувајќи се на членот 82 став 1 од Уставот, според кој до изборот на нов претседател на републиката, функцијата претседател на републиката ја врши претседателот на Собранието, но во строго определени случаи, како во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, како логично решение на можноста за беспретседателски период, во јавноста се чини дека е апсолвирано мислењето дека вршител на должноста би бил актуелниот парламентарен спикер – Талат Џафери. Таквата солуција е толку доминантна во изборната атмосфера, што некои аналитичари го нарекуваат Талат Џафери – четврти претседателски кандидат.
Но, според други аналитичари, не постои уставен автоматизам претседателот на Собранието по сила на Уставот да ја врши функцијата претседател на републиката.
– Врз основа на членот 82 став 1, а во врска со членот 87 став 3 од Уставот, независно од мандатот на актуелниот претседател на Републиката, не постои уставна можност, доколку не биде избран нов претседател на републиката при повторување на изборната постапка, функцијата претседател на републиката да ја врши претседателот на Собранието! Претседателот на републиката на кој му престанал мандатот, останува на должност до изборот на нов претседател на Републиката! Никаде во Уставот не е утврдена можност претседателот на Собранието да ја врши функцијата претседател на републиката доколку не биде избран нов претседател на републиката! Точно е дека во согласност со членот 80 став 1 од Уставот „претседателот на републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.“ Но никаде во Уставот не пишува дека доколку не биде избран нов претседател на републиката, функцијата до изборот на нов ја врши претседателот на Собранието – вели Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес.
Водејќи се од аналогијата соодветна на членот 93 став 5 од Уставот, „владата на која ѝ престанал мандатот останува на должност до изборот на нова влада“, Петров смета дека „доколку на 5 мај 2019 година не биде избран нов претседател на републиката, Иванов останува во претседателската резиденција на Водно до изборот на нов претседател на републиката, кога и да се случи тоа по 12 мај 2019 година!“
Наспроти Тодор Петров, уставниот судија Трендафил Ивановски смета дека нема никаква можност актуелниот претседател Ѓорге Иванов да продолжи да ја извршува функцијата и по завршувањето на неговиот претседателски мандат.
– Мандатот на актуелниот претседател завршува, а со тоа се завршени и неговите ингеренции за вршење на должноста. Продолжување на завршен претседателски мандат е можно само во случај на војна или некои други вонредни околности. Непостигнување изборен цензус не претставува вонредна околност. Сметам дека состојбата на изборниот список не е реална, иако таа е прифатена од Државната изборна комисија и, според тоа, големи се шансите да не биде постигнат цензусот во вториот круг од изборите. Во Уставот не е децидно наведен временскиот рок кога треба да се спроведат повторени избори во услови на претходно неуспешен избор, но верувам дека тогаш се применува членот 82, став 4, па „во случај на престанок на мандатот на претседателот на републиката од какви било причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“. Во тој период од 40 дена за повторен избор, претседателот на Собранието ja извршува должноста претседател на државата и меѓу другото веднаш ги распишува новите претседателски избори. Но притоа, во време додека ја извршува претседателската должност, иако парламентарен спикер, тој има право да учествува во работата на Собранието, без право да одлучува – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.