Испраќањето на два руски воени авиони во Венецуела предизвика вербална војна помеѓу Москва и Вашингтон, што потсетува на случувањата од Сирија, пишува Блумберг. Во летото во 2015 година, Сергеј Лавров помогна во преговарањето на нуклеарен договор со Иран, а Русија склучи уште една спогодба, за воспоставување воени бази во Дамаск, Сирија. САД, тогаш негодуваа, но не сторија ништо да ја спречат Русија од преземање на контролата врз сирискиот воздушен простор. Сега постојат извесни сличности со ситуацијата во Венецуела, каде што Кремљ испрати товарни авиони, по што Доналд Трамп порача оти Русија треба да се држи настрана од јужноамериканската држава.
Но, сличностите завршуваат тука. Руските летови за Каракас не се толку битни, како што се претпоставува, вели одреден извор од американската власт чија работа е поврзана со кризата во Венецуела. Според американските проценки, нема зголемување на рускиот персонал во Венецуела, откако кризата почна во јануари. Истиот извор смета дека руските сили биле испратени да го заштитат рускиот цивилен персонал во државата и да извршат одржување на рускиот систем за воена одбрана во Венецуела, што беше оштетен за време на рестрикциите со електрична енергија.
– Главната вредност од рускиот потег е симболична. Тој доаѓа откако се зголеми притисокот врз военото водство во Венецуела за постигнување на договор со опозицијата за отстранување на претседателот Николас Мадуро и да одржат избори. Руската воена помош претставува сигнал, дека барем засега, Москва нема намера да ја прекине поддршката за Мадуро – се наведува во анализата на „Блумберг“.
Во меѓувреме, се претпоставува дека Трамп ќе има одговор на воената помош испратена од Русија. Администрацијата на американскиот претседател ја разгледува можноста за дополнителни санкции, односно за засилување на постоечките санкции за Венецуела.
– Како што стојат работите, Русија не испрати доволно оружје, ниту луѓе, за да направи разлика за Мадуро. Дополнителните санкции веројатно ќе ги одвратат понатамошните намери на Русите. Во секој случај, администрацијата на Трамп ќе може да ја продолжи практиката за поттикнување на ненасилната, демократска транзиција во Венецуела – заклучува американскиот медиумски сервис.