Фото: „Нова Македонија“

Во согласност со генералниот урбанистички план на Скопје, донесен во 2012 г., на просторот на сегашниот клинички центар „Мајка Тереза“ е формиран нов опфат со име детален урбанистички план градска четврт Ј 21 – клинички блок и геолошки завод каде што ќе бидат сместени јавни институции, ќе бидат изградени станови, три факултети и други објекти

Дислокацијата на стариот клиничкиот центар и почнувањето на подготвителните работи за новиот на влезот на Ѓорче, предвидени за идната година, отвори многу дилеми, дискусии и размислувања кај граѓаните за тоа што ќе се случи со старата болничка локација. Ќе се урнат ли повеќето стари и дотраени болнички згради, што ќе се изгради на нивно место, ќе никне ли елитна населба и дали ќе има нови сообраќајни поврзувања со сегашната закочена улица Водњанска. Бидејќи веќе е избрана новата локација за новиот клинички центар, ништо не ги спори плановите за овој простор под падините на Водно. Деталниот урбанистички план за градската четврт Ј 21 е речиси во завршна фаза. Од општината Центар велат токму на тој простор од стариот клинички центар, во согласност со новиот генерален урбанистички план на Скопје, донесен уште во 2012 година, на тоа место е формиран нов опфат, таканаречен детален урбанистички план градска четврт Ј 21. Планот предвидува изградба на јавни институции, објекти за домување и комерцијални и деловни работи, како и изградба на три високошколски установи, односно три факултети.

– Во согласност со новиот генерален урбанистички план на Скопје, донесен во 2012 г., на тоа место е формиран нов опфат со име градска четврт Ј 21 – клинички блок и геолошки завод во кој е предвидена доминантна намена на објекти од В-категорија, односно јавни институции. Истиот ДУП содржи и објекти од А и Б-категорија, односно објекти со намена домување и комерцијални и деловни работи. Во моментов, изработката на ДУП-от е во завршна фаза и на тој простор е предвидена е изградба на три факултети – медицински, стоматолошки и фармацевтски, но и студентски дом. Сообраќајните решенија во ДУП-от дополнително ќе се утврдуваат и ќе се изведуваат – велат од општината Центар.

Дислокацијата на стариот клинички центар ги подели граѓаните во нивните размислувања. Едни се прашуваат дали е навистина подобро да се дислоцира стариот клинички центар и да биде надвор од градот, како што одлучи Владата, или можеби е подобро да си остане стариот. За некои, на пример, нелогично е да се урнат сите згради од болничкиот комплекс, бидејќи има и такви што се изградени неодамна. Понов е објектот на гинекологија, изграден од пред неколку години, како и зградата на кардиологија и онаа на психијатрија. Други, пак, се во дилема колку просторот ќе стане пренаселен или, пак, сообраќајно уште пооптоварен ако се изградат нови објекти, со оглед на тоа што и сега има голем метеж по улицата Водњанска кон клиничкиот комплекс. Дали ќе биде уште пофреквентно, ако никнат објекти за домување, исто така, за многумина е дискутабилно, ама за најголем дел од скопјани е важно да се обезбедат доволно зелени површини што постојано недостигаат за да се достигне европскиот просек на зеленило по жител.

[email protected]