Турбулетните односи помеѓу Грција и Турција повторно се заоструваат поради низа настани и меѓусебни обвинувања, што е помалку неочекувано, откако лидерите на двете држави Алексис Ципрас и Реџеп Таип Ердоган, се заложија за мирно решавање на проблемите при нивната неодамнешна средба во Анкара.
Грчкото министерство за надворешни работи вчера му упати демарш на турскиот амбасадор во Атина, Бурак Озугергин, во знак на протест поради наводниот инцидент при летот на грчкиот премиер кон островот Агатониси. Ципрас тврди дека турски воени авиони летале во непосредна близина на хеликоптерот со кој тој патувал кон Агатониси, на одбележувањето на 182-та годишнина од востанието против Отоманската Империја, што турските медиуми го негираа, повикувајќи се на анонимни извори во турската војска. Грчкиот весник „Катимерини“, пак, посочува дека турските авиони го нарушиле грчкиот воздушен простор 47 пати во текот на грчкиот национален празник.
Грчката влада изрази негодување и поради сугестијата на Ердоган според која некогашната византиска црква „Света Софија“, која сега е музеј, би можела да биде пренамената во џамија. Грција реагираше и на забелешките на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар кој јавно истакна оти Турција го контролира Егејот.
Серијата настани што предизвикаа тензии меѓу соседите, доаѓа по најавите за смирување на турбулетните меѓудржавни односи.
Наводниот инцидент со летот на Ципрас се случи неколку дена откако министрите за надворешни работи, Јоргос Катругалос и Мевлут Чавушоглу, се согласија дека делегации од двете држави ќе се сретнат за да разговараат за мерки за стекнување доверба, врз основа на спогодба потпишана во 1988 година.
Ердоган, за време на посетата на Ципрас во Турција во февруари, изјави дека проблемите со Грција можат да се решат по „мирен пат“, иако постојат несогласувања. Грчките медиуми, пак, видоа „мали и претпазливи чекори за приближување“ помеѓу двете земји.
Грција и Турција честопати посочуваат нарушувања на воздушниот простор од другата страна, а односите се влошија откако Грција одби да изврши екстрадиција на осумте турски војници обвинети од Анкара за учество во воениот удар во Турција, во 2016 година. Покрај барањето екстрадиција на турските војници, Ердоган при посетата на Атина во 2017 година, побара и ревизија на Лозанскиот договор од 1923 година, што грчката влада нема намера да го стори. Договорот ја обликуваше турската држава и ги нормализира грчко-турските односи по еден век војување. Повикот за повторно разгледување на спогодбата ја навести турската желба за поширока ревизија на грчко-турскиот статус кво. Грција и Турција се во спор и поради територијалните води, континенталниот гребен и експлоатирањето на подводните минерални ресурси. М.Ж.